„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект соларна електрична централа Пехчево, по скратена постапка

28.02.2024

Цели, начела и основни решенија:
Целта на овој Предлог закон е реализација на инвестициониот проект „ СОЛАРНА ЕЛЕКТРИЧНА ЦЕНТРАЛА - ПЕХЧЕВО“, што претставува еден од проектите со највисок приоритет за државата, а со што ќе се постигне:
-остварување на целите утврдени во Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година во однос на декарбонизацијата, односно остварување на „Зеленото сценарио“ со кое се предвидува дека во 2040 година емисиите на стакленичките гасови се намалуваат за 61,5% во однос на 2005 година;
- стабилност на цената на електрична енергија на пазарот на електрична енергија на големо и мало на долг рок;
- значителен пораст на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и намалување на зависноста од увоз на енергија и подобрување на енергетската сигурност;
- остварување на дополнителни средства за развојни проекти во различни области преку уплата од страна на стратешкиот инвеститор на 1 евро по MWh во Фонд за развој организиран од Развојната банка на Северна Македонија;
- остварување на приходи на единиците на локалната самоуправа на чии што подрачја ќе се реализира стратешкиот инвестиционен проект, преку наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште, приходи од закупнината од давање на земјиштето под долготраен закуп и надомест за правото на службеност за изградба на инфраструктурата потребна за изградба и работење на фотонапонската електроцентрала, приходи од данок на имот, приходи од персонален данок од доход, како и приходи за државниот буџет од плаќањето на даноците и другите финансиски обврски од страна на стратешкиот инвеститор;
- ангажирање на домашни препријатија и вработување на високостручен кадар во текот на изградбата, работењето и одржувањето на фотонапонската електроцентрала, како и усвојување и дисеминација на знаења и вештини за примена на современите технологии, а со тоа создавање на дополнителни работни места во помошните и сродни дејности во согласност со меѓународната пракса;
- подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на Република Северна Македонија, како и намалување на трошоците на здравствениот систем, поради намалување на заболувањата предизвикани или влошени од загадувањето на воздухот;
- овозможување на претходно наведените придобивки од проектот што е можно поскоро преку реализација на стратешкиот инвестиционен проект во предвидлива временска рамка, со поефикасни и поедноставни управни постапки во согласност со Директивата на Европската Унија за промоција на користењето на енергија од обновливи извори.