„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

10.02.2022

 Со членот 1 се менуваат алинеите 1 и 2 од ставот 1 на член 4 и се утврдува усогласувањето на минималната плата да се врши со 50% од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Покрај тоа се додава три нови ставови (2), (3) и (4).  Со ставот (2) се утврдува дека утврдената висина на минимална плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија за претходната година, објавени според податоците на Државниот завод за статистика. Со ставот (3) се утврдува дека просечниот износ на исплатената месечна нето плата за работник кој работи помалку од полното работно време се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот, а со ставот (4) дека во просечниот износ на исплатената месечна нето плата за работник, не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа. Со ставот 5 се утврдува дека исплатата ќе започне да се врши од месец април 2022 година за платата за месец март 2022 година.
Со членот 2 во главата II-а ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ИСПЛАТА НА МИНИМАЛНА ПЛАТА И КОНТРОЛА ВО ОСТВАРУВАЊЕТО И КОРИСТЕЊЕТО НА ФИНАНСИСКАТА ПОМОШ, членовите 4-а, 4-б, 4-в, 4-г, 4-д, 4-ѓ и 4-е се менуваат. Имено, со новиот член 4-а, се предвидува финансиска помош од Буџетот на Република Северна Македонија за периодот март-декември 2022 година, за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата,  во износ од 1.197,00 денари. Притоа, со ставот (2) на овој член се дефинира дека оваа финансиска помош се обезбедува на работодавачите за работниците на кои основната плата ќе се исплати до нивото на бруто плата во износ од 26.422,00 ден.
Со членот 4-б финансиската помош ќе се обезбедува, доколу се исполнат одредени услови, односно доколку работодавачот има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација, работникот за кој се обезбедува финансиската помош да не е ослободен од плаќање на данок на личен доход или придонеси од задолжително социјално осигурување и работодавачот да ги има подмирено обврските за вработените по основ на плата, придонесите од задолжително социјално осигурување  и даноците,  заклучно со последниот ден од месецот кој претходи на месецот за кој се обезбедува финансиската помош. Притоа, финансиската помош од член 4-а од овој закон, се остварува по исплатата на платата за месецот за кој се обезбедува финансиската помош. Со членот 4-в е предвидено работодавачот во месечната пресметка за интегрирана наплата што ја поднесува до Управата за јавни приходи, согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, да ги означи вработените лица, за кои бара обезбедување на финансиска помош. Управата за јавни приходи обработените податоци ги доставува до Министерството за труд и социјална политика, во рок од 30 дена по истекот на месецот за кој се бара исплата на финансиска помош и финансиската помош се исплатува преку Министерството за труд и социјална политика. Во членот 4-г се утврдува дека ќе се пропише подзаконски акт за начинот на обезбедување на финансиската помош. Со член 4-д е предвидено за работникот за кој ќе се обезбеди финансиска помош, работодавачот истиот да не може да го отпушти најмалку 1 година по добивање на помошта, а ако го отпушти има обврска да ги врати средствата, освен во случај на смрт на работникот, остварување на право на пензија и престанок на работниот однос по вина или волја на работникот. Со членот 4-ѓ е предвидено Управата за јавни приходи да врши контрола во остварување  и користење на финансиската помош. 
Со членот 3 на овој закон е предвидено дека финансиска помош не може да се оствари за обврзник работодавач кој користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за работници, согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата („Службен весник на Република Северна  Македонија" бр. 239/19)   и работодавач обврзник кој користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за работници, за периодот додека ја користи мерката.  
Со членот 4 се утврдува висината на минимална плата во бруто износ за март 2022 година заклучно со исплатата  на платата за месец февруари 2023 година да изнесува 26.422 денари и овој износ ќе биде основа за усогласување на минималната плата во месец март 2023 година.