Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска,
претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко
Костадиновски, д-р Ана Павлова-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија" бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 април 2024 година, донесе
ОДЛУКА
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен
налог („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.285/2022 од 28 декември 2022 година).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
По повод иницијативата на министерот за правда, со Решението У.бр.145/2023 од 31 јануари 2024 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во диспозитивот од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 17-б став 2 од Законот за лизинг („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2002, 49/2003, 13/2006, 88/2008, 35/2011, 51/2011, 148/2013, 145/2015, 23/2016, 37/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.173/22).
Во член 1 од Правилникот се предвидува дека со овој правилник се пропишува формата и содржината на прекршочниот платен налог.
Според член 2 од истиот правилник, прекршочниот платен налог за давател на
финансиски лизинг, корисник на лизинг, односно друштво за ревизија е отпечатен на хартија со бела боја во А4 формат. Формата и содржината на прекршочниот платен налог од ставот 1 на овој член се дадени во прилог 1 кој е составен дел на овој правилник.
Согласно со член 3 од Правилникот, прекршочниот платен налог за одговорното лице во давателот на финансиски лизинг, во корисникот на лизинг, односно друштвото за ревизија е отпечатен на хартија со бела боја во А4 формат. Формата и содржината на прекршочниот платен налог од ставот 1 на овој член се дадени во прилог 2 кој е составен дел на овој правилник.
Во член 4 од оспорениот правилник се предвидува дека прекршочниот платен налог за трговец поединец-корисник на лизинг е отпечатен на хартија со бела боја во А4 формат.
Формата и содржината на прекршочниот платен налог од ставот 1 на овој член се дадени во прилог 3 кој е составен дел на овој правилник. Прекршочниот платен налог за физичко лице-корисник на лизинг, стечајниот управник односно нотар е отпечатен на хартија со бела боја во А4 формат. Формата и содржината на прекршочниот платен налог од ставот 1 на овој член се дадени во прилог 4 кој е составен дел на овој правилник.