Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, издаваат
УКАЗ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НАЦИОНАЛНАТА РАЗВОЈНА
СТРАТЕГИЈА
Се прогласува Законот за Националната развојна стратегија, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 6 февруари 2024 година.
Бр. 08-913/1 Претседател на Република
6 февруари 2024 година Северна Македонија,
Скопје Стево Пендаровски, с.р.
Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
Јован Митрески, с.р.
ЗАКОН ЗА НАЦИОНАЛНАТА РАЗВОЈНА СТРАТЕГИЈА
I. OПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет на законот
Член 1
Со овој закон се уредуваат статусот, структурата, подготовката, донесувањето, спроведувањето, следењето, известувањето и оценувањето на Националната развојна стратегија на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Стратегијата).
Статус на плански документи
Член 2
(1) Плански документ за национален развој се: Стратегијата и Програмата за спроведување на Стратегијата (во натамошниот текст: Програмата).
(2) Стратегијата е хиерархиски највисок долгорочен стратегиски плански документ за национален развој на Република Северна Македонија.
(3) Стратегијата ги одразува темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, целите за одржлив развој на Организацијата на Обединетите нации, темелните вредности на Европската Унија и другите меѓународни организации.
(4) Стратегијата ги поддржува и ги овозможува реформите за интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.
(5) Спроведбен документ за операционализација и спроведување на Стратегијата, со кој се овозможува целосен преглед на структурата на сите мерки е Програмата.
Структура на Стратегијата
Член 3
- Стратегијата како долгорочен плански документ ги дефинира клучните стратешки цели и во својата структура особено содржи:
1. визија за развојот на Република Северна Македонија;
2. развојни потреби и можности;
3. развојни области;
4. цели и приоритети за секоја општа цел;
5. показатели за успешност кои овозможуваат следење, известување и оценување на
успешноста во остварување на општите цели и приоритети;
6. начела;
7. индикативен финансиски план;
8. рамка за следење на спроведувањето и
9. известување и оценување.
Подготовка и спроведување на Стратегијата
Член 4
Подготовката и спроведувањето на Стратегијата ги одразува вредностите и целите од членот 2 став (2) од овој закон и се темели на следниве начела:
1. „Начело на партнерство и соработка“ претставува континуирана инклузивност и координација при подготовката, спроведувањето, следењето и евалуацијата на националните плански документи за национален развој и другите развојни плански документи меѓу Собранието, Владата, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, економските и социјалните партнери и претставниците на граѓанското општество;
2. „Начело на усогласеност и конзистентност на политиките“ претставува усогласеност на креираните политики, цели и резултати на хиерархиско пониско поставените плански документи со Стратегијата;
3. „Начело на долгорочност“ претставува долгорочен процес на Стратегијата, којшто ги утврдува главните параметри кон кои треба да се стреми државата;
4. „Начело на системски пристап“ е координација на институциите и градење капацитети за соработка со поголем фокус врз хоризонталните стратегии;
5. „Начело на вградена приспособливост“ се одржливи и приспособливи придонеси, кои ги бараат транзицијата, промените и развојот од сите релевантни чинители во текот на долг временски период;
6. „Начело на комплементарност“ е интеграција на сите тековни процеси и приоритети во сите сегменти на развојот на државата;
7. „Начело на усогласеност со политиките на Европската Унија“ претставува усогласување на областите и целите од Стратегијата со стратегиите, политиките и законодавството на Европската Унија во соодветните области на политиките и приоритетите, утврдени во стратешката агенда на Европската комисија;
8. „Начело на сеопфатно финансирање“ е поттикнување сеопфатно финансирање (од домашни и од меѓународни јавни и приватни фондови) преку промовирање постојни и иновативни извори за остварување на приоритетите предвидени во Стратегијата;
9. „Начело на транспарентност“ се транспарентни консултации и вклученост на сите засегнати страни, во сите фази на процесот на планирањето, спроведувањето и известувањето на планските документи;
10. „Начело на одржливост“ е заснованост на Стратегијата врз трите столба на одржлив развој (економска, социјална и еколошка одржливост);
11. „Начело на фискална одржливост на политиките“ е утврдување фискално одржливи политики на долг рок, а на среден рок усогласени со фискалните ограничувања, утврдени во Фискалната стратегија и среднорочната буџетска рамка;
12. „Начело на релевантност, веродостојност и заснованост на докази“ преставува претходно спроведена сеопфатна и веродостојна анализа на состојбите и на клучните фактори, движења, услови и околности во сите области на дејствување, како основа за дефинирање на развојните потреби и можности засновани на веродостојни, проверливи и споредливи податоци, како и проценка на влијанието на политиките во областите опфатени во Стратегијата;
13. „Начело на економичност, ефикасност и ефективност“ преставува дефинирани соодветни показатели на успешност за сите поставени цели кои се разбирливи, мерливи и економични, со оптимизирање на трошоците, а соодносот меѓу трошокот и придобивките да е прифатлив.
(2) Политиките кои се утврдуваат со Стратегијата треба да обезбедуваат развивање одржлива, општествено правична и климатски неутрална економија.
(3) Утврдените мерки не треба да создаваат непропорционален финансиски или друг товар за идните генерации.
(4) Процесот на планирање, спроведување и оценка на учинокот и ефектите од спроведувањето треба да биде цикличен и да се заснова на искуства и поуки од претходните процеси на планирање и спроведување на Стратегијата.
Донесување на Стратегијата и Програмата
Член 5
(1) Стратегијата се донесува за период од 20 години.
(2) Програмата се донесува за период од пет години, заедно со Стратегијата, односно најдоцна шест месеци пред истекот на тековниот плански период.
(3) Собранието на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Собранието) на предлог на Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата) ги донесува Стратегијата и Програмата.
Усогласување на стратегиски плански документи со Стратегијата
Член 6
(1) Сите стратегиски плански документи, кои се подготвуваат и се предлагаат согласно со закон, меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Северна Македонија или согласно со утврдената потреба за унапредување на состојбите во одредена област или повеќе поврзани области на политиките, мора да се усогласени, односно да придонесуваат за остварување на развојните цели и приоритети утврдени со Стратегијата.
(2) Структурата, содржината и начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на стратегиските плански документи од ставот (1) на овој член со подзаконски акт ги пропишува Владата, доколку поинаку не е пропишано со закон.
(3) Начинот на усогласување на стратегиските плански документи од ставот (1) на овој член со Стратегијата, со подзаконски акт го пропишува Владата.
II. ПЛАНИРАЊЕ, СЛЕДЕЊЕ И ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕТО И ОЦЕНУВАЊЕТО
Планирање, следење и известување за спроведување на Стратегијата и Програмата
Член 7
(1) При планирање на спроведувањето на Стратегијата и на Програмата, Владата имајќи ги предвид изјавата за фискалната политика, фискалните принципи и правила, Програмата за работа на Владата, анализата на остварените резултати од спроведувањето на стратешките приоритети на Владата од предходната година, развојните стратешки плански документи, секторските стратегии и проценката на актуелните општествено-економски и социјални состојби во државата, најдоцна до 15 декември во тековната година ги утврдува стратешките приоритети, најмалку за наредните пет години.
(2) Потребните трошоци за спроведување на активностите содржани во програмите, потпрограмите, проектите и мерките вклучени во стратешкиот план се во рамките на максималните износи на расходи (расходни лимити) утврдени во Фискалната стратегија. Стратешкиот план се усогласува и се утврдува согласно со ревидираната фискална стратегија и донесениот буџет.
(3) Општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје обезбедуваат спроведување на Стратегијата во рамките на нивните надлежности.
(4) Следење на спроведувањето на Стратегијата согласно со Програмата и со Годишната програма за работа на Владата врши Генералниот секретаријат на Владата со годишен извештај за спроведување на Стратегијата, кој содржи пресек на реализирани активности во тековната година.
(5) Следење на спроведувањето на Стратегијата согласно со планските акти, односно документи од ставот (2) на овој член, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје го вршат со извештај, кој го усвојува Советот на Општината, односно Советот на Градот Скопје најдоцна до крајот на декември во тековната година, кој се објавува во службеното гласило на Општината, односно на Град Скопје.
(6) Податоците од планските документи, односно акти од ставот (5) на овој член и другите податоци за подготовка на годишниот извештај од ставот (4) на овој член ги прибавува Генералниот секретаријат на Владата и истите се составен дел од годишниот извештај за спроведување на Стратегијата.
(7) Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата од претходната година Владата го доставува до Собранието до крајот на март во тековната за наредната година.
Оценување на Стратегијата и Програмата
Член 8
(1) Генералниот секретаријат на Владата обезбедува оценување на успешноста на спроведувањето на Стратегијата, најмалку еднаш за период од пет години од денот на донесувањето на Стратегијата. Оценувањето на успешноста на Стратегијата може да се спроведе за период пократок од пет години на иницијатива на Владата. Резултатите од оценката се објавуваат во рамките на Извештајот од членот 7 став (4) од овој закон.
(2) Начинот на спроведување на оценување на успешноста на спроведувањето на Стратегијата од ставот (1) на овој член со подзаконски акт го пропишува Владата.
(3) По спроведеното оценување од ставот (1) на овој член, Владата или Собранието може да предложат ажурирање на Стратегијата.
III. УПРАВУВАЧКА СТРУКТУРА
Управувачка структура
Член 9
Планирањето на спроведување на Стратегијата и на Програмата го врши Национален совет за развој како дел од управувачката структура, која ја сочинуваат и помошните тела: Управен одбор и Работен комитет.
Организација на Советот и помошните тела на Советот
Член 10
(1) Советот и помошните тела на Советот се организираат врз основа на овој закон и актот за формирање на Советот.
(2) Начинот на работа на Советот и помошните тела на Советот се уредува со Деловник.
(3) Стручната, административно-техничката поддршка на работата на Советот и на помошните тела на Советот и координацијата на работата на Работниот комитет од членот 14 од овој закон, ја обезбедува Генералниот секретаријат на Владата.
(4) Просторните и техничките услови за непречено извршување на задачите од делокругот на активности на Советот и на помошните тела на Советот, ги обезбедува Генералниот секретаријат на Владата.
Национален совет за развој
Член 11
(1) Владата го формира Национален совет за развој (во натамошниот текст: Советот), како постојано советодавно тело на Владата.
(2) Членовите на Советот се именуваат и се разрешуваат од Владата
(3) Членови на Советот се:
1. претседателот на Владата и неговите заменици;
2. еден претставник од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија;
3. еден претставник од Кабинетот на претседателот на Собранието;
4. координаторите на пратеничките групи и по еден пратеник од политичките партии
застапени во Собранието кои не се организирани во пратеничка група;
5. министерот за финансии;
6. министерот за економија;
7. министерот за одбрана;
8. претседателот на Македонската академија на науките и уметностите;
9. генералниот секретар на Владата;
10. по еден претставник од:
а) Стопанската комора на Северна Македонија;
б) Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии;
в) Стопанската комора на северозападна Македонија и
г) Сојузот на стопански комори на Македонија;
11. претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа;
12. претседателите на осумте совети за развој на планските региони;
13. по еден претставник од репрезентативните синдикати;
14. претставници од установите од високото образование, со потесна специјалност од
областа на стратешкиот развој, економијата, социјалниот развој и заштита на животната
средина, номинирани од јавните универзитети;
15. тројца претставници на здруженија номинирани од Советот за соработка меѓу
Владата и граѓанското општество, од кои најмалку еден претставник на здруженија од
областа на заштита на маргинализираните лица и
16. двајца претставници на млади, номинирани од Националниот совет на млади.
(4) Членовите на Советот од ставот (3) точки 10, 13, 14, 15 и 16 на овој член се именуваат за период од три години.
(5) Во работата на Советот може да учествуваат и претставници на други државни органи или здруженија.
(6) Со Советот претседава претседателот на Владата или, во негова спреченост или отсуство, еден од замениците на претседателот на Владата определен од негова страна.
Надлежност на Советот
Член 12
(1) Советот ја организира подготовката на Стратегијата и на Програмата, го разгледува
нацрт-текстот и го доставува предлог-текстот до Владата.
(2) Советот дава мислења и препораки за планирањето, спроведувањето и следењето на
спроведувањето на Стратегијата, утврдувањето и примената на средствата и начините за
финансирањето на Стратегијата.
(3) Советот ги врши и следниве работи:
1. дава мислења и препораки за визијата и клучните развојни насоки и стратешки цели
и приоритети на Република Северна Македонија;
2. разгледува прашања од областа на политиките за стратешки развој во Република
Северна Македонија;
3. развива соработка со релевантни институции во земјата и странство по однос на
прашања од стратешки развој;
4. разгледува конкретни прашања и проблеми поврзани со стратешкиот развој;
5. дава предлози поврзани со содржината, методологијата и динамиката на подготовка
на Стратегијата;
6. предлага финансиска рамка до Министерството за финансии за спроведување на
Стратегијата;
7. дава предлози до Владата за ажурирање на Стратегијата и
8. разгледува и други прашања од значење за стратешкиот развој на Република Северна Македонија
Управен одбор
Член 13
(1) Управниот одбор е помошно тело на Советот, кое обезбедува стратешка и партнерска соработка на Советот со меѓународната заедница, меѓународните финансиски институции и со донаторите.
(2) Членови на Управниот одбор се претседателот на Владата или заменик на претседателот на Владата, предложен од негова страна и министерот за финансии.
Работен комитет
Член 14
(1) Работниот комитет е помошно тело на Советот кое обезбедува експертска и техничка поддршка на Советот.
(2) Работниот комитет се организира и работи во групи и подгрупи по области, обезбедувајќи застапеност на стручни лица од органите на управата, другите јавни институции, здруженијата, стопанството и установите од високото образование.
(3) Членовите на работниот комитет ги избира Советот по пат на јавен повик од редот на вработените во органите на државната управа, Општините, Општините во градот Скопје и Град Скопје, другите јавни институции, здруженија и во приватниот сектор.
(4) Работниот комитет ја спроведува техничката подготовка на текстот на Стратегијата и на Програмата и доставува нацрт-текст до Советот.
IV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 15
Во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон се формира Советот.
Член 16
(1) Стратегиските плански документи од членот 6 став (1) од овој закон, усвоени пред донесувањето на Стратегијата, остануваат да важат до истекот на рокот за кој се однесуваат.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, стратегиските плански документи чија стратешка рамка, односно визијата за развој на областа или областите опфатени во Стратегијата, општите и посебните цели се во спротивност со визијата на долгорочниот национален развој, целите и приоритетите утврдени со Стратегијата, ќе се усогласат со Стратегијата во рок од две години од денот на донесувањето на Стратегијата.
Член 17
Владата најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе ги донесе подзаконските акти од членот 6 ставови (2) и (3) и членот 8 став (2) од овој закон.
Член 18
Одредбите од членот 7 ставови (2), (4) и (5) од овој закон ќе започнат да се применуваат една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 19
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весникна Република Северна Македонија“.