„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита

04.04.2024

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА
ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА
 
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 28 март 2024 година.
Бр. 08-2160/1
28 март 2024 година
Скопје
Претседател на Република
Северна Македонија,
Стево Пендаровски, с.р.
 
Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
Јован Митрески, с.р.
 
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА
 
Член 1
Во Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16 и 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/19, 153/19, 180/19, 275/19, 77/21, 122/21, 178/21, 150/22, 236/22, 199/23, 263/23 и 30/24), во член 96 во ставот (7) зборовите: „ставот (5)“ се заменуваат со зборовите: „ставот (6)“.
Во ставот (8) зборовите: „ставовите (3), (4) и (5)“ се заменуваат со зборовите: „ставовите (4), (5) и (6)“.
По ставот (8) се додаваат три нови става (9), (10) и (11), кои гласат:
„(9) Правните лица кои имаат обврска за организирање здравствени пунктови од ставовите (4), (5) и (6) на овој член, се должни да обезбедат лица кои укажуваат медицинска помош на лица кои се наоѓаат во животнозагрозувачка состојба да завршат обука по програма за основно одржување на живот со користење на автоматски надворешен дефибрилатор, којашто ја спроведува Медицинскиот симулациски центар.
(10) По успешно завршување на обуката од ставот (9) на овој член, Медицинскиот симулациски центар издава сертификат.
(11) Програмата од ставот (9) на овој член ја донесува Медицинскиот симулациски центар, за која согласност дава министерот за здравство.“.
Ставот (9) станува став (12).
Член 2
Членот 204-а се менува и гласи:
„(1) По исклучок од членот 204 алинеја 6 од овој закон, заради непречено вршење наздравствената дејност во мрежата на здравствените установи, здравствениот работник, односно здравствениот соработник, до директорот на здравствената установа во која е вработен може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 годишна возраст.
(2) Писмената изјава здравствениот работник, односно здравствениот соработник ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот (1) на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување изјавата ја дава еднаш годишно, најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.
(3) Директорот е должен по дадената изјава да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години. Одлуката за продолжување ја донесува најдоцна до 31 август во годината што претходи на годината во која здравствениот работник, односно здравствениот соработник ги исполнува условите од членот 204 алинеја 6 од овој закон. За секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член, директорот ја донесува одлуката еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во годината што претходи на годината за која се продолжува договорот за вработување.
(4) За продолжувањето на договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник, согласно со условите од овој член, директорот на здравствената установа го известува Министерството за здравство и Фондот.“.
Член 3
Во член 312 во ставот (11) зборовите: „ставови (3), (4) и (5)“ се заменуваат со зборовите: „ставови (4), (5), (6) и (9)“.
Член 4
Одредбите од членот 1 со кој во членот 96 се додаваат три нови ставови (9), (10) и (11) ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2026 година.
Член 5
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.