Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија,
претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на
Република Северна Македонија издаваат
УКАЗ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАБРАНА НА НЕФЕР ТРГОВСКИ
ПРАКТИКИ ВО СИНЏИРОТ НА СНАБДУВАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ И ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ (*)
Се прогласува Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 13 март 2024 година.
Бр. 08-1943/1
13 март 2024 година
Скопје
Претседател на Република
Северна Македонија,
Стево Пендаровски, с.р.
Претседател на Собранието
на Република Северна Македонија,
Јован Митрески, с.р.
ЗАКОН ЗА ЗАБРАНА НА НЕФЕР ТРГОВСКИ ПРАКТИКИ ВО СИНЏИРОТ НА
СНАБДУВАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ И ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ (*)
ГЛАВА I
ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Предмет
Член 1
Со овој закон се уредуваат правилата и мерките за спречување на наметнување нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката меѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики.