„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка

02.02.2024

Целта на овој Предлог закон е реализација на инвестициониот проект „МИТИЛИНЕОС Когенеративна постројка Скопје“, што претставува еден од проектите со највисок стратешки приоритет за државата, а со што ќе се постигне:
 
-остварување на целите утврдени во Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година во однос на декарбонизацијата и енергетската ефикасност, односно остварување на „Зеленото сценарио“ и целите на политиката за енергетска транзиција преку подобрување на флексибилноста на системот да интегрира повеќе капацитети на обновливи извори на енергија врз основа на базна енергија произведена преку стратешкиот инвестиционен проект, како и подобрување на енергетската ефикасност на ниво на производство на топлинска енергија со употреба на комбинирани постројки, односно зголемување на капацитетите за централно греење;
 
остварување на целите утврдени во Националниот план за енергија и клима на Република Северна Македонија во однос на напорите за декарбонизација и (примарни и финални) заштеди на енергија до 2030 година;
намалување на загадувањето на воздухот во Градот Скопје за време на зимскиот период
намалување на трошоците на здравствениот систем како резултат на намалување на заболувањата предизвикани или влошени од загадувањето на воздухот;
зголемување на количеството на достапна топлинска енергија од капацитет со најсовремена опрема за производство и по цени пониски од цената на регулираниот производител на топлинска енергија, што ќе доведе до подобрување на добросостојбата и поволни услови за живеење во Градот Скопје;
поттикнување заштеда на примарна и финална енергија како последица на зголемената ефикасност на постројката и ублажување на климатските промени од негативните влијанија при вршењето на енергетските дејности преку замена на капацитетите на лигнит со високо-ефикасни капацитети на гас;
стабилност на цената на електрична енергија на пазарот на електрична енергија на големо и мало на долг рок поради договорената формула за утврдување на тарифата за електричната енергија произведена од постројката, што допринесува за зголемена предвидливост на трошоците на државата за набавка на електрична енергија, како и за цените за топлинска енергија кои се нудат со попуст во споредба со цените на регулираниот производител на топлинска енергија во Градот Скопје;
значителен пораст на домашното производство на електрична енергија и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, и следствено значително зајакнување на сигурноста во снабдувањето со енергија;
воспоставувањето на локален синџир за снабдување кој ќе генерира додадена вредност и приходи кои ќе бидат достапни на јавните органи преку плаќањето на даноците и другите финансиски обврски од страна на стратешкиот инвеститор;
ангажирање на домашни препријатија и вработување на високостручен кадар во текот на изградбата, работењето и одржувањето на постројката, како и усвојување и дисеминација на знаења и вештини за примена на современите технологии, а со тоа создавање на дополнителни работни места во помошните и сродни дејности во согласност со меѓународната пракса;
овозможување на претходно наведените придобивки од стратешкиот инвестиционен проект што е можно поскоро преку реализација на проектот во предвидлива временска рамка, со поефикасни и поедноставни управни постапки во согласност со заложбите на Европската Унија за засилена поддршка при развој на проекти за спроведување на инвестициски мерки за енергетска ефикасност и промоција на користењето на енергија од обновливи извори