Врз основа на член 14 ставови (8) и (9), член 26 став (4), член 34 став (3), член 36 став (2), член 37 став (6), член 38 став (5), член 43 став (9), член 46 став (1), член 47 став (2), член 48 став (4), член 49 став (2), член 52 став (7) и член 53 став (11) од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/99, 86/99, 8/01, 21/03, 19/04, 33/06, 101/06, 114/07, 103/08, 114/09, 133/09, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16, 189/16, 198/18 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 124/19, 275/19, 267/20, 163/21, 57/22 и 199/23), министерот за финансии донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот на утврдувањето на местото на промет на услугите, начинот на докажување на даночното ослободување, случаите и условите за откажување од обврската на издавање фактура за прометот извршен спрема други даночни обврзници или на поединечни податоци во истата, начинот на поделба на претходните даноци, начинот на исправка на одбивката на претходниот данок, начинот на исполнување на евиденциските обврски за тур-оператори, случаите и околностите под кои може да се одложи плаќањето на данокот на додадена вредност при увозот и истовремено да се одбие истиот како претходен данок во истиот даночен период во кој настанал, посебната постапка за исплата на претходниот данок кој може да се одбие на даночните обврзници кои немаат седиште или подружница во земјата и кои не извршуваат никаков промет во неа или кои не должат данок за прометот, постапката за исплата и условите за докажување на правото за исплата на вратениот данок на додадена вредност на непрофитните организации, постапката за враќање на данокот на додадена вредност кон странски дипломатски или конзуларни претставништва и нивните членови, постапката за враќање на данокот на додадена вредност кон меѓународни организации и нивните членови, начинот на исполнување на евиденциските обврски и случаите во кои може да се одобрат олеснувања во поглед на исполнувањето на овие обврски и случаите и условите за олеснувања во однос на издавањето фактура.
I. МЕСТО НА ПРОМЕТОТ НА УСЛУГИ
(член 14 од Законот)
Член 2
(1) За цели на одредување на местото на промет на услуги согласно член 14 став (1) од Законот за данокот на додадена вредност (во натамошниот текст: Законот), даночниот обврзник вршител на прометот на услуги потребно е да обезбеди за примателот на услугата:
а) потврда издадена од надлежен даночниот орган во која е содржан даночен број и со која се докажува дека примателот на услугата е даночен обврзник согласно член 9 од Законот, односно е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност, или
б) доколку не обезбезбеди потврда од точка а), тогаш обезбедува ДДВ број или сличен регистрациски број кој е доделен од страна на надлежен орган во државата во која се наоѓа примателот на услугата и кој се користи со цел да се идентификува дека примателот на услугата врши стопанска дејност/деловен потфат, или на друг начин да се утврди дека примателот на услугата е даночен обврзник или лице што се смета за даночен обврзник согласно член 14 став (1) од Законот.
Член 3
Место на промет на услугата при изнајмување на превозни средства
(1) За цели на одредување на местото на промет на услуги, под „превозно средство“ во смисла на член 14 став (4) точки 10 и 11, став (5) и став (6) алинеа 6 од Законот, се сметаат возила на моторен погон или без моторен погон, како и друга опрема и уреди наменети за превоз на лица или добра од едно место до друго.
(2) За превозни средства како што е наведено во став (1) на овој член, особено се сметаат следните возила:
а) друмски возила како што се патнички автомобил, автобус, минибус, товарно возило, друмски тегнач, тегнач со седло, влечно возило, возило за комбиниран превоз за лица и добра, мопед, мотоцикл, велосипед, трицикл, четирицикл, возило за домување;
б) приколки и полуприколки;
в) вагони на возови;
г) пловни објекти (патнички брод, товарен брод, јахта, чамец, глисер, скутер, педалина, кајак, кану и скела);
д) воздухоплови (авион, хеликоптер, едрилица, палаглајдер и балон);
ѓ) возила специјално наменети за превоз на болни или повредени лица;
е) трактори и мотокултиватори и
ж) инвалидски колички на механички или електронски погон.
(3) Возилата кои трајно се отстранети од движење, возилата кои не се наменети за превоз на лица или добра (железничко влечно возило, тркачки автомобил, кран, виљушкар, багер, комбајн), како и контејнери, палети и слично не се сметаат за превозни средства за целите на став (1) од овој член.
(4) За целите на примена на член 14 став (5) од Законот, времетраењето на непрекинато поседување или користење на превозното средство кое е предмет на изнајмување, се утврдува врз основа на договорот склучен меѓу договорните страни.
(5) Кога изнајмување на едно исто превозно средство се врши врз основа на последователни договори меѓу исти страни, времетраењето на постојаното користење на превозното средство е она кое е определено согласно договорите како целина. За целите на ставот
(4) од овој член, споменатиот договор и неговите продолженија се сметаат за последователни договори.
(6) Освен ако нема злоупотреба, последователните договори помеѓу истите страни, но за различни возила, не се сметаат за последователни договори за целите на став (4) од овој член.
