Врз основа на член 27 став (1) алинеја 1 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08, 53/11, 123/12, 70/13, 164/13, 138/14, 154/15, 192/15, 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/19 и 87/23), министерот за внатрешни работи донесе
ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ И ПОСТАПКАТА НА РЕГИСТРАЦИЈА НА
ВОЗИЛАТА
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот и постапката на регистрација на возилата.
Член 2
Регистрација на возилата се врши со впишување на регистарската ознака и податоци за сопственикот, односно корисникот во сообраќајната дозвола, издавање сообраќајна дозвола, односно продолжување на важноста на сообраќајната дозвола и издавање пропишан број на регистарски таблици.
Член 3
(1) Регистрација на возилата се врши по поднесено барање за регистрација на возила.
(2) Барањето од став (1) на овој член, се поднесува на Образец кој се печати на хартија со бела боја на А4 формат.
(3) Образецот на барањето од став (1) на овој член, е даден во Прилог и е составен дел на овој правилник.
(4) Образецот на барањето од став (1) на овој член, ги содржи следните податоци: назив на органот до кој се поднесува барањето, наслов на барањето, причина за поднесување на барањето, податоци за прва регистрација на возилото во Република Северна Македонија, податоци за претходна регистрација, податоци за сопственикот, односно корисникот на возилото (физичко/правно лице), податоци за возилото, докази за регистрација на возилото, согласност од подносителот на барањето, датум и место на поднесување, потпис на подносителот, податоци за контакт и потпис на службеното лице кое го примило барањето.
(5) Барањето од став (1) на овој член, го поднесува сопственикот односно корисникот на возилото.
(6) Корисникот на возилото треба да приложи писмена согласност од сопственикот на возилото, заверена на нотар.
(7) Барањето од став (1) на овој член, се поднесува до надлежната организациска единица нa Министерството за внатрешни работи (во натамошниот текст: Министерството), според живеалиштето/седиштето на подносителот на барањето.
(8) Идентитетот на подносителот на барањето од став (1) на овој член, се утврдува со увид во важечка лична карта, издадена од државен орган на Република Северна Македонија.
(9) Доколку се исполнети условите предвидени со закон, возилото се регистрира.
(10) Доколку не се исполнети условите предвидени со закон, се постапува согласно одредбите од Законот за возила и Законот за општата управна постапка.