Врз основа на член 138 став (3) од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 151/22), министерот за финансии донесе
ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМАТА, СОДРЖИНАТА, НАЧИНОТ И РОКОВИТЕ ЗА ВНЕСУВАЊЕ И АЖУРИРАЊЕ НА ПОДАТОЦИ ВО ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА СЛУЧАИ И НАЧИНОТ НА СЛЕДЕЊЕ НА СЛУЧАИTE
Член 1
Со овој правилник се пропишува формата, содржината, начинот и роковите за внесување и ажурирање на податоци во електронскиот систем за следење на случаи и начинот на следење на случаите.
Член 2
(1) Електронскиот систем за следење на случаи кои произлегуваат од надлежностите на Управата за финансиско разузнавање (во натамошниот текст: Управата), е модул на апликацијата за работа со предмети во Управата, во кој електронски се внесуваат податоците.
(2) Покрај Управата, во системот од ставот (1) на овој член податоци електронски внесуваат и надлежните органи до кои Управата доставува извештаи и известувања, и тоа:
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за финансии- Управа за финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност, Министерството за финансии- Царинска управа, Министерството за финансии- Управа за јавни приходи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Министерството за одбрана, Државната комисија за спречување на корупцијата и др. (во натамошниот текст: надлежниот орган).
Член 3
Електронскиот систем од член 2 од овој правилник ги содржи следните податоци:
А) Податоци за доставениот извештај или известување:
А.1. Архивски број на извештај/известување (се наведува број на доставениот извештај/известување),
А.2. Датум на доставување на извештајот/известувањето до надлежна институција (се наведува датумот кога е доставен извештајот/известувањето),
А.3. Извештај/известување (се наведува „извештај“ или „известување“ во зависност од тоа дали е доставен извештај или известување) и
А.4. Надлежен орган (се наведува надлежениот орган до кој е доставен извештајот/известувањето).
Б) Податоци за постапување по доставен извештај или известување
Б.1. Датум на пополнување (се наведува датумот кога се внесуваат или ажурираат податоци во системот),
Б.2. Архивски број (се наведува архивскиот број под кој надлежниот орган го заверува примениот извештај или известување),
Б.3. Датум на доделување за работа (се наведува датумот кога добиениот извештај/известување е доделен за работа),
Б.4. Исход од извештајот или известувањето (се наведува моменталниот статус на постапување од страна на надлежниот орган по добиениот извештај или известување),
Б.5. Конечен исход (се пополнува кога предметот е завршен, со слободен внес се наведува исходот од постапувањето),
Б.6 Поднесена кривична пријава, известување, обвинителен акт или пресуда (се наведува ДА/НЕ). Доколку е наведено НЕ не се внесуваат податоци. Доколку е наведено ДА, се пополнуваат следните податоци:
Б.6.1. Број на предмет (се наведува архивскиот број на надлежниот орган),
Б.6.2 Датум на поднесување (се наведува датумот кога е поднесена кривичната пријава, известувањето, обвинителниот акт или донесена пресуда),
Б.6.3. Надлежен орган (се одбира надлежен орган до која е доставена кривичната пријава или обвинителниот акт),
Б.6.4. Број на физички и правни лица во случајот,
Б.6.5. Кривични дела и
Б.6.6. Незаконски прибавен принос.
Член 4
(1) Секој финансиски разузнавач во Управата по завршување на предметот кој му бил доделен за работа електронски внесува податоци во системот од членот 2 од овој правилник за секој извештај или известување кој се доставува до надлежен орган.
(2) Финансискиот разузнавач од ставот (1) на овој член пристапува до системот од членот 2 од овој правилник преку апликацијата за работа со предмети.
(3) Финансискиот разузнавач од ставот (1) на овој член, податоците од членот 3 точка А) од овој правилник ги внесува со пополнување на означените полиња со нумерички податоци или со избор на текст од опаѓачко мени.
Член 5
(1) За внесување и ажурирање на податоците од член 3 точка Б) од овој правилник, од страна на надлежниот орган се номинира лице или лица, за што писмено се известува Управата.
(2) Номинираното лице од ставот (1) на овој член за да пристапи до системот од членот 2 од овој правилник, по поднесено барање за регистрација добива корисничко име и лозинка од страна на Управата. Надлежниот орган може да побара повеќе кориснички имиња и лозинки.
(3) Номинираното лице од ставот (1) на овој член со корисничкото име и лозинка, до системот од членот 2 од овој правилник пристапува преку веб страницата на Управата: www.ufr.gov.mk.
(4) Номинираното лице од ставот (1) на овој член електронски ги внесува или ажурира податоците од членот 3 точка Б) од овој правилник за секој добиен извештај или известување.
(5) Ако надлежниот орган до кој е доставен извештајот, односно известувањето по своето постапување го проследи случајот до друг надлежен орган, номинираното лице од ставот (1) на овој член од надлежниот орган до кој е проследен случајот ги внесува и ги ажурира податоците во системот од членот 2 од овој правилник за понатамошниот исход од нивното постапување.
(6) Номинираното лице од ставот (1) на овој член, покрај податоците од членот 3 точка
Б) од овој правилник може да прикачи и други документи (извештаи, известувања, кривични пријави и др.).
Член 6
(1) Податоците во системот од членот 2 од овој правилник електронски се внесуваат веднаш по доставувањето на извештајот или известувањето до надлежен орган.
(2) Номинираното лице од членот 5 став (1) од овој правилник ги внесува и ажурира податоците во системот од членот 2 од овој правилник на секои шест месеци од датумот на доделување на работа на извештајот или известувањето во надлежениот орган до добивање конечен исход од нивното постапување.
Член 7
(1) Управата има пристап до сите податоци кои се внесени во системот од членот 2 од овој правилник.
(2) Надлежниот орган има пристап до податоците за случаите за кои внесувал или ажурирал податоци.
(3) За следење на напредокот на случаите, Управата на секои шест месеци електронски го утврдува исходот од постапувањето по секој случај врз основа на податоците кои се внесени во системот од членот 2 од овој правилник.
(4) Податоците од ставот (3) на овој член се водат во табеларен приказ каде на сублимиран начин се прикажува исходот од постапувањето по секој доставен извештај и известување.
Член 8
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Бр. 02-5856/1
27 мај 2024 година
Скопје
Министер за финансии,
д-р Фатмир Бесими, с.р.