„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Закон за изменување на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема

03.04.2024

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
УПРАВУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА И ЕЛЕКТРОНСКА ОПРЕМА И ОТПАДНА
ЕЛЕКТРИЧНА И ЕЛЕКТРОНСКА ОПРЕМА
 
Се прогласува Законот за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 28 март 2024 година.
Бр. 08-2170/1
28 март 2024 година
Скопје
Претседател на Република
 Северна Македонија,
Стево Пендаровски, с.р.
 
Претседател на Собранието
на Република Северна
Македонија,
Јован Митрески, с.р.
 
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА И
ЕЛЕКТРОНСКА ОПРЕМА И ОТПАДНА ЕЛЕКТРИЧНА И ЕЛЕКТРОНСКА ОПРЕМА
 
Член 1
Во Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 176/21), во член 36 ставот (2) се менува и гласи:
„Висината на надоместокот од ставот (1) на овој член, изразена во ден/кг. По категориите на опрема од членот 5 став (1) од овој закон, изнесува:
1. 50 ден/кг. за опрема за температурна размена;
2. 87 ден/кг. за екрани, монитори и опрема која содржи екрани со површина поголема од 100 cm²;
3. 175 ден/кг. за светилки;
4. 50 ден/кг. за голема опрема;
5. 75 ден/кг. за мала опрема и
6. 50 ден/кг. за мала информатичко - комуникациска технологија и телекомуникациска
опрема.“.
Ставот (3) се менува и гласи:
„Надоместокот од ставот (1) на овој член се пресметува врз основа на нето-масата на опремата по единица парче изразена во килограми, намалена за 10% за производите кои спаѓаат во категорија 1, 4 и 5 согласно со членот 5 став (1) од овој закон и за 10% за сите останати категории согласно со членот 5 став (1) од овој закон, за што се составува квартална пресметка на посебен образец, дури и кога производителот не пушта производи на пазарот во текот на тој квартал.“.
Член 2
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.