„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за формата и содржината на барањето за остварувањето на ослободувањето од данок на додадена вредност, увозни давачки и акциза на енергенти и данок на моторни возила за патнички автомобили и потребната документација која треба да се достави кон барањето

29.05.2024

Врз основа на член 7 став 2 од Законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавно претпријатие за државни патишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 150/22), министерот за финансии донесе
ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА БАРАЊЕТО ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОД ДАНОК НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ, УВОЗНИ ДАВАЧКИ И АКЦИЗА НА ЕНЕРГЕНТИ И ДАНОК НА МОТОРНИ ВОЗИЛА ЗА ПАТНИЧКИ АВТОМОБИЛИ И ПОТРЕБНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА ТРЕБА ДА СЕ ДОСТАВИ КОН БАРАЊЕТО
 
Член 1
Со овој правилник се пропишува формата и содржината на барањето за остварување на ослободувањето од данок на додадена вредност, увозни давачки и акциза на енергенти и данок на моторни возила за патнички автомобили и потребната документација која треба да се достави кон барањето.
Член 2
Барањето за остварување на ослободувањето од данок на додадена вредност, увозни давачки и акциза на енергенти и данок на моторни возила за патнички автомобили се поднесува на образец во А4 формат на хартија во бела боја.
Формата и содржината на барањето од став 1 на овој член се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.
Член 3
Кон барањето од член 2 од овој правилник се доставува следната потребна документација:
- копија од Договорот за заем за финансирање на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово;
- фактура, про-фактура или договор за купопродажба, издадени од странски испорачател и
- изјава дека увезените добра/стоки се наменети за реализација на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово.
Кога барањето од член 2 од овој правилник е поднесено од избраниот изведувач од страна на Јавното претпријатие за државни патишта, покрај документацијата од став 1 на овој член, се доставува и потврда од Јавното претпријатие за државни патишта дека избраниот изведувач е избран да врши договорни работи на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово.
Член 4
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 23-3297/1
21 мај 2024 година
Скопје
Министер за финансии,
д-р Фатмир Бесими, с.р.