„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за формата, содржината и начинот на доставување на барање за финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, како и потребната документација за исполнување на условите за финансиската поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, како и потребната документација за исполнување на условите за финансиската поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми

29.05.2024

Врз основа на член 28-б став (4) од Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/13 и 13/14 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 63/24 и 74/24), министерот за информатичко општество и администрација, донесе
ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМАТА, СОДРЖИНАТА И НАЧИНОТ НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ПЕЧАТЕЊЕ И ДИСТРИБУЦИЈА НА ПЕЧАТЕНИ МЕДИУМИ, КАКО И ПОТРЕБНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ИСПОЛНУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА ЗА ПЕЧАТЕЊЕ И ДИСТРИБУЦИЈА НА ПЕЧАТЕНИ МЕДИУМИ
 
Член 1
Со овој правилник се пропишува формата, содржината и начинот на доставување на барањето за финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми до Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата) за учество на јавниот повик за финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, како и потребната документација за исполнување на условите за финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми.
Член 2
Барањето за финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, се поднесува на образец на А4 формат на бела хартија, чија содржина е дадена во прилог кој е составен дел на овој правилник.
Член 3
Во прилог кон барањето од член 2 од овој правилник, барателот доставува:
- потврда од Министерството за финансии - Управа за јавни приходи за платени јавни давачки за претходната календарска година;
- потврда дека не е отворена постапка за стечај;
- потврда дека не е отворена постапка за ликвидација;
- потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не e изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство;
- потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не e изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
- потврда дека со правосилна пресуда не e изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност;
- потврда за регистрација на печатениот медиум во Регистарот на издавачи на печатени медиуми во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги;
- писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице на подносителот на барањето дека печатениот медиум печател и дистрибуирал на пазарот најмалку три години до денот на објавувањето на јавниот повик;
- писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице на подносителот на барањето дека печатениот медиум последните три години до денот на објавувањето на јавниот повик во континуитет се продавал на пазарот по цена од минимум 10 денари за националните дневни весници, минимум 10 денари за локалните неделници и минимум 50 денари за националните неделни и месечни печатени медиуми;
- документирани докази за направените трошоци за печатење на печатениот медиум за претходната календарска година;
- документирани докази за направените трошоци за дистрибуција на печатениот медиум за претходната календарска година;
- потврда за тековна состојба на субјектот од Трговскиот регистар и Регистарот на други правни лица;
- изјава заверена на нотар дека печатениот медиум е дневен, неделен, месечен или локален печатен медиум од општ информативен карактер кој објавува содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални теми и прашања и
- изјава заверена кај нотар дека барателот под морална, материјална и кривична одговорност гарантира за точноста и веродостојноста на наведените податоци во барањето.
Како документирани докази за направените трошоци за дистрибуција на печатениот медиум од став 1 алинеја 10 и алинеја 11 од овој член се сметаат и доказите кои се искажани во форма на рабат на фактури.
Член 4
Пополнетиот Образец на барањето од член 2 од овој правилник, заедно со потребната документација од член 3 од овој правилник, се доставува во еден оригинален примерок, во затворен плик, лично или преку пошта на место и во време определено со јавниот повик.
Еден корисник може да поднесе само едно барање за користење на средствата за финансиска поддршка за иста календарска година.
Во случај на поднесување на непотполно, неуредно или барање кое нема да ја содржи потребната документација од член 3 од овој правилник, Комисијата за поддршка на печатени медиуми (во натамошниот текст: Комисијата) му одредува на барателот рок во кој е потребно да ја дополни документацијата и да ги отстрани недостатоците во барањето.
Доколку барателот не ја дополни документацијата и не ги отстрани недостатоците во барањето во рокот определен од Комисијата, се смета дека барањето е нецелосно.
Член 5
Барањето од член 2 од овој правилник се доставува до Владата од денот на објавување на јавниот повик до последниот ден на траење на јавниот повик.
Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледани.
Член 6
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2025 година.
Бр. 15-1735/1
21 мај 2024 година
Скопје
 
Министер за информатичко
општество и администрација,
Наим Бајрами, с.р.