„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Одлука на Уставен суд на РСМ со која се укинува член 2 став 1 и 4 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија

12.06.2024

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска,претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија" бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15.05.2024 година, донесе
ОДЛУКА
 
1. СЕ УКИНУВА член 2 ставови 1 и 4 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2021).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
По поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, на седницата одржана на 21 февруари 2024 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 ставови 1 и 4 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2021).
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 2 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, овој закон има предимство пред другите закони.
Според ставот 4 од истиот член, одредбите од овој закон не можат да се изменат, дополнат или престанат во целост или делумно со одредбите од друг закон.
III
Според член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.
Народната банка на Република Северна Македонија, согласно со член 60 став 1 од Уставот, е емисиона банка. Согласно со ставот 2 од истиот член, Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство. Во ставот 3 од истиот член е утврдено дека организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.
Согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.