(7) Местото каде што превозното средство вистински му се става на располагање на корисникот на услугата, како што е наведено во член 14 став (4) точка 10 од Законот, е местото каде што корисникот или лице овластено од него, непосредно физички го презема превозното средство.
Член 4
Телекомуникациски услуги
(1) За цели на одредување на местото на промет на услуги, телекомуникациските услуги во смисла на член 6 став (2) точка 6 од Законот го опфаќаат, особено следното:
а) фиксни и мобилни телефонски услуги за пренос и комутација на глас, пренос на податоци и видеопренос, вклучувајќи телефонски услуги со видео компонента (видео-телефонски услуги);
б) телефонски услуги обезбедени преку Интернет, вклучувајќи и глас преку IP мрежа (VoIP- Voice over Internet Protocol);
в) говорна пошта, повик на чекање, пренасочување на повици, идентификација на повикувачот, тристран телефонски повик и други услуги за управување со повици;
г) пејџинг услуги;
д) аудиотекстуални услуги;
ѓ) факс, телеграф и телекс;
е) пристап до Интернет вклучувајќи и World Wide Web и
ж) приватни мрежни конекции за телекомуникациски поврзувања исклучително за употреба од страна на примателот на услугата.
(2) Во телекомуникациски услуги во смисла со член 6 став (2) точка 6 од Законот, не спаѓаат:
а) услуги за радио и телевизиско емитување (во натамошниот текст: услугите за емитување) и
б) услуги извршени по електронски пат.
(3) Услугите за емитување вклучуваат услуги кои се состојат од аудио и аудиовизуелни содржини, во рамки на радио и телевизиски програми кои се испорачани до пошироката јавност преку комуникациски мрежи од страна на вршителот на медиумски услуги или под негова уредувачка одговорност, за истовремено слушање или гледање, врз основа на програмски распоред.
1. Во рамките на примена на став (3) на овој член спаѓа, особено следното:
а) радио и телевизиски програми за кои се врши пренос или се врши повторен пренос преку радио или телевизиска мрежа и
б) радио и телевизиски програми дистрибуирани преку интернет или слична електронска мрежа (IP streaming), ако се емитуваат истовремено со нивниот пренос или со повторен пренос преку радио или телевизиска мрежа.
2. Во рамките на примена на став (3) на овој член не спаѓаат:
а) телекомуникациски услуги;
б) услуги извршени по електронски пат;
в) обезбедување информации за одредени програми по барање;
г) пренесување на правата за емитување или пренесување на право за пренос;
д) изнајмување на техничка опрема или простории кои се употребуваат за прием на услугите за емитување
и ѓ) радио и телевизиски програми дистрибуирани преку интернет или слична електронска мрежа (IP streaming), освен ако истите се емитуваат истовремено со нивниот пренос или со повторен пренос преку радио или телевизиска мрежа.
(4) Под „услуги извршени по електронски пат“ во смисла на член 6 став (2) точка 7 од Законот се опфаќаат прометите на услуги што се вршат преку интернет или преку електронска мрежа и коишто поради нивната природа во голема мера се вршат автоматизирано или со само минимално учество на човекот и не би биле возможни без примена на информациска технологија.
Член 5
Место на промет на телекомуникациските услуги
(1) За цели на примена на член 14 став (2) и став (6) алинеи 8, 9 и 10 од Законот, доколку вршителот на промет на телекомуникациските услуги, услуги радио и телевизиско емитување или услуги извршени по електронски пат ги испорачува тие услуги на место како што е телефонска говорница, телефонски киоск, место кое има безжичен интернет, интернет кафуле, ресторан или хотелско лоби каде физичкото присуство на примателот на услугата на ова место е неопходно за да му се обезбеди услугата од споменатиот вршител на промет на услуги, се претпоставува дека примателот на услугата има постојана адреса или свое вообичаено живеалиште на ова споменато место и услугата фактички се врши и се прима на тоа место.
(2) Доколку местото наведено во став (1) од овој член е брод, авион или воз кој превезува патници, за место на промет се смета локацијата на поаѓање на превозот на патници.
(3) За цели на примена на член 14 став (6) алинеи 8, 9 и 10 од Законот, во случај на промет на телекомуникациските услуги, услуги радио и телевизиско емитување или услуги извршени по електронски пат кон лице кое не е даночен обврзник:
а) преку неговата фиксна телефонска линија, се претпоставува дека корисникот на услугите има своја постојана адреса или свое вообичаено живеалиште на местото каде што е вградена фиксната телефонска линија;
б) преку мобилни мрежи, се претпоставува дека корисникот на услугата има своја постојана адреса или свое вообичаено живеалиште во земјата идентификувана со национален префикс на СИМ картичка која се користи за преземање на тие услуги;
в) за кои се користи декодер или сличен уред, или сателитска картичка и без за истите да се користени фиксна телефонска линија, се претпоставува дека корисникот има своја постојана адреса или свое вообичаено живеалиште на местото каде декодерот или сличен уред е поставен или, доколку тоа место не е познато, на местото на кое сателитската картичка се испраќа со цел таму да се употреби, и
г) во различни околности кои не се наведни во ставови (1) и (2) и став (3) точки а), б) и в) на овој член, се претпоставува дека корисникот на услуги има седиште,своја постојана адреса или свое вообичаено живеалиште на местото идентификувано како такво од страна на вршителот на промет врз основа на два неконтрадикторни докази од следните наведени:
- адреса за фактурирање на корисникот на услуги;
- IP адреса на уредот кој се користи од страна на корисникот на услуги или кој било друг метод за геолокација;
- детали за банкарска сметка, како што се локацијата на банкарската сметка која се користи за плаќање или адреса за фактурирање на корисникот на услуги од страна на банката;
- мобилен префикс на земјата (Mobile Country Code — MCC) за меѓународна идентификација на мобилниот претплатник (International Mobile Subscriber Identity — IMSI) вграден во СИМ картичка (ubscriber Identity Module) која се користи од страна на корисникот на услуги;
- локација на фиксната телефонска линија на корисникот на услугата преку која се доставува услугата и
- други трговски важни информации.
II. ДАНОЧНИ ОСЛОБОДУВАЊА ВО ЗЕМЈАТА СО ПРАВО НА ОДБИВКА НА ПРЕТХОДНИОТ ДАНОК
(Членови 24 до 26 од Законот)
Член 6
Сметководствен доказ за даночно ослободување
(1) Даночниот обврзник треба на очигледен и лесно проверлив начин да ја докаже преку својата евиденција во земјата исполнетоста на условите за даночните ослободувања според член 24 од Законот.
(2) Сметководствениот доказ според став (1) од овој член содржи упатување на следните документи:
1. во случаите од член 24 точки 1 до 8 од Законот, укажување на фактурата за соодветниот промет која ги содржи податоците неопходни според член 53 став (10), точки 1 до 6 и точка 10 од Законот, при што можат да се применат олеснувањата според член 23 од овој правилник;
2. Во случаите од член 24 точки 1, 2 и 4 од Законот, укажување на доказот за извршен извоз според член 7 или 8 од овој правилник.
Член 7
Доказ за извршен извоз
(1) При извоз (член 24 точки 1 и 2 од Законот), даночниот обврзник треба да докаже со документи во земјата дека тој или примателот на доброто или трето лице по нивен налог го превезле или испратиле доброто во странство или во слободна зона, царинска зона или царинско складиште (доказ за извршен извоз). Истото треба во документите да биде очигледно и лесно проверливо. Доколку доброто е обработено или преработено пред извозот од страна на трето лице (член 24 точка 1 реченица 2 од Законот), истото треба да произлегува од доказот за извршен извоз на очигледен и лесно проверлив начин.
(2) При извоз во рамките на извозната царинска постапка со употреба на техника за електронска обработка на податоци, доказот за извршен извоз се обезбедува преку електронска порака IE599 – Известување за извоз која надлежниот царински орган му ја испраќа на декларантот или на неговиот застапник.
(3) При извоз во рамките на извозната царинска постапка кога не се употребува техника за електронска обработка на податоци, туку се применува Единствениот царински документ (во натамошниот текст: ЕЦД), доказот за извршен извоз се обезбедува преку извозна потврда внесена на третиот примерок од ЕЦД. Доколку по завршување на извозот, стоката се превезува во транзитна постапка, доказот за извршен извоз се обезбедува преку извозна потврда внесена на третиот примерок од ЕЦД од страна на надлежнииот царински орган, по добивање на електронска порака со која се потврдува дека стоката го напуштила царинското подрачје или откако ќе се прими петтиот примерок од ЕЦД.
(4) Во случаи, во кои се спроведува извозна царинска постапка без примена на техника за електронска обработка на податоци или ЕЦД, доказот за извршен извоз се обезбедува преку документ кој ги содржи следните податоци:
1. име и адреса на даночниот обврзник и на примателот на доброто,
2. трговски вообичаена ознака и количина на извозното добро,
3. место и ден на извозот,
4. потврда за извршен извоз издадена од надлежниот царински орган.
(5) Во случаите од член 25 од Законот, документот содржи дополнителна потврда од царинскиот орган дека податоците во врска со името и адресата на примателот на доброто соодветствуваат со оние од приложениот пасош или другата патна исправа на лицето кое го превезува доброто во странство.
Член 8
Доказ за извршен извоз при работи врз добра за извоз
Во случај на извршување работи според член 24 точка 4 од Законот, доказот за извршен извоз се обезбедува според член 7 од овој правилник. Од овој документ треба преку дополнителни податоци на очигледен и лесно проверлив начин да произлегува видот и обемот на работата.
III. ОДБИВКА НА ПРЕТХОДНИ ДАНОЦИ
(Членови 34 до 37 од Законот)
Член 9
Одбивка на претходни даноци при постоење на фактурни олеснувања
За фактури во смисла на член 34 став (1) точка 2 од Законот се сметаат и фактури издадени во согласност со членовите 23, 25, 26 став (1), член 27 став (2) и член 28 од овој правилник.
Член 10
Одбивка на претходни даноци од фактури на даночни обврзници со седиште во странство
(1) За фактури во смисла на член 34 став (1) точка 2 од Законот се сметаат и фактури кои се издадени во согласност со член 26 став (3) од овој правилник, доколку даночниот обврзник:
1. го има прибележано на фактурата данокот кој го долгува според член 32 точки 4 и 5 од Законот и
2. го има платено данокот.
(2) Претходниот данок кој може да се одбие, даночниот обврзник може да го одбие во даночниот период, во кој го пријавува долгуваниот данок според член 32 точки 4 и 5 од Законот.
Член 11
Поделба на претходните даноци
(1) Ако даночниот обврзник ги користи добрата или услугите, кои ги набавил или увезол за цели на неговата стопанска дејност, како за промет за кој постои право на одбивка на претходниот данок, така и за промет за кој е исклучено правото на одбивка на претходниот данок според член 35 точка 1 од Законот, во тој случај даночниот обврзник треба според член 36 став (1) од Законот да ги подели претходните даноци според начелото на економска поврзаност на дел со право и дел без право на одбивка. Ова важи и во случај ако прометот, со кој економски се поврзани одредени претходни даноци, бил извршен во подоцнежен даночен период.
(2) Поделбата на претходните даноци зависи единствено од фактичката намена на примените или увезените добра или користените услуги.
(3) Поделбата не се однесува на претходни даноци кои се исклучиво поврзани со промет со право на одбивка или со промет без право на одбивка на претходни даноци. Поделбата важи само за оние претходни даноци кои се во меѓусебна економска поврзаност со двата вида на промет.
(4) Даночниот обврзник може делумните износи според став (3) реченица 2 од овој член, за кои постои правото на одбивка, да ги утврдува и преку проценка која ќе одговара на фактичката состојба. Притоа применетото мерило на поделба треба да го има за своја основа начелото на економска поврзаност. Доколку не постои друго соодветно мерило нa поделба според фактичката состојба, делумните износи кои можат да се одбијат можат да се утврдуваат единствено според односот на прометот за кој е одобрена одбивка на претходниот данок кон останатите видови на промет.
(5) При примена на клучот за поделба на прометот (став (4) реченица 3 од овој член), следните видови на промет не се земаат предвид, доколку се работи за помошен промет:
1. Промет во смисла на член 23 точка 5 од Законот;
2. Промет на недвижности и други инвестициски средства кои даночниот обврзник ги користи за цели на неговата стопанска дејност.
(6) Даночниот обврзник може при пресметката на данокот за даночните периоди од календарската година привремено да ја врши поделбата според состојбата во изминатата календарска година или според предвидениот сооднос во тековната календарска година.
Член 12
Поедноставувања при исправка на одбивка на претходен данок
(1) Исправката на одбивката на претходниот данок според член 37 од Законот не важи, доколку претходниот данок кој отпаѓа на трошоците за набавка или производство на инвестиционо добро не надминува износ од 15.000 денари.
(2) Ако инвестиционото добро се отуѓува во текот на пропишаниот период на исправка или се пренамени според член 3 став (3) точка 1 од Законот, исправката за календарската година на отуѓување или пренамена и за следните календарски години од периодот на исправка се врши со самата пресметка на данокот за даночниот период во кој било извршено отуѓувањето или пренамената.
(3) Ако периодот за кој се врши исправка на одбивкаот на претходниот данок заврши до 15-от ден од календарскиот месец, овој календарски месец не се зема предвид во исправката. Доколку периодот заврши после 15-от ден од календарскиот месец, овој календарски месец се зема целосно предвид.
IV. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ ЗА ТУР-ОПЕРАТОРИ
(Член 38 од Законот)
Член 13
Евиденциски обврски за тур-оператори
(1) За утврдување на даночна основа според член 38 став (3) од Законот, даночниот обврзник треба да ги евидентира следните податоци:
1. износот кој туристичкиот патник го плаќа за туристичката услуга или другата вредност која се утврдува според член 38 став (3) реченица 3 од Законот;
2. износите кои даночниот обврзник ги плаќа за претходните туристички услуги;
3. разликата од износите според точки 1 и 2 од овој став (бруто-маржа);
4. даночната основа.
(2) Доколку настапат дополнителни промени во поглед на износите од став (1) од овој член, даночниот обврзник треба да ги евидентира и променетите износи.
(3) Ако даночниот обврзник врши покрај туристички промет во смисла на член 38 став (1) од Законот и други видови на промет, двете групи на промет се раздвојуваат во евиденцијата јасно меѓу себе.
V. ПЛАЌАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ ПРИ УВОЗ
(Член 43 став (5) од Законот)
Член 14
Продолжување на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз и одбивка на претходниот данок
(1) Продолжувањето на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз може да им се одобри на даночни обврзници кои според членови 33 до 35 од Законот имаат право на одбивка на овој данок како претходен данок.
