„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Закон за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност (*)

21.03.2024

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОСПЕКТИ И ОБВРСКИ ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ЗА ИЗДАВАЧИТЕ НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ(*)
 
Се прогласува Законот за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност(*), што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 13 март 2024 година.
Бр. 08-1948/1
13 март 2024 година
Скопје
 
 Претседател на Република
Северна Македонија,
Стево Пендаровски, с.р.
 
Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
Јован Митрески, с.р.
 
ЗАКОН ЗА ПРОСПЕКТИ И ОБВРСКИ ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ЗА ИЗДАВАЧИТЕ НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ (*)
ДЕЛ ПРВИ
ОПШТИ ОДРЕДБИ
ГЛАВА I
ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Предмет на уредување
Член 1
(1) Со овој закон се уредуваат:
1) условите и постапката за понуда на хартии од вредност;
2) условите и постапката за изработка, одобрување и дистрибуција на Проспектот што се објавува кога хартиите од вредност се нудат на јавноста или се примени за тргување на регулиран пазар;
3) барањата во врска со обелоденувањето на периодични и тековни информации за издавачот кој успешно реализирал јавна понуда на хартии од вредност со Проспект кој го одобрила Комисијата за надзор на пазарот на капитал на Република Северна Македонија и за издавачот чии хартии од вредност се веќе примени за тргување на регулирани пазар и
4) надзорот во врска со спроведувањето на овој закон и одмерувањето и изрекувањето на административните мерки во согласност со овој закон.
(2) За сѐ она што не е уредено со овој закон ќе се применуваат одредбите на Законот за финансиски инструменти, Законот за трговските друштва, Законот за општата управна постапка, Законот за решавање на банките и законите со кои се уредува стечајот, односно инсолвентноста.