„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Програма за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2024 година

24.01.2024

Врз основа на член 36 став (5) од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 јануари 2024 година, донесе
П Р O Г Р А М А
ЗА ПОДДРШКА НА КОНКУРЕНТНОСТА НА ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА И ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ ЗА 2024 ГОДИНА
 
I
Со оваа програма се уредува намената на средствата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност во вкупен износ од 35.500.000,00 (триесет и пет милиони и петстотини илјади) денари и тоа:
-33.500.000,00 (триесет и три милиони и петстотини илјади) денари, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, – Потпрограма 11 – Индустриска политика, сметка 637, ставкa 462, 464 и 425, наменети за имплементација на мерки од Индустриската стратегија на Република Македонија 2018-2027, Стратегија за паметна специјализација на Република Северна Македонија 2024-2027 и Стратегијата за промоција на извозот на Република Северна Македонија 2024- 2027;
- 2.000.000,00 (два милиони) денари, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, – Потпрограма 16 – Инвестиции и општествена одговорност, ставка 462, наменети за поддршка на општествената одговорност.
Средствата од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година наменети за реализација на оваа програма, ги распоредува Министерството за економија.
II.
Оваа програма се состои од мерки во следните области:
А. ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ИНДУСТРИСКАТА ПОЛИТИКА
За реализација на мерките од областа А. Имплементација на индустриската политика се наменети средства во вкупен износ од 33.500.000,00 денари и тоа за:
МЕРКА 1. Поддршка за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачка индустрија во вкупен износ од 6.500.000,00 денари. Подршката се однесува на развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар.
Предмет на мерката е надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти, и тоа во износ од 50% од докажаните трошоци, но не повеќе од 300.000,00 денари поединечно за секој деловен субјект – барател на средствата за следните активности:
1.1. Изработка на стратегија за извоз и/или студии за истражување на пазарот и/или маркетинг стратегија и/или активности за развој на бренд за извозно ориентирани деловни субјекти;
1.2. Набавка, имплементација, сертификација и обука за хоризонтални стандарди; хармонизирани и други стандарди и стандардизациски документи од областа на преработувачката индустрија, потребни за интернационализација и поголема конкурентност;
1.3. Надоместување на дел од трошоци за официјални такси за регистрација во меѓународни институции (WIPPO, EPO, EUIPO и други) за меѓународна заштита на правата на индустриска сопственост;
1.4. Соработка меѓу деловните субјекти и универзитетите за истражување, развој и иновации (користење на лабораториите при универзитетите за испитување и истражување, изработка на проектна документација за подобрување на технолошкиот процес и производ, стручна анализа и консултација, специјализирана обука, подготовка и објава на заеднички анализи и трудови во стручни списанија и сл.);
1.5. Надоместување на дел од трошоци за дигитална трансформација на компаниите: развој/набавка на дигитални решенија за поддршка на бизнисот и производството, систем за компјутерска безбедност, дигитален маркетинг.
МЕРКА 2: Воведување и унапредување на концептот на циркуларна економија, во вкупен износ од 6.000.000,00 денари.
Предмет на мерката е надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти и тоа во износ од 50 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 350.000,00 денари поединечно за секој деловен субјект – барател на средствата за следните активности:
2.1. Развивање и примена на циркуларни бизнис модели и/или организациони системи кои водат кон намалување на отпадот во понатамошниот процес за реализирање на проектот;
2.2. Развивање на нови производи од рециклирани или секундарни суровини;
2.3. Набавка на дробилица за дробење на разни користени производи со цел нивно повторно вклучување во процесот на производство како репроматерјал;
2.4. Набавка на мали линии/машини за селекција на отпад за потребите на правни лица, кои имаат дозвола за управување со отпад;
Финансиската поддршка од Мерките 1 и 2 од оваa област се наменети за деловните субјекти од секторот Преработувачка индустрија, согласно Националната класификација на дејностите – НКД рев. 2.
МЕРКА 3: Надоместување на дел од трошоците за акредитирање на лаборатории, проширување на опсегот на акредитација на постоечките лаборатории за испитување или набавка на потребна опрема за лаборатории за пуштање на пазарот на квалитетни и безбедни производи во вкупен износ од 3.000.000,00 денари.
Предмет на Мерката 3 е надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти, и тоа во износ од 50 % од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 400.000,00 денари поединечно за секој деловен субјект – барател на средствата.
МЕРКА 4. Кофинансирање за организирање на специјализирани обуки - длабински и детални технолошки обуки за преработувачка индустрија во вкупен износ од 3.000.000,00 денари.
Предмет на Мерката 4 е кофинансирање за организирање на обуки и тоа:
4.1. Специјализирани обуки - длабински и детални технолошки обуки за новите предизвици во развојот и добри производни практики во преработувачката индустрија: текстилна, прехранбена, метало-преработувачка, хемиска и електро машинска индустрија;
4.2. Обуки за извозно ориентирани претпријатија за подигање на извозната спремност и е-трговија;
4.3. Обуки за подигање на свеста и промоција на воведување на концептот на зелена трансформација и концептот на циркуларна економија во преработувачката индустрија;
4.4. Обуки за подигање на свеста за дигитална трансформација, дигитална безбедност, дигитален маркетинг, дигитална писменост, за секторите идентификувани во стратегијата за паметна специјализација.
За активностите од Мерката 4 од оваa област, се надоместува делот на трошоците во висина од 75% од докажаните трошоци за организација и реализација на обуките, но не повеќе од 250.000,00 денари поединечно по обука.
МЕРКА 5: Поттикнување на иновативни и колаборативни проекти поврзани со паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација во четворен хеликс во вкупен износ од 15.000.000,00 денари.
Предмет на Мерката 5 е кофинансирање на дел од трошоците за нови иницијативи, за воспоставување дијалог и долгорочна соработка меѓу деловните субјекти, високо образовни установи, институции, невладини организации и други заинтересирани страни, базирана на истражување, развој и иновации за паметна специјализација.
За активностите од Мерката 5 од оваa област, се надоместува дел од трошоците во висина од 50% од проект, но не повеќе од 3.000.000,00 денари, поединечно по проект.
За реализација на Мерката 5, Министерството за економија може да соработува со други институции кои во своите програми за работа поддржуваат соработка помеѓу науката и бизнисот во истражување, развој, иновации, диверзификација и нови пазарни можности, како и со донатори.
За доделување на средствата од мерките 1, 2, 3, 4 и 5 од оваа област ќе се објават јавни повици на веб страницата на Министерството за економија www.economy.gov.mk.
Б. ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ
За реализација на мерките од областа Б. Општествена одговорност се наменети средства во вкупен износ од 2.000.000,00 денари и тоа за:
МЕРКА 1. Поддршка за развивање, одржување и применување социјално прифатливи практики на деловните субјекти во вкупен износ од 2.000.000,00 денари, преку надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за воведување, сертификација и ресертификација на систем за општествена одговорност и тоа:
1.1. Стандард SA8000 и/или извештај: BSCI/SMETA/GOTS/STEP;
1.2. Стандард - Environmental, Social and Governance (ESG).
За активностите на Подмерките 1.1. и 1.2. согласно оваа програма, се надоместуваат 60% од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 200.000,00 денари поединечно за секој барател на средства.
За доделување на средствата од Мерката 1 од оваа област ќе се објави јавен повик на веб страницата на Министерството за економија www.economy.gov.mk.
Трошоците наменети за реализација на Мерката 1 од оваа област, ќе им бидат исплатени на барателите во зависност од расположливите средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, по редоследот на нивното пријавување во архивата на Министерството за економија.
III
Со цел придонесување кон рамномерен регионален развој, барателите на финансиска поддршка, за оние мерки каде што тоа е применливо, ќе добијат дополнителна финансиска поддршка во зависност од планскиот регион од каде аплицира барателот.
За потребите на пресметка на дополнителната финансиска поддршка од ставот 1 на овој дел ќе се користат последните достапни податоци за БДП по глава на жител по региони кои ги објавува Државниот завод за статистика.
Дополнителната финансиска поддршка ќе се пресметува врз основа на процентуална разлика помеѓу планскиот регион со највисока вредност на БДП по глава на жител и вредноста на БДП по глава на жител на планскиот регион во кој е седиштето на барателот на финансиска поддршка.
IV
За начинот и динамиката на реализирање на оваа програма ќе се грижи Министерството за економија.
V
Министерството за економија, заклучно со 31 март 2025 година, до Владата на Република Северна Македонија ќе достави извештај со финансиски показатели за реализација на оваа програма и наменско користење на средствата.
VI
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 Бр. 41-612/5   
16 јануари 2024 година
Скопје                    
Заменик на претседателот на Владата на
Република Северна Македонија,
м-р Бојан Маричиќ, с.р