(2) Надлежниот царински орган на барање на даночниот обврзник одобрува продолжување на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз до петнаесеттиот ден по истек на даночниот период во кој настанал даночниот долг според член 31 став (6) од Законот, доколку даночниот обврзник за данокот на додадена вредност чиј рок за плаќање се продолжува обезбедил банкарска гаранција.
(3) Надлежниот царински орган им го одобрува продолжувањето на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз на даночни должници кои најмалку во последните две години навремено и целосно ги исполнувале своите обврски на пријавување и плаќање на увозните давачки.
(4) Кога е продолжен рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз, данокот може, независно од член 34 став (2) од Законот, да се одбие како претходен данок за даночниот период, во кој настанал даночниот долг според член 31 став (6) од Законот.
(5) Ако даночниот обврзник не го плати во полн износ прологнираниот данок на додадена вредност при увозот до денот на втасаност на истиот, царинскиот орган веднаш го известува надлежниот даночен орган.
VI. ВРАЌАЊЕ НА ДАНОКОТ
(Членови 46 до 49 од Законот)
Член 15
Постапка за враќање на претходниот данок спрема даночни обврзници без седиште во земјата
(1) Исплатата на претходни даноци, за кои постои право на одбивка според член 46 од Законот спрема даночни обврзници кои немаат фактичко седиште, подружница, постојано живеалиште или престојувалиште во земјата се врши, по исклучок од одредбите на членови 39 до 45 од Законот, според ставови (2) до (4) од овој член, доколку даночниот обврзник во соодветниот период на исплата:
- немал промет во земјата во смисла на член 2 точка 1 од Законот, или
2. имал само промет во земјата ослободен од данок во смисла на член 24 точка 3 од Законот, или
3. имал само промет во земјата, за кој примателот на доброто или корисникот на услугата го должи данокот според член 32 точка 4 од Законот.
(2) Одредбите од став (1) на овој член не важи за претходни даноци кои можат да се засметаат кон друг вид промет наместо прометот наведен во оваа одредба.
(3) Во случаите од став (1) на овој член, претходниот данок се исплаќа само ако во државата, во која даночниот обврзник има седиште, не се наплаќа данок на додадена вредност или друг сличен данок или ако, во случај на наплата на ваквиот данок, истиот им се исплатува на даночни обврзници со седиште во земјата.
(4) Период на исплата е календарски месец или временски период од повеќе последователни месеци од една календарска година. Побарувањето за исплата за овој период треба да изнесува најмалку 30.000 денари.
Во барањето за последниот месец од календарската година можат да се внесат и претходни даноци кои отпаѓаат на претходни периоди на исплата од соодветната календарска година. Побарувањето за исплата за овој период треба да изнесува најмалку 15.000 денари.
(5) Даночниот обврзник може да бара исплата најдоцна до 30 јуни од календарската година која следи по календарската година во која настанало побарувањето за исплата, преку пропишан образец доставен до Управата за јавни приходи - Дирекција во Скопје. Тој треба самиот да го пресмета побарувањето за исплата и да ги докаже износите на претходни даноци преку доставување фактури и докази за извршен увоз во оригинал.
Барањето за исплата го потпишува своерачно даночниот обврзник.
(6) Даночниот обврзник пред надлежниот орган од став (5) на овој член треба да докаже преку службено уверение на државата, во која тој има седиште, дека е регистриран како даночен обврзник.
(7) По прием на сите неопходни документи, надлежниот орган од став (5) на овој член треба да го разгледа барањето за исплата во рок од шест месеци по прием на сите неопходни документи и да го исплати износот.
Член 16
Враќање на данокот на додадена вредност на непрофитни организации
(1) Барањето за враќање според член 47 став (1) од Законот се поднесува на пропишан образец до Управата за јавни приходи - Дирекција во Скопје најдоцна до 30 јуни од календарската година која следи по календарската година во која добрата биле извезени во странство. Барањето треба да ги опфаќа сите побарувања од периодот за враќање, кој треба да изнесува најмалку еден календарски месец. Подносителот на барањето самиот го пресметува побарувањето за соодветниот период на враќање.
(2) По прием на сите неопходни документи, органот надлежен според став (1) на овој член, треба да го разгледа барањето за враќање во роковите наведени во член 45 ставови (2) и (3) од Законот и да го исплати износот.
(3) Доколку исплатениот даночен износ дополнително се намали, износот на намалување се враќа во рок од еден месец по дознавање за намалувањето. Износот може да се пребие со побарувања за исплата врз основа на барање поднесено во тој период.
(4) Подносителот на барањето треба да ја докаже исполнетоста на условите за исплата според член 47 став (1) од Законот преку писмени докази и преку својата евиденција на начин што истите ќе бидат лесно и очигледно проверливи.
(5) Писмено се докажуваат особено следните предуслови:
1. износот на данокот на додадена вредност за добра испорачани спрема подносителот на барањето, преку набавна фактура во смисла на член 53 од Законот;
2. плаќањето на купопродажната цена, вклучувајќи го данокот на додадена вредност, преку соодветен документ за извршено плаќање;
3. данокот на додадена вредност платен за увозот, преку соодветен царински документ;
4. извозот на добрата, преку писмен доказ за извршен извоз, кој се обезбедува на ист начин како и при извршен извоз (член 7 од овој правилник).
(6) Во евиденцијата треба особено да се видливи следните податоци:
1. количина и трговски вообичаен назив на извезените добра;
2. износ на данокот на додадена вредност за добра испорачани спрема подносителот на барањето;
3. момент на плаќање на купопродажната цена, вклучувајќи го данокот на додадена вредност;
4. данокот на додадена вредност платен при увозот;
5. име и адреса на примателот на добрата;
6. ден на извозот на добрата;
7. наменска цел во странство.
Член 17
Постапка за враќање на данокот на додена вредност кон странски дипломатски или конзуларни претставништва и нивните членови
(1) Барањето за враќање според член 48 од Законот се поднесува најдоцна во рокот утврден во ставот (1) од истиот член од Законот, според пропишан образец кој се поднесува до Министерството за надворешни работи. Образецот треба да ги содржи сите побарувања за исплата од периодот на исплата кој треба да изнесува најмалку еден месец од календарската година. Побарувањата за исплата се докажуваат преку доставување фактури и сметки во оригинал.
(2) Шефот на дипломатското или раководителот на конзуларното претставништво гарантира дека испорачаните добра или услугите се наменети за потребите според член 48 ставови (1) или (2) од Законот. Министерството за надворешни работи го доставува барањето заедно со своето мислење до Управата за јавни приходи - Дирекција во Скопје, која ги проверува податоците дадени од подносителот на барањето и одлучува за барањето. Доколку барањето е одбиено, на подносителот на барањето му се доставува писмено известување.
(3) По прием на сите неопходни документи, Управата за јавни приходи - Дирекција во Скопје треба да го разгледа барањето за исплата во роковите наведени во член 45 ставови (2) и (3) од Законот и да го исплати износот.
(4) Доколку исплатениот даночен износ дополнително се намали, износот на намалување се враќа во рок од еден месец по дознавање за намалувањето. Износот може да се пребие со побарувања за исплата врз основа на барање поднесено во тој период.
Член 18
Постапка за враќање на данокот на додадена вредност кон меѓународни организации и нивните членови
(1) Доколку меѓународните спогодби кои важат во земјата предвидуваат ослободување на прометот на добра и услуги кон меѓународни организации и нивни членови од индиректни даноци, а ослободувањето може да се одобри и по пат на враќање, во тој случај, врз основа на член 49 од Законот, се применува постапката на враќање на данокот на додадена вредност според одредбите од овој член.
(2) Барањето за враќање според член 48 од Законот се поднесува најдоцна во рокот утврден во ставот (1) од истиот член од Законот во која е извршен прометот кон подносителот на барањето, преку пропишан формулар поднесен до Министерство за надворешни работи. Барањето треба да ги опфаќа сите побарувања за исплата од периодот на исплата кој треба да изнесува најмалку еден месец од календарската година.
(3) Надлежниот претставник на меѓународната организација гарантира во барањето дека се исполнети условите за враќање на данокот на додадена вредност утврдени во соодветната меѓународна спогодба.
(4) Побарувањата за исплата се докажуваат со достава на фактури во смисла на член 53 од Законот, во кои данокот на додадена вредност е одделно искажан за одредениот промет кој подлежи на оданочување.
Органот може да се откаже од барањето за достава на фактурите, доколку тие, во согласност на подносителот на барањето, можат да се проверат во неговите простории во земјата.
(5) Министерството за надворешни работи го доставува барањето заедно со сопственото мислење до Управата за јавни приходи - Дирекција во Скопје, која ги проверува податоците дадени од подносителот на барањето и која одлучува за барањето. На подносителот на барањето му се доставува писмено известување, ако барањето е одбиено.
(6) По прием на сите неопходни документи, Управата за јавни приходи - Дирекција во Скопје треба да го разгледа барањето за исплата во роковите наведени во член 45 ставови (2) и (3) од Законот и да го исплати износот.
(7) Доколку исплатениот даночен износ дополнително се намали, износот на намалување се враќа во рок од еден месец по дознавање за намалувањето. Износот може да се пребие со побарувања за исплата врз основа на барање поднесено во тој период.
VII. ЕВИДЕНЦИСКИ ОБВРСКИ
(Член 52 од Законот)
Член 19
Општи начела на евиденциските обврски
(1) Обврските на евиденција според член 52 од Законот ги исполнуваат сите даночни обврзници кои според член 51 став (1) реченица 1 од Законот се обврзани за регистрација за данокот на додадена вредност или кои според член 51 став (4) од Законот се регистрирале доброволно.
(2) Даночните обврзници кои според член 51 став
(1) реченица 1 од Законот не се обврзани за регистрација на данокот на додадена вредност и кои не се регистрирале доброволно за данокот на додадена вредност според член 51 став (4) од Законот, за извршениот промет треба да ја евидентираат најмалку даночната основа, вклучувајќи го данокот на додадена вредност кој отпаѓа на нив (бруто-промет), како и долгуваниот данок на додадена вредност според член 55 ставови (1) и (2) од Законот.
