Врз основа на член 5 став (2) од Законот за акредитација („Службен весник на Република Македонија“, бр.120/09, 53/11, 41/14, 53/16 и 83/18), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 3 април 2024 година, донесе
ПРОГРАМА ЗА РАБОТА НА ИНСТИТУТОТ ЗА АКРЕДИТАЦИЈА НА
РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА 2024 ГОДИНА
I. Вовед
Согласно Законот за акредитација, Институтот за акредитација на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: ИАРСМ) е јавна установа која ги врши работите и задачите на единствено национално тело за акредитација, согласно пропишана постапка за акредитирање врз основа на овој и други закони и врши надзор над исполнувањето на барањата за акредитација.
Акредитацијата е постапка за формално признавање на оспособеноста за извршување на одредени дејности во смисла дека определено тело за оцена на сообразност ги задоволува барањата предвидени со националните, европските и меѓународните стандарди, соодветната правна регулатива, процедурите на ИАРСМ, како и препораките на европската и светските организации за акредитација. Имајќи ја предвид нејзината улога како алатка на регулаторите и државата, во одредени области акредитацијата е пропишана како законски услов кој одреден субјект мора да го исполнува, доколку за своето работење треба да се здобие со одредено овластување издадено од надлежен државен орган.
Основни области во кои се изведуваат постапките на акредитација се:
- лаборатории за тестирање и калибрација;
- медицински лаборатории;
- тела кои вршат сертификација на производи, процеси и услуги;
- тела кои вршат сертификација на системи за управување и
- тела кои вршат инспекција.