Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија,претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието наРепублика Северна Македонија, издаваат
УКАЗ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и
аудиовизуелни медиумски услуги, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 28 февруари 2024 година.
Бр. 08-1453/1
28 февруари 2024 година
Скопје
Претседател на Република
Северна Македонија,
Стево Пендаровски, с.р.
Претседател на Собранието
на Република Северна
Македонија,
Јован Митрески, с.р.
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА АУДИО И
АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ
Член 1
Во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги („Службен весник на
Република Македонија" број 184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија" број 42/20, 77/21 и 154/23), во член 3 во точката 31 сврзникот „и“ на крајот на реченицата се заменува со точка и запирка.
Во точката 32 точката на крајот на реченицата се заменува со сврзникот „и“.
По точката 32 се додава нова точка 33, која гласи:
„33. Државна кампања е комуникација со јавноста со исклучиво информативно -
едукативни пораки и е насочена кон голем број луѓе во одреден временски период, со цел да генерира специфични резултати или да постигне предодредени цели, при што на јавноста ѝ се обезбедуваат потребните информации за причината на државна кампања. Во државна кампања не се дозволени теми поврзани со политички и дипломатски активности,теми кои ги промовираат услугите или политиките на органите на државната или локалната власт, ниту теми поврзани со партиски активности, а при спроведувањето на државната кампања не смее да се користат имиња на политички партии, партиски слогани,
симболи или ознаки, да се упатува на активностите на политичките партии, на нивните веб-страници, публикации и други материјали и да се промовираат членовите на Владата на Република Северна Македонија или претставниците на другите органи на државната управа и на единиците на локалната самоуправа.“.
Член 2
Во член 48 во ставот (1) по зборовите:: „видеоспотови или“ се додаваат зборовите:: „аудио и“.
Во ставот (2) по зборовите:: „видеоспотови или“ се додаваат зборовите:: „аудио и“.
Член 3
Во член 56 ставот (2) се менува и гласи:
„Со пријавата од ставот (1) на овој член се доставува технички опис со детални
технички карактеристики за начинот на кој ќе се обезбедува услугата, а доколку давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање е правно лице и извадок од Централниот регистар.“.
Ставот (3) се менува и гласи:
„Доколку пријавата од ставот (1) на овој член не е целосна, Агенцијата писмено го
известува подносителот на пријавата истата да ја дополни и да ја достави во рок од 10 дена од денот на приемот на известувањето.“.
Во ставот (4) зборовите: „ставовите (3) и (4)“ се заменуваат со зборовите: „ставовите (1) и (2).
Во ставот (5) зборовите: „ставот (5)“ се заменуваат со зборовите: „ставот (3)“, а
зборовите: „ставовите (3) и (4)“ се заменуваат со зборовите: „ставовите (1) и (2)“.
Член 4
Во член 57 став (1) алинејата 1 се менува и гласи:
„- фирмата и седиштето, доколку давателот на аудиовизуелна медиумска услуга по барање е правно лице, односно името и презимето, доколку давателот на аудиовизуелна медиумска услуга е физичко лице, како и име и презиме на одговорното лице на давателот на аудиовизуелни услуги по барање,“.
Член 5
Во член 79 ставовите (2) и (3) се бришат.
По ставот (4) кој станува став (2) се додаваат два нови става (3) и (4), кои гласат:
„(3) Дозволата за телевизиско или радиоемитување може да се продолжи на барање на носителот за време од девет години. Барањето се доставува до Агенцијата во рок не подолг од шест месеци пред истекот на важноста на дозволата. Советот на Агенцијата задолжително донесува одлука во рок не подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето со која се продолжува дозволата, доколку радиодифузерот не сторил прекршувања согласно со ставот (4) на овој член.
(4) Советот на Агенцијата донесува одлука за одбивање на барањето за продолжување на дозволата ако радиодифузерот сторил сериозни прекршувања во текот на времетраењето на дозволата и тоа:
- најмалку трипати во текот на времетраењето на дозволата сторил непочитување на посебните забрани од членот 48 од овој закон, за што има правосилни судски пресуди или
- во текот на времетраењето на дозволата, во најмалку еден изборен циклус
медиумското покривање не било направено на правичен, избалансиран и непристрасен начин, за што има правосилни судски пресуди.“.
Член 6
По членот 101 се додаваат две нови глави, Глава V-a ДРЖАВНА КАМПАЊА НА
ДРЖАВНО НИВО и шест нови члена 101-а, 101-б, 101-в, 101-г ,101-д и 101-ѓ и Глава V-б ДРЖАВНА КАМПАЊА НА ЛОКАЛНО НИВО и шест нови члена 101-е, 101-ж, 101-з, 101-ѕ, 101-и и 101-ј, кои гласат:
„Глава V-а ДРЖАВНА КАМПАЊА НА ДРЖАВНО НИВО
Државна кампања на државно ниво
Член 101-а
(1) Владата на Република Северна Македонија во текот на една календарска година спроведува најмалку една државна кампања на државно ниво.
(2) Средствата добиени од државните кампањи на државно ниво медиумите ги користат и за дигитализација и унапредување на работниот процес, како и за подобрување на стандардот и условите на медиумските работници.
(3) Медиумите се должни најдоцна до 31 март во тековната година, за претходната година да достават финансиски извештај до Министерството за информатичко општество и администрација. Министерството за информатичко општество и администрација е должно да изготви извештај за реализираната државна кампања на државно ниво и за потрошените средства, како и да го објави на својата веб-страница, најдоцна до 31 мај во тековната година за претходната година.
Комисија за одлучување по државни кампањи на државно ниво
Член 101-б
(1) Комисија за одлучување по државни кампањи на државно ниво (во натамошниот
текст: Комисија на државно ниво), се состои од:
- тројца претставници од политичките партии од владејачкото парламентарно
мнозинство, кои можат да бидат и членови на парламентот, партиски членови или трети
лица, од кои двајца претставници на политичката партија која има најголем број
пратеници и еден претставник на политичките партии кои се дел од владејачкото
парламентарното мнозинство и
- тројца претставници од политичките партии од парламентарната опозиција, кои
можат да бидат и членови на парламентот, партиски членови или трети лица, од кои двајца претставници на политичката партија на парламентарната опозиција која има најголем број пратеници и еден претставник на политичката партија која е втора по број на пратеници, а е дел на парламентарната опозиција.
(2) Министерството за информатичко општество и администрација во рок од 30 дена од денот на конституирање на Собранието на Република Северна Македонија доставува барање до политичките партии од ставот (1) на овој член да предложат свои претставници во Комисијата на државно ниво.
(3) Политичките партии доставуваат предлози до Министерството за информатичко општество и администрација во рок од 10 дена од денот на добивањето на барањето од ставот (2) на овој член. Политичките партии кои нема да достават предлози во утврдениот рок, нема да учествуваат во работата на Комисијата на државно ниво.
(4) Министерот за информатичко општество и администрација донесува решение за формирање Комисија на државно ниво во рок од 10 дена од денот на доставување на предлозите од ставот (3) на овој член.
(5) Комисијата на државно ниво започнува да работи во рок од пет дена од денот на нејзиното формирање.
(6) Комисијата на државно ниво заседава од 20 јануари до 5 февруари во календарската година.
(7) Мандатот на Комисијата на државно ниво трае до конституирање на новиот состав на пратеници на Собранието на Република Северна Македонија.
(8) По исклучок на ставот (1) на овој член, составот на Комисијата на државно ниво може да се промени доколку дојде до промена на политичките партии во парламентарната опозиција или политичките партии од владејачкото парламентарното мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија или, ако некој од членовите поднесе оставка.
(9) По исклучок од ставот (6) на овој член, во случај на воена или вонредна состојба, заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и животните, а се настанати од природни непогоди и епидемии или други ризици и опасности, кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на Република Северна Македонија, на барање на најмалку половина членови од вкупниот број членови, Комисијата на државно ниво може да се состане дополнително и да предложи промена на претходно донесената oдлука за избор на државни кампањи од ставовите (12) и (13) на овој член.
(10) Претставниците на политичките партии од владејачкото парламентарното
мнозинство и претставниците на политичките партии на парламентарната опозиција можат да достават предлози за државни кампањи на државно ниво до Комисијата на државно ниво во периодот од 1 до 20 јануари.
(11) Комисијата на државно ниво работи доколку се присутни повеќе од половина
членови.
(12) Комисијата на државно ниво е должна во периодот од ставот (6) на овој член да изготви одлука за избор на државни кампањи и да ја достави до Министерството за информатичко општество и администрација за донесување.
(13) По исклучок од ставот (12) на овој член, доколку Комисијата на државно ниво не ја изготви одлуката за избор на државни кампањи на државно ниво, членовите на Комисијата на државно ниво од политичката партија од парламентарното мнозинство која има најголем број пратеници и членовите на Комисијата на државно ниво од политичката партија од парламентарната опозиција која има најголем број пратеници, може да предложат само по едно решение за државна кампања на државно ниво. Комисијата на државно ниво ја изготвува одлуката за избор на државни кампањи во рок од пет дена од денот на завршување на заседавањето на Комисијата на државно ниво и ја доставува до Министерството за информатичко општество и администрација за донесување.
(14) Одлуката од ставовите (12) и (13) на овој член ја донесува министерот за
информатичко општество и администрација во рок од пет дена од денот на нејзиното доставување од страна на Комисијата на државно ниво и ја доставува до Владата на Република Северна Македонија за објавување на јавниот повик согласно со членот 101-г став (1) од овој закон.
(15) За својата работа Комисијата на државно ниво донесува деловник за работа во рок од 10 дена од денот на нејзиното формирање.
(16) За административно-стручните и техничките работи за потребите на Комисијата на државно ниво, Министерството за информатичко општество и администрација формира работна група од редот на своите вработени.
Финансирање на државни кампањи на државно ниво
Член 101-в
(1) Финансирањето државни кампањи на државно ниво се обезбедува од Буџетот на Република Северна Македонија во висина од 0,1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија. Распределбата на средствата се врши на следниов начин:
најмногу 7% се за избор на продукциски куќи за изработка и продукција на идејни
решенија и финални реализации на државни кампањи и
- најмалку 93% се за реализација на државни кампањи.
(2) Средствата за емитување на државните кампањи на државно ниво од ставот (1) алинеја 2 на овој член се распределуваат на следниов начин:
- 40% од средствата на годишно ниво се распределуваат за државни кампањи на
државно ниво кои ќе се емитуваат само на телевизии на државно ниво преку оператор на дигитален терестријален мултиплекс,
- 40% од средствата на годишно ниво се распределуваат за државни кампањи на
државно ниво кои ќе се емитуваат само на телевизии на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа и телевизиите кои емитуваат преку сателит,
- 15% од средствата на годишно ниво се распределуваат за државни кампањи на
државно ниво кои ќе се емитуваат само на телевизии на регионално и локално ниво преку оператор на терестријален мултиплекс, како и преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа и на радија на локално и регионално ниво и
- 5% од средствата на годишно ниво се распределуваат за државни кампањи на државно ниво кои ќе се емитуваат само на радијата на државно ниво.
(3) Средствата за емитување државни кампањи на државно ниво од ставот (2) алинеја 1 на овој член се распределуваат линеарно на телевизиите кои емитуваат програма на
државно ниво преку оператор на дигитален терестријален мултиплекс на државно ниво.
(4) Распределбата на износот на средствата од ставот (2) алинеи 2, 3 и 4 на овој член за емитување на државни кампањи на државно ниво наменети за телевизиите и радијата го врши Министерството за информатичко општество и администрација, согласно со следниве критериуми:
- висината на платените даноци, придонеси и други јавни давачки, за претходната
календарска година и
- бројот на вработени во претходната календарска година кои имале заснован работен однос на определено и неопределено време најмалку шест месеци.
(5) Средствата од ставот (1) на овој член се обезбедуваат преку буџетот на
Министерството за информатичко општество и администрација.
(6) Критериумите од ставот (4) на овој член поблиску ги утврдува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ги објавува на својата веб-страница.
Избор на идејно решение за државна кампања на државно ниво
Член 101-г
(1) За осмислување идејно решение и продукција на државна кампања на државно ниво се избира продукциска куќа преку јавен повик, кој го објавува Владата на Република Северна Македонија, а започнува најдоцна 10 дена од денот на донесување на одлуката од членот 101-б ставови (12) и (13) од овој закон.
(2) На јавниот повик од ставот (1) на овој член може да се пријави продукциска куќа која ги исполнува следниве услови:
- да е регистрирана за вршење на дејноста согласно со Законот за трговски друштва најмалку три години пред објавување на јавниот повик од ставот (1) на овој член,
- да нема забрана за вршење професија, дејност или должност,
- да ги има платено сите даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки за
претходната календарска година,
- да нема поведено постапка за стечај или ликвидација и
- да има најмалку пет референци за успешна реализација на промотивни кампањи во последните три години.
(3) При доставување понуда на јавниот повик од ставот (1) на овој член, продукциската куќа до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија доставува докази за исполнетост на условите од ставот (2) на овој член, предлог на идејно решение и финансиска понуда.
(4) Рокот за поднесување на понуда на јавниот повик од ставот (1) на овој член е 10 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.
(5) Предлог за избор на продукциска куќа дава Комисијата за избор на продукциска куќа за продукција на државна кампања на државно ниво (во натамошниот текст: Комисијата за избор на продукциска куќа), која ја формира Владата на Република Северна Македонија.
(6) Комисијата од ставот (5) на овој член е составена од пет члена на Владата на
Република Северна Македонија, од кои има и членови на Владата на Република Северна Македонија кои се надлежни за областите кои се опфатени со одлуката од членот 101-б ставови (12) и (13) од овој закон.
(7) Комисијата за избор на продукциска куќа изготвува предлог-одлука за избор на
продукциска куќа за продукција на државна кампања на државно ниво и ја доставува до Владата на Република Северна Македонија во рок од 10 дена од денот на завршување на рокот за поднесување понуда на јавниот повик од ставот (1) на овој член.
(8) Владата на Република Северна Македонија ја донесува одлуката од ставот (7) на овој член во рок од 10 дена од денот на доставувањето од Комисијата за избор на продукциска куќа.
(9) Избраните продукциски куќи имаат обврска во рок од 20 дена од денот на
донесувањето на одлуката од ставот (7) на овој член да ја завршат финалната продукција на државната кампања на државно ниво и истата да ја достават до Комисијата на државно ниво.
(10) Комисијата на државно ниво во рок од 10 дена од денот на приемот на финалната продукција за државната кампања на државно ниво ја одобрува и ја доставува до Министерството за информатичко општество и администрација, заради доставување до избраните радиодифузери согласно со членот 101-ѓ став (6) од овој закон.
(11) За административно-стручните и техничките работи за потребите на Комисијата за избор на продукциска куќа, генералниот секретар на Владата на Република Македонија формира работна група од редот на административните службеници на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
Ценовници за емитување
Член 101-д
(1)__ Радиодифузерите се должни да утврдат ценовници за емитување државни кампањи на државно ниво, најдоцна во рок од 10 дена од денот на објавувањето на јавниот повик од членот 101-г став (1) од овој закон.
(2) Ценовниците од ставот (1) на овој член се објавуваат на веб-страниците на
радиодифузерите и се доставуваат до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за информатичко општество за администрација, како и до Комисијата на државно ниво.
(3) При утврдувањето на ценовниците за секој медиум одделно, од страна на
радиодифузерите за емитување државни кампањи на државно ниво, просечната цена по секунда за едно деноноќие се пресметува според различните ценовно рекламни временски периоди и тоа:
- период 1 од 00:00-08:00 часот,
- период 2 од 08:00-16:00 часот и
- период 3 од 16:00-24:00 часот.
(4) Просечната цена од ставот (3) на овој член не смее да ја надминува вкупната
просечна цена на комерцијално рекламирање на секој радиодифузер одделно, пресметана
во последните шест изминати месеци од почетокот на секоја календарска година
зголемена за максимални 80% и не повисока од максималната продадена цена на
маркетинг од изминатата година.
Спроведување на државната кампања на државно ниво
Член 101-ѓ
(1) Владата на Република Северна Македонија објавува јавен повик за учество за
спроведување државна кампања на државно ниво, во кој се објавуваат критериумите заучество од ставот (2) на овој член, износот на одвоените средства и начинот на нивната распределба.
(2) Право на учество за спроведување државна кампања на државно ниво имаат
радиодифузерите кои ги исполнуваат следниве критериуми:
- да е регистриран за вршење на дејноста согласно со Законот за трговски друштва најмалку три години пред објавување на јавниот повик од ставот (1) на овој член,
- да нема забрана за вршење професија, дејност или должност,
- да ги има платено сите даноци, придонеси и други јавни давачки за претходната
календарска година,
- да нема поведено постапка за стечај или ликвидација,
- да ги исполнува условите од Правилникот за минимални технички, просторни,
финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и
- да го доставил ценовникот од членот 101-д од овој закон.
(3) Радиодифузери кои не ги исполнуваат сите критериуми од ставот (2) на овој член немаат право да емитуваат државни кампањи на државно ниво на својата програма, а средствата за тој радиодифузер кои се наменети согласно со членот 101-в од овој закон не се распределуваат на останатите радиодифузери.
(4) Радиодифузерите ги доставуваат бараните докази за исполнетост на критериумите од ставот (2) на овој член до Комисијата на државно ниво, во рок од 10 дена од денот на објавувањето на јавниот повик од ставот (1) на овој член. Комисијата на државно ниво врши проверка на исполнувањето на критериумите во рок од 15 дена од денот на завршување на рокот за доставување на бараните докази и доставува листа на радиодифузери кои ги исполнуваат критериумите до Министерството за информатичко општество и администрација.
(5) Владата на Република Северна Македонија донесува одлука за спроведување на државната кампања на државно ниво, во која се наведени избраните радиодифузери кои ги исполнуваат критериумите од ставот (2) на овој член, како и износот на одвоени средства за радиодифузерите.
(6) Министерството за информатичко општество и администрација ја доставува
продукцијата за државни кампањи на државно ниво до избраните радиодифузери во рок од 10 дена од денот на донесување на одлуката од ставот (5) на овој член.
(7) Државната кампања на државно ниво која се емитува на телевизиска програма мора да биде соодветно и видливо визуелно означена во долниот десен агол како „Државна кампања“ и јасно одвоена од другите содржини на телевизиската програма, а кај радиските програми звучно ознaчена со радиски џингл.
(8) Средствата од членот 101-в од овој закон за финансирање државни кампањи на државно ниво се исплаќаат најдоцна 30 дена од денот на завршување на државната кампања на државно ниво врз основа на фактура, медиjа- план и извештај за реализирани услуги доставени од радиодифузерите до Министерството за информатичко општество и администрација.
(9) Радиодифузерите ги доставуваат медиjа-планот и извештајот за реализирани услуги до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и се објавуваат на нивните веб-страници во рок од 30 дена од завршување на државната кампања на државно ниво.
Глава V-б ДРЖАВНА КАМПАЊА НА ЛОКАЛНО НИВО
Државна кампања на локално ниво
Член 101-е
(1) Единиците на локалната самоуправа можат во текот на една календарска година да спроведат најмногу четири државни кампањи на локално ниво.
(2) Одлука за спроведување државни кампањи на локално ниво донесува Советот на Општината, Советот на Општината во Градот Скопје и Советот на Град Скопје (во натамошниот текст: Советот), најдоцна до 15 ноември во тековната година за следната година, а средствата за спроведување на државните кампањи на локално ниво се составен дел од буџетот на единицата на локалната самоуправа.
Комисија за одлучување по државни кампањи на локално ниво
Член 101-ж
(1) По донесување на одлуката од членот 101-е став (2) од овој закон, Советот формира Комисија за одлучување по државни кампањи на локално ниво (во натамошниот текст: Комисијата на локално ниво).
(2) Комисијата на локално ниво е составена од членови на Советот и составот
соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во Советот.
(3) Предлозите на членови за формирање на Комисијата на локално ниво од овој член ги даваат партиите од ставот (2) на овој член, а ги потврдува Советот.
(4) Комисијата на локално ниво од овој член се формира најдоцна во рок од 10 дена од денот на донесување на одлуката од членот 101-е став (2) од овој закон.
(5) Комисијата на локално ниво заседава од 20 јануари до 5 февруари во календарската година.
(6) Мандатот на Комисијата на локално ниво од ставот (1) на овој член трае до
конституирање на новиот состав на Советот.
(7) Членовите на Советот можат да достават предлози за теми за државни кампањи на локално ниво до Комисијата на локално ниво во периодот од 1 до 20 јануари.
(8) Комисијата на локално ниво е должна во периодот од ставот (5) на овој член да изготви oдлука за избор на државни кампањи на локално ниво и да ја достави до Советот на усвојување.
(9) По исклучок од ставот (5) на овој член, во случај на воена или вонредна состојба, заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и на животните, а се настанати од природни непогоди и епидемии или други ризици и опасности кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на Република Северна Македонија, на барање на половина членови од вкупниот број членови, Комисијата на локално ниво може да се состане дополнително и да предложи изменување на претходно донесената одлука од ставот (8) на овој член и да ја достави до Советот на усвојување.
(10) Одлуката од ставовите (8) и (9) на овој член ја усвојува Советот во рок од пет дена
од денот на доставување од страна на Комисијата на локално ниво.
(11) За својата работа Комисијата на локално ниво донесува деловник за работа во рок
од 10 дена од денот на нејзиното формирање.
Финансирање на државни кампањи на локално ниво
Член 101-з
(1) Финансирањето државни кампањи на локално ниво се обезбедува од буџетот на единицата на локалната самоуправа во висина до 0,5% од сопствените реализирани даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка. Распределбата на средствата се врши на следниов начин:
- најмногу 10% се за избор на продукциски куќи за изработка и продукција на идејни решенија и финални реализации на државни кампањи на локално ниво и
- најмалку 90% се за реализација на државни кампањи на локално ниво.
(2) Средствата за емитување државни кампањи на локално ниво од ставот (1) алинеја 2 на овој член ги распределува Комисијата на локално ниво на следниов начин:
- од 50% до 75% од средствата на годишно ниво се за државни кампањи на локално ниво кои ќе се емитуваат само на телевизии на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа, преку сателит, телевизии на регионално ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс, како и телевизии на регионално ниво преку оператор на дигитален терестријален мултиплекс, телевизии на локално ниво и на радијата на државно, регионално и на локално ниво и
- од 25% до 50% од средствата на годишно ниво се за државни кампањи на локално ниво кои ќе се емитуваат само на телевизии на државно ниво преку оператор на дигитален терестријален мултиплекс.
(3) Распределбата на износот на средствата за емитување државни кампањи од ставот (2) алинеја 1 на овој член наменети за телевизиите и радијата ја врши Советот на предлог на Комисијата на локално ниво, согласно со следниве критериуми:
- висината на платените даноци, придонеси и други јавни давачки за претходната
календарска година и
- бројот на вработени во претходната календарска година кои имале заснован работен однос на определено и неопределено време најмалку шест месеци.
(4) Критериумите од ставот (3) на овој член поблиску ги утврдува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ги објавува на својата веб-страница.
(5) Средствата за емитување државни кампањи на локално ниво од ставот (2) алинеја 2 на овој член се распределуваат линеарно на телевизиите кои емитуваат програма на државно ниво преку оператор на дигитален терестријален мултиплекс.
Избор на идејно решение и продукција
за државна кампања на локално ниво
Член 101-ѕ
(1) За осмислување идејно решение и продукција на државна кампања на локално ниво се избира продукциска куќа преку јавен повик, кој го објавува градоначалникот на Oпштината, градоначалникот на Oпштината во Градот Скопје или градоначалникот на Градот Скопје, а започнува најдоцна 10 дена од денот на донесување на одлуката согласно со членот 101-ж ставови (8) и (9) од овој закон од страна на Советот.
(2) На јавниот повик од ставот (1) на овој член може да се пријави продукциска
куќа која ги исполнува следниве услови:
- да е регистрирана за вршење на дејноста согласно со Законот за трговски друштва, најмалку три години пред објавување на јавниот повик од ставот (1) на овој член,
- да нема забрана за вршење професија, дејност или должност,
- да ги има платено сите даноци, придонеси и други јавни давачки за претходната
календарска година,
- да нема поведено постапка за стечај или ликвидација и
- да има најмалку пет референци за успешна реализација на промотивни кампањи во последните три години.
(3) При достава на понуда на јавниот повик од ставот (1) на овој член до Општината или до Градот Скопје, продукциската куќа доставува докази за исполнетост на критериумите од ставот (2) на овој член, предлог идејно решение и финансиска понуда.
(4) Рокот за поднесување понуда на јавниот повик од ставот (1) на овој член е 10 дена од денот на објавата на јавниот повик.
(5) Изборот на продукциска куќа за продукција на државна кампања на локално ниво се врши со одлука од страна на Советот, на предлог од Комисијата на локално ниво во рок од 10 дена од денот на завршување на рокот за поднесување на понудата на јавниот повик од ставот (1) на овој член.
(6) За административно-стручните и техничките работи за потребите на Комисијата на локално ниво, градоначалникот формира работна група од редот на административните службеници во Општината.
(7) Избраните продукциски куќи имаат обврска во рок од 20 дена од денот на
донесување на одлуката од ставот (5) на овој член, да ја завршат финалната продукција на државната кампања и да ја достават до Советот.
Ценовници за емитување
Член 101-и
(1) Радиодифузерите се должни да утврдат ценовници за емитување државни кампањи
на локално ниво, најдоцна во рок од 10 дена од денот на објавувањето на јавниот повик од
членот 101-ѕ став (1) од овој закон.
(2) Ценовниците од ставот (1) на овој член се објавуваат на веб-страниците
на радиодифузерите и се доставуваат до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни
медиумски услуги и до Советот.
(3) При утврдувањето на ценовниците, за секој медиум одделно, од страна на
радиодифузерите за емитување државни кампањи на локално ниво, просечната цена по секунда за едно деноноќие се пресметува според различните ценовно рекламни временски периоди и тоа:
- период 1 од 00:00-08:00 часот,
- период 2 од 08:00-16:00 часот и
- период 3 од 16:00-24:00 часот.
(4) Просечната цена од ставот (3) на овој член не смее да ја надминува вкупната
просечна цена на комерцијално рекламирање на секој радиодифузер одделно, пресметана во последните шест изминати месеци од почетокот на секоја календарска година зголемена за максимални 80%, не повисока од максималната продадена цена на маркетинг од изминатата година.
Спроведување на државна кампања на локално ниво
Член 101-ј
(1) Советот објавува јавен повик за спроведување државна кампања на локално ниво, во кој се објавуваат критериумите за учество од ставот (2) на овој член, како и износот на одвоени средства и начинот на нивната распределба.
(2) Право на учество за спроведување државна кампања на локално ниво имаат
радиодифузерите кои ги исполнуваат следниве критериуми:
- да е регистриран за вршење на дејноста согласно со Законот за трговски друштва, најмалку три години пред објавување на јавниот повик од ставот (1) на овој член,
- да нема забрана за вршење професија, дејност или должност,
- да ги има платено сите даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки,
- да нема поведено постапка за стечај или ликвидација,
- да ги исполнува условите од Правилникот за минимални технички, просторни,
финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и
- да го доставил ценовникот од членот 101-и од овој закон.
(3) Радиодифузерите кои не ги исполнуваат сите критериуми од ставот (2) на овој член немаат право да емитуваат државни кампањи на локално ниво на својата програма, а средствата за тој радиодифузер кои се наменети согласно со членот 101-з од овој закон, не се распределуваат на останатите радиодифузери.
(4) Радиодифузерите ги доставуваат бараните докази за исполнетост на критериумите од ставот (2) на овој член до Комисијата на локално ниво во рок од 10 дена од денот на објавувањето на јавниот повик од ставот (1) на овој член. Комисијата на локално ниво врши проверка на исполнувањето на критериумите во рок од 15 дена од денот на завршување на рокот за доставување на бараните докази и доставува листа на радиодифузери кои ги исполнуваат критериумите до Советот на усвојување.
(5) Советот во рок од 10 дена од денот на доставувањето на листата од ставот (4) на овој член донесува одлука за спроведување на државната кампања на локално ниво, каде се објавуваат и избраните радиодифузери кои ги исполнуваат критериумите од ставот (2)
на овој член, како и износот на одвоени средства и ја доставува продукцијата до избраните радиодифузери.
(6) Државната кампања на локално ниво која се емитува на телевизиска програма
мора да биде соодветно и видливо визуелно означена во долниот десен агол како
„Државна кампања“ и јасно одвоена од другите содржини на телевизиската програма, а кај радиските програми звучно ознечена со радиски џингл.
(7) Средствата од членот 101-з од овој закон за финансирање државни кампањи на локално ниво од овој закон се исплаќаат најдоцна 30 дена од денот на завршување на државната кампања на локално ниво, врз основа на фактура, медија-план и извештај за реализирани услуги доставени од радиодифузерите до Општината, Општината на Градот Скопје или до Градот Скопје.
(8) Радиодифузерите ги доставуваат медија-планот и извештајот за реализирани услуги до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ги објавуваат на нивните веб-страници во рок од 30 дена од завршување на државната кампања на локално ниво.“.
Член 7
Членот 102 се брише.
Член 8
Насловот на членот 105 се менува и гласи:
„Финансирање на МРТ, ЈП „Македонска радиодифузија“, Агенцијата за аудио и
аудиовизуелни медиумски услуги“.
Член 9
Во член 141 ставот (4) се менува и гласи:
„Со пријавата одговорното лице на операторот доставува:
- изјава со која потврдува под целосна кривична и материјална одговорност дека
за реемитување на програмските сервиси од ставот (2) алинеја 3 на овој член го има уредено авторското право и сродните права, согласно со прописите за авторското право и сродните права и
- копија заверена на нотар од договорите за реемитување на програмските сервиси од членот 143 став (2) од овој закон со кои се уредуваат авторското право и сродните права, согласно со прописите за авторското право и сродните права.“.
Во ставот (11) по зборовите: „нова изјава“ се додаваат зборовите: „и копија заверена на нотар од нов договор за реемитување на програмските сервиси,“.
Член 10
По членот 141 се додава нов наслов и нов член 141-а, кои гласат:
„Реемитување на програмски сервиси кои се
емитуваат на дигитален терестријален мултиплекс
Член 141-а
(1) Радиодифузерите кои емитуваат програмски сервиси преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс се должни да понудат склучување договор за реемитување на нивните програмски сервиси на сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи.
(2) Радиодифузерите од ставот (1) на овој член се должни да објават јавен повик до сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи за склучување договор за реемитување на програмските сервиси.
(3) Радиодифузерите од ставот (1) на овој член имаат право на надоместок за
реемитување на нивните програмски сервиси од операторите на јавни електронски комуникациски мрежи.
(4) Радиодифузерите од ставот (1) на овој член и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ќе се спогодат за реемитување на програмските сервиси, своите односи ги уредуваат со договор склучен согласно со прописите за авторското право и сродните права и со другите прописи кои ги уредуваат договорните и облигационите односи.“.
Член 11
Во член 143 ставот (1) се менува и гласи:
„(1) Оператор може да реемитува програмски сервиси на домашни радиодифузери само во сервисната зона за која радиодифузерите ја имаат добиено дозволата за обезбедување телевизиско или радиoемитување и врз основа на регулирани авторски права и сродни права согласно со прописите за авторското право и сродните права, а во случај на реемитување на програмски сервиси на домашни радиодифузери кои се емитуваат преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс и врз основа на договор склучен согласно со членот 141-a од овој закон.“.
Ставот (2) се менува и гласи:
„(2) Оператор може да реемитува програмски сервиси на радиодифузери од други
држави на територијата на Република Северна Македонија согласно со членот 44 од овој закон и врз основа на договор за уредување на авторското право и сродните права, согласно со прописите за авторското право и сродните права.“.
Член 12
Во членот 147 став (1) по точката 21) се додаваат две нови точки 22) и 23), кои гласат:
„22) радиодифузерот не го достави извештајот од членот 101-а став (3) од овој закон и
23) радиодифузерите не го достават медија-планот и извештајот за реализирани услуги
од членот 101-ѓ став (9) и членот 101-ј став (8) од овој закон.“.
Во ставот (3) зборовите: „точка 11)“ се заменуваат со зборовите: „точка 12)“.
Член 13
Во членот 148 став (1) во точката 11) зборовите: „(член 56 став (9))“ се заменуваат со
зборовите: „(член 56 став (6))“.
Во точката 14) зборовите: „(1) и (2)“ се заменуваат со зборовите: „(1), (2) и (3).“
Во точката 33) зборовите: „член 144-д став (4)“ се заменуваат со зборовите: „член 144-е
став (4).“
Во ставот (2) по зборовите: „одговорното лице на програмата во правното лице“ се
става запирка и се додаваат зборовите: „одговорно лице во правното лице,“.
Член 14
Во член 149 став (1) во точката 6) зборовите: „(член 60 став (2))“ се заменуваат со
зборовите: „(член 60 став (3))“.
Во точката (8) по зборовите: „(член 98 став (1))“ се додаваат зборовите: „и не ги
почитува правилата за новите рекламни техники (член 98 став (2))“.
Точката 9) се менува и гласи:
„не постапува согласно со одредбите од членот 100 став (1) од овој закон;“.
Ставот (3) се менува и гласи:
„Глоба од износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на трговец-
поединец и на физичко лице за сторен прекршок од ставот (1) на овој член.“.
Преодни и завршни одредби
Член 15
(1) Министерството за информатичко општество и администрација е должно во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да формира Комисија за одлучување по државни кампањи на државно ниво, која ќе ги врши работите до формирање на Комисијата согласно со членот 101-б од овој закон.
(2) За формирање на Комисијата од ставот (1) на овој член, министерот за
информатичко општество и администрација доставува барање до политичките партии од владејачкото парламентарно мнозинство и до политичките партии на парламентарната опозиција за доставување претставници во рок од 10 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(3) Предлозите за членови на Комисијата од ставот (1) на овој член ги даваат партиите од ставот (2) на овој член во рок од 30 дена од денот на добивање на барањето од ставот (2) на овој член.
(4) Комисијата на државно ниво започнува да работи во рок од 10 дена од денот на нејзиното формирање.
(5) Претставниците на политичките партии од владејачкото парламентарно мнозинство и претставниците на политичките партии на парламентарната опозиција доставуваат предлози за државни кампањи на државно ниво до Комисијата на државно ниво во рок од 10 дена од денот на формирањето на Комисијата на државно ниво.
Член 16
Радиодифузерите кои емитуваат програмски сервиси преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, јавниот повик од членот 141-а став (2) од овој закон ќе го објават во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 17
Подзаконските акти утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 18
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.