(3) Делот од прометот според член 31 став (4) од Законот се евидентира како самостоен промет. Во евиденцијата или во документацијата треба да е видливо дека се работи за дел од промет.
(4) Даночните основи за прометот, данокот на додадена вредност долгуван според член 55 ставови (1) и (2) од Законот, како и претходните даноци се собираат во еден збир на крајот од секој даночен период.
(5) Даночниот застапник од член 9-б од Законот, за извршениот промет или примени плаќањата од страна на странското лице од член 9-б од Законот треба да ги евидентира најмалку даночната основа, применетата даночна стапка и износот на пресметаниот данок на додадена вредност, збир од износите на надоместокот за извршените промети или примените плаќања (вкупниот износ на надоместокот со вклучен ДДВ) за секоја издадена фактура од даночниот застапник.
Член 20
Евиденциски обврски за прометот на даночни обврзници
(1) Примените авансни плаќања за сеуште неизвршен промет се евидентираат одделно. Евиденцијата треба да ги содржи даночните основи и даноците долгувани за нив.
(2) Во евиденцијата се опфаќаат одделно од другите видови промет и даночните основи за прометот на добра без надомест според член 3 став (3) од Законот и услугите без надомест според член 6 став (3) од Законот.
(3) Евиденцијата треба да го содржи и прометот во странство, слободни зони, царински зони и царински складишта кој не подлежи на оданочување.
(4) Даночниот обврзник треба раздвојувањето на даночните основи според даночни стапки (член 52 став
(2) точка 1 реченица 2 од Законот) да го обезбеди начелно преку опрема за обработка на податоци, регистар-каси или други технички уреди. Доколку ова не може да се очекува од даночниот обврзник во дадените околности, даночниот орган може на барање да одобри лицето да врши дополнително раздвојување на даночните основи врз основа на влезот на стоки или според други соодветни карактеристики. Примената на поедноставената постапка може да се ограничи на одделни подружници, филијали или други организациони делови.
Член 21
Евиденциски обврски за одбивка на претходен данок
(1) Евиденцијата треба да ги содржи авансните плаќања извршени од страна на даночниот обврзник за промет кој се уште не е извршен спрема него (член 33 став (2) точка 2 од Законот). Притоа треба да се евидентираат даночните основи и даноците кои отпаѓаат на нив.
(2) Евиденциските обврски според член 52 став (2) точки 2 и 3 од Законот не се исполнуваат, доколку било исклучено правото на одбивка на претходниот данок според член 35 од Законот.
(3) Ако даночниот обврзник е овластен само за делумен одбивка на претходни даноци, евиденцијата треба на очигледен и лесно проверлив начин да ги содржи претходните даноци кои целосно или делумно се засметуваат кон прометот со право на одбивка. Во тој случај, даночниот обврзник треба да ги евидентира даночните основи за прометот без право на одбивка одвоено од даночните основи за останатите видови на промет.
(4) Во случај на увоз од страна на даночниот обврзник, евиденциската обврска според член 52 став (2) точка 3 од Законот ќе се смета за исполнета, доколку платениот данок на додадена вредност за увозот се евидентира со наведување на соодветниот царински документ во смисла на член 34 став (1) точка 2 од Законот.
Во случај на одложено плаќање на данокот според член 14 од овој правилник, истото се однесува и за данокот на додадена вредност за извршен увоз чиј рок на плаќање е продолжен
Член 22
Даночниот обврзник во евиденциските обврски според член 52 став (3) од Законот, на крајот од календарската година ги утврдува и евидентира соодветните годишни износи.
VIII. ИЗДАВАЊЕ ФАКТУРА
(Член 53 од Законот)
Член 23
Олеснувања при издавање фактури
(1) Во случај на периодичен или континуиран промет во смисла на член 31 став (3) од Законот може како момент на прометот (член 53 став (10) точка 4 од Законот) да се наведе календарскиот месец во кој бил извршен прометот или било примено плаќањето.
(2) Податоците во врска со количината и описот на прометот (член 53 став (10) точка 5 од Законот) можат да бидат содржани во други документи кои се наведуваат на јасен начин во фактурата.
(3) Во врска со податоците пропишани во член 53 став (10) точка 5 од Законот можат да се користат кратенки, букви, бројки или симболи, доколку нивното значење е очигледно утврдено во фактурата или другите документи. Другите документи треба да постојат како кај издавачот, така и кај примателот на фактурата.
(4) Доколку даночниот обврзник издава фактури исти по вид кон голем број на приматели на истите, даночниот орган може на негово барање да му одобри, наместо потпис на овластеното лице за потпишување на фактури кај издавачот на фактурата да употреби факсимил на потписот на овластеното лице за потпишување на фактури кај издавачот на фактурата. Во факсимилот освен потписот може да биде содржано и името и презимето на овластеното лице за потпишување на фактурите кај издавачот на фактурата.
Член 24
Издавање на фактури од даночен застапник
(1) Даночниот застапник од член 9-б од Законот може да издаде една збирна фактура за календарскиот месец или календарското тримесечје во кој биле извршени прометите или биле примени плаќањата од страна на странското лице од член 9-б став (1) од Законот.
(2) За цели на издавање на збирната фактура од ставот (1) од овој член, странското лице издадените пресметки ги доставува до даночниот застапник најдоцна до последниот ден во календарскиот месец или календарското тримесечје.
(3) Збирната фактура од ставот (1) на овој член ги содржи најмалку следните податоци:
1. Место, дата на издавање и број;
2. Назив и ДДВ даночен број на странското лице и адреса на даночниот застапник;
3. Месец или календарско тримесечје во кои се изврешни прометите или било примено плаќањето;
4. Упатување на бројот и датумот на пресметките кои се издадени од страна странското лице;
5. Даночна основа;
6. Применета даночна стапка;
7. Износ на пресметаниот данок на додадена вредност;
8. Збир од износите на надоместокот за извршените промети или примените плаќања (вкупниот износ на надоместокот со вклучен ДДВ) и
9. Име, презиме и потпис на овластеното лице за потпишување на фактури кај даночниот застапник на странското лице.
(3) Збирната фактура од ставот (1) на овој член се издава во рок од пет дена по изминување на календарскиот месец или календарското три месечје.
Член 25
Фактури за промет со различни даночни стапки
Во фактурите за промет кој подлежи на различни даночни стапки се врши раздвојување на надоместоците и даноците. Ако износот на данокот се утврдува машински и на ист начин се наведува во фактурата, дозволено е искажување на данокот во еден збир ако за соодветната ставка во фактурата е наведена даночната стапка.
Член 26
Фактури во посебни случаи
(1) Во фактури за промет, во кои како даночна основа се земаат вредностите дадени во член 19 од Законот, наместо надоместокот (член 53 став (10) точки 6 и 9 од Законот) се наведуваат овие вредности. Истото не се однесува на вредноста според член 19 став (1) точка 4 од Законот.
(2) Во фактури за промет на употребувани добра, за кои како даночна основа се зема вредноста наведена во член 19 став (1) точка 4 од Законот, наместо податоците според член 53 став (10) точки 6 до 9 од Законот се наведува продажната цена (бруто-цена).
(3) Во фактури за промет, за кој примателот на доброто или корисникот на услугата го долгува данокот според член 32 точка 4 од Законот, отпаѓа обврската на наведување на серискиот број и на даночниот број од член 53 став (10) точки 1 и 2 од Законот, како и на податоците според член 53 став (10) точки 7 до 10 од Законот.
(4) Во фактури за туристички услуги според член 38 од Законот, наместо податоците од член 53 став (10) точки 6 до 9 од Законот се наведува износот кој го плаќа корисникот на туристичките услуги (бруто-цена).
Член 27
Фактури од нерегистрирани даночни обврзници
Доколку даночниот обврзник, кој не е обврзан за регистрација и не се регистрирал доброволно (член 51 ставови (1) и (4) од Законот), издава фактури според член 53 од Законот, во тој случај отпаѓа обврската за наведување на серискиот број и даночниот број (член 53 став (10) точки 1 и 2 од Законот), како и на надоместокот, даночната стапка и пресметаниот данок на додадена вредност (член 53 став (10) точка 6 до 8 од Законот).
Член 28
Издавање фактури пред регистрација
(1) Доколку даночниот обврзник врши промет пред негова регистрација за данок на додадена вредност треба, независно од член 53 став (8) од Законот, да издаде фактура на денот на издавањето на решението за регистрација, но најдоцна во рок од пет работни дена.
(2) Доколку издавачот на фактурата има поднесено барање за регистрација, а надлежниот даночен орган не го доставил решението за регистрација во рок од 10 работни дена по поднесување на барањето, издавачот на фактурата е овластен, наместо својот даночен број (член 53 став (10) точка 2 од Законот), да ја наведе во фактурата издадена од него забелешката „Регистрација побарана на ......”.
(3) Ако изостане регистрацијата на издавачот на фактурата побарана според став (2) од овој член, лицето го должи искажаниот данок според член 55 став (1) од Законот. Ако даночниот обврзник не сноси одговорност за изостанатата регистрација, лицето може да издаде нова фактура без одделно искажан данок.
Член 29
Фактури кон организации и лица наведени во членови 47 до 49 од Законот
За промет кон организации и лица наведени во членовите 47 до 49 од Законот, на нивно барање се издаваат фактури според член 53 од Законот.
Член 30
Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за спроведување на Законот за данок на додадена вредност (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/99, 17/00, 28/00, 66/00, 29/03, 90/05, 106/06, 142/15, 42/16 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 111/19 и 143/22).
Член 31
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 23-416/1
24 јaнуари 2024 година Министер за економија,
Скопје д-р Фатмир Бесими, с.р.