Врз основа на член 29-б став 7 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08, 124/10, 164/13, 149/15, 37/16, 53/16 и 193/17), министерот за здравство донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ПОБЛИСКИТЕ УСЛОВИ ПО ОДНОС НА ПРОСТОРОТ, ОПРЕМАТА, КАДАРОТ, НАЧИНОТ НА
ОБЕЗБЕДУВАЊЕ И ЧУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ НА КОЈ СЕ ОДГЛЕДУВА КАНАБИСОТ
Член 1
Со овој правилник се пропишуваат поблиските услови по однос на просторот, опремата, кадарот, начинот на обезбедување и чување на просторот на кој се одгледува канабисот.
Член 2
Одгледувањето на канабис се врши:
1. во затворен простор без природна светлина;
2. во делумно затворен простор со природна светлина (пластеници, оранжерии) или
3. на отворен простор (површина или земјиште) што е атмосферски заштитен.
До просторот, односно површините наменети за одгледување на канабис треба да постои пристапен пат и манипулативен простор, како и да има лесен пристап за возила.
Член 3
Кога одгледувањето на канабис се врши во затворен простор без природна светлина, просторот треба да биде сместен во објект кој е изграден од цврст материјал, градежно технички погоден за намената за која е определен, со ѕидови, подови и тавани со мазни површини и кој е погоден за лесно чистење и дезинфицирање.
Просторот од став 1 на овој член, не се сместува во станбен објект.
Објектот од став 1 на овој член, треба да биде поврзан на комунална инфраструктура (водовод, канализација, електрична мрежа и греење), а доколку нема можност да се приклучи на постојната инфраструктура, во објектот треба да се обезбедат сопствени постројки, апарати и мрежи за водовод, канализација, електрична енергија и греење.
Височината во сите простории во објектот од став 1 на овој член, од подната површина до меѓукатната конструкција треба да изнесува најмалку 2,50 м.
Просторот од став 1 на овој член, треба да има технички уреди, опрема и средства за гаснење на пожари согласно прописите од областа на противпожарната заштита.
Кога одгледувањето на канабис се врши во делумно затворен простор со природна светлина, одгледувањето е во подигнати пластеници или оранжерии за одгледување на канабис.
Кога одгледувањето на канабис се врши на отворен простор (површина или земјиште), треба да е атмосферски заштитен (покриен од горе и/или странично затворен) со транспарентна фолија или мрежа што е поставена на конструкција.
Просторот од ставовите 1, 6, 7 на овој член, треба да биде организиран да овозможи влез и излез на луѓе и материјали без вкрстување и прекин на правците на движење на процесот на одгледување на канабис.
Член 4
Покрај просторот на кој се одгледува канабис од член 2 од овој правилник, правното лице треба да обезбеди дополнителен простор изграден од цврст материјал, функционално распореден, и тоа:
