„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за начинот на управување со кредитниот ризик на финансиско друштво

12.04.2024

Врз основа на член 20-a став (3) од Законот за финансиските друштва (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/10, 53/11, 112/14, 153/15, 23/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 173/22 и 154/23), министерот за финансии донесе
ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРЕДИТНИОТ РИЗИК НА
ФИНАНСИСКО ДРУШТВО
 
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот за управување со кредитниот ризик на финансиските друштва.
Член 2
Финансиското друштво воспоставува систем за управување со кредитниот ризик за идентификување, мерење, контрола и следење на кредитниот ризик кој вклучува најмалку процедура за процена на кредитната способност, начин на утврдување на показателите за процена на кредитната способност, како и процедура за идентификација и ажурирање на податоците на клиентите.
Член 3
Одделни изрази употребени во овој правилник го имаат следново значење:
1. „Кредитен ризик“ е ризик од загуба за финансиското друштво поради неможноста
неговиот клиент да ги намирува своите обврски кон него во договорениот износ и/или во
договорените рокови;
2. „Показател ДСТИ“ (англ. debt service-to-income) е односот помеѓу износот на
вкупните обврски на физичкото лице врз основа на кредитните изложености на сите
банки, штедилници, финансиски друштва или даватели на финансиски лизинг кон тоа
лице на месечна основа и вкупните приходи на тоа физичко лице на месечна основа;
3. „Кредитна изложеност“ е изложеноста кон физичкото лице на сите банки,
штедилници, финансиски друштва или даватели на финансиски лизинг, односно
побарувања по основ на кредити (потрошувачки кредити, станбени кредити,
автомобилски кредити, кредити на кредитна картичка и други кредити), финансиски
лизинг, вклучувајќи камати, провизии, надоместоци, како и сите други обврски на
физичкото лице кои произлегуваат од користење на било кој кредитен производ;
4. „Показател ЛТВ“ (англ. loan-to-value) е односот помеѓу износот на кредитната
изложеност кон физичкото лице и вредноста на недвижноста над која е воспоставен залог
заради обезбедување на таа кредитна изложеност. Под „недвижност“ се подразбира еден
или повеќе станбени објекти, деловни простории и/или градежно земјиште кои се наоѓаат
на територијата на Република Северна Македонија и
5. „Станбен кредит“ е кредитната изложеност кон физичко лице којашто е наменета за
купување, изградба и/или реновирање станбен објект, со вкупен рок на достасување од
најмногу 30 години.