„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
20.01.2022
Со Предлог законот за изменување на Законот за Царинска тарифа се врши намалување на царинските стапки за одредени стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во домашната индустрија.
Со донесување на овој закон ќе се реализира мерката 17 од петтиот сет економски мерки за ревитализација на економијата во услови на COVID -19, која се однесува на тоа да се намалат царинските стапки на ниво на Европската унија за најприоритетните стоки кои како суровини и репроматеријали се користат во преработувачка индустрија.
Предлог законот предвидува да се изврши намалување на царинските стапки до нивото на царинските стапки кој важат во Европската унија, со што ќе се придонесе и за поголема усогласеност со Царинската тарифа на Европската унија и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги предвид и правилата на Светската Трговска Организација.
Намалувањето на царинските стапки е од големо значење и важност и истото директно ќе помогне на домашната индустрија, истата ќе ги зголеми своите капацитети, извозната конкурентност на домашните компании, ќе се зголеми извозот на домашните компании и се очекува зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата. Во контекст на ова, потенцираме дека и самиот Предлог закон е правен во соработка и консултации со бизнис заедницата преку Стопанските комори во Република Северна Македонија.
Со Предлог законот се опфатени суровини и производи кои не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Република Северна Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи во примена во Европската унија. Со намалувањето на увозните давачки - царинските стапки на ниво од ЕУ, висината ќе се приближи кон царинските стапки што се применуваат во Европската унија, што значи ќе се овозможи да се подобри конкурентноста на домашните компании и ќе има поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори.
Значајни сегменти кои се опфатени со новиот Предлог закон е дека со истиот, ќе се намалат царинските стапки за поголем број на стоки, кои како суровини или репроматеријали кои се користат во технолошко напредното производство, односно одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија, исто така директно ќе се помогне во секторите на автомобилска, метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија, кои во 2020 година забележаа сериозен пад во индустриското производство.