„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за стручно образование и обука

04.02.2024

Цели, начела и основни решенија:
Со новиот Закон за стручно образование и обука треба да се овозможи стручно образование кое ќе соодејствува со потребите на пазарот на трудот: Искуството од примената на Законот за стручно образование обука ги покажа следните предизвици за кои е потребна легислативна интервенција, а се со цел да се постигне главната цел, односно стручно образование и обука усогласено со пазарот на трудот: - Во изминатиот период од примена на законот во последните петнаесетина години се направени низа на промени на поврзани законски прописи, кои не се следат во важечкиот Закон за стручно образование и обука; - Исто така, во изминатиот период од петнаесетина години, се забележуваат и големи промени на пазарот на трудот. Во таа насока, потребите на пазарот на трудот не се синхронизирани со соодветната образовна регулатива која го уредува системот на стручно образование и обука; - При анализа на образовните програми, се забележува дека делот на стручно образование не е соодветен на потребата за квалификацијата за која се однесува. Имено, низа на фактори во спецификите на технолошките процеси и дејности, изискуваат зголемување на обемот на стручно образование во рамките на образовните програми; - До измените на Законот за стручно образование и обука, во 2020 година, Законот не ги познаваше регионалните центри за стручно образование и обука како повеќе секторски установи за стручно овразование и обука. Со измените се воведе ограничена можност за трансформација на општински средни училишта во државни регионални центри, без детално да се уредат дејностите, структурата и организацијата на државните регинални центри за стручно образование и обука; - Постојниот Закон за стручно образование и обука, на Советот за стручно образование и обука му овозможува многу тесен круг на надлежности; - Законот за стручно образование и обука од 2006 година не го идентификува, дефинира и уредува дуалното образование; - Истовремено во постојниот Закон отсуствуваат и одредби за обезбедување на квалитет во стручното образование и обука и слично. За да се овозможи стручно образование кое ќе соодејствува на пазарот на трудот, во предложениот Закон се уредува концептот на дуално образование. Дополнително, се прецизираат одредбите кои се однесуваат на практичното образование, а се со цел да се зголеми обемот на практично образование, особено практично образование стекнато кај работодавач. Исто така, од интерес се и усогласувањето на одредбите кои се однесуваат на постсредното образование. Имено, пред се тука се забележува можноста за полесен влез и пристап во постсредното образование, за ученици со гимназиско образование, со изземање на постојните ограничувачки услови кои важеа до сега. Дополнително, се допрецизираат и одредбите кои се однесуваат на специјалистичко образование и образование за мајстор. Истовремено, преку решенијата предвидени во Законот се врши рационализација на ресурсите на системот на стручно образование, а со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од фрагментацијата и дезинтеграцијата на установите за стручно образование и обука, кои досега ги земаа во предвид тесно локалните потреби, а не регионалните. Во таа насока е формирањето на регионалните центри за стручно образование и обука, кои заземаат посебно место во законот. Со цел да се овозможи систем на практично образование кој ќе им даде соодветни знаења и вештини на ученците, посебно се уредуваат постапките за верификација на работодавачи за практично образование и ментори. Земајќи ја во предвид централната координативна улога која ја има Центарот за стручно образование и обука, кој се трансформира во Центар за развој на стручно образование, соодветно се интервенира и во неговите надлежност, при што се поставува опсег на надлежности кој може најдобро да одговорни на задачите кои му се доверуваат на Центарот. Посебно внимание во поставеноста на одредбите во структурата на Законот и нивната содржина се огледува во намерата да се постигне кохерентност на соработката на чинителите во системот на стручното образование и обука, вклучувајќи ги државните институции, установите за стручно образование и обука, коморите, социјалните партнери, единиците на локална самоуправа и слично. Исто така, во таа насока е и зголемување на надлежностите на Советот за стручно образование и обука, како стручно тело. Предложениот Закон исто така врши прецизирање, но уште поважно и зголемување на улогата на Центарот за развој на стручното образование.
Како засегнати страни во изготвувањето на овој закон се: Центарот за стручно образование и обука, Министерство за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и Министерството за труд и социјална политика, коморите, единиците на локална самоуправа, установи за стручно образование и обука, и претставници од меѓународни институции и домашни граѓански организации преку учество во работната група која го подготвуваше овој предлог закон. При дефинирањето на содржината на одредбите во предложениот Закон, се земени во предвид искажувањата, предлозите и сугестиите кои беа дадени во рамките на состаноците на работната група.