Законот за платниот промет со постојните одредби утврдува дека учесниците во платниот промет кои имаат блокирана сметка можат меѓусебното намирување на паричните обврски и побарувања преку компензација, асигнација, цесија и преземање на долг да го вршат до 31.12.2021 година. Со престанување на можноста за плаќање со пресметка ќе се доведе во прашање натамошното работење на правните лица со блокирани сметки.
Предложениот закон за изменување на законот за платниот промет има за цел да им овозможи на фирмите кои имаат финансиски проблеми да можат да вршат плаќања со пресметка на меѓусебните обврски и побарувања и во текот на 2022 година.
Со измената на Законот ќе се одложи примената на одредбата од членот 25 став (1) со што учесниците во платниот промет кои имаат блокирана сметка меѓусебните парични побарувања и обврски ќе можат да ги плаќаат со пресметка до крајот на 2022 година.
ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТНИОТ ПРОМЕТ
Член 1
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.31/20) во членот 16 зборовите „31 декември 2021“ се заменуваат со зборовите „31 декември 2022”.
Член 2
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.