„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Акт на Уставниот суд на Република Северна Македонија

03.06.2024

Врз основа на член 113 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 27 мај 2024 година, донесе
АКТ НА УСТАВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Предмет на уредување
 
Член 1
Со овој акт се уредуваат прашања кои се однесуваат на начинот на работа на Уставниот суд на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Уставен суд) како што се функционалната и финансиската независност, административната самостојност, јавноста во работата, внатрешната организација, актите на Судот, нивното правно дејство и извршување, правата и должностите на претседателот на Судот и судиите кои произлегуваат од вршењето на функцијата, како и постапките пред Судот преку кои се остваруваат неговите надлежности и други прашања во врска со начинот на работа и постапката пред Судот.
Независност и самостојност
Член 2
Уставниот суд е независен и самостоен во однос на сите органи на државната власт, кој ги врши своите надлежности во согласност со Уставот на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Уставот), овој акт и другите акти на Судот.
Гаранција и остварување на независноста и самостојноста
Член 3
Независноста и самостојноста на Уставниот суд се гарантираат и остваруваат преку почитување на неговата функционална и финансиска независност, административна самостојност, како и статусот на судиите кој ја обезбедува нивната независност и непристрасност.
Седиште на Уставниот суд
Член 4
Седиштето на Уставниот суд е во Скопје.
Обележја на Уставниот суд
Член 5
(1)Обележја на Судот се печат и лого.
(2) Судот има печат со облик на круг кој во средината го содржи грбот на Република Северна Македонија околу кој во концентрични кругови е испишан текст „Република Северна Македонија - Уставен суд на Република Северна Македонија - Скопје”.
(3) Судот има мал печат со иста содржина како печатот од став 2 на овој член.
(4) Судот има лого во кој примарен симбол е отворена книга - визуелен приказ на Уставот. Во долниот дел, на лабел лента е аплициран називот на институцијата, од лентата од двете страни во кружна форма излегуваат дабови гранчиња, додека во горниот дел, на лабел лента е аплицирано државното знаме.
Должност за доставување податоци, информации и материјали
Член 6
Секој е должен на Уставниот суд да му дава податоци, информации и материјали по прашања од интерес за водење на постапката.
Јавност во работата
Член 7
(1) Работата на Уставниот суд е јавна.
(2) Прашањата кои се однесуваат на јавноста во работата, како и случаите на нејзино исклучување се уредуваат со овој акт.
Употреба на јазици и писма
Член 8
Во работата на Уставниот суд се обезбедува примена на јазиците и писмата согласно со Уставот и закон.
II. НАЧИН НА РАБОТА НА УСТАВНИОТ СУД
Поднесоци
Член 9
(1) Своите надлежности, Уставниот суд ги врши по претходно примен поднесок.
(2) Поднесоците по кои Судот постапува се:
- иницијатива за оценување уставност на закон;
- иницијатива за оценување уставност и законитост на друг пропис или колективeн договор;
- иницијатива за оценување уставност на програма и статут на политичка партија и на здружение на граѓани;
- барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот;
- предлог за решавање судир на надлежности меѓу носителите на законодавната,извршната и судската власт;
- предлог за решавање судир на надлежности меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
- предлог за утврдување одговорност на претседателот на Републиката;
- предлог за одземање имунитет на претседателот на Републиката и
- предлог за одземање имунитет на судија на Уставниот суд.