Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска,
претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко
Костадиновски, д-р Ана Павлова – Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 април 2024 година, донесе
ОДЛУКА
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за начинот на утврдување на несообразноста и висината на процентот на намалување на директни плаќања во случај на несообразност („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.131/2023).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
По повод иницијативата на министерот за правда, со Решение У.бр.107/2023 од 5
декември 2023 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во диспозитивот од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 57 став 6 од Законот за
земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2010, 53/2011, 126/2012, 15/2013, 69/2013, 106/2013, 177/2014, 25/2015, 73/2015, 83/2015, 154/2015, 11/2016, 53/2016, 120/2016, 1632016, 74/2017, 83/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/2019, 244/2019, 275/2019, 110/2021,123/2022 и 65/2023), министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе Правилник за начинот на утврдување на несообразноста и висината на процентот на намалување на директни плаќања во случај на несообразност.
Според член 1 од овој правилник се уредува дека со истиот се пропишува начинот на утврдување на несообразноста и висината на процентот на намалување на директни плаќања во случај на несообразност.
Во член 6 е утврдено дека овој правилник престанува да важи со пристапувањето на Република Северна Македонија во Европска Унија. Согласно член 7 од истиот, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
III
Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е
воспоставување на владеење на правото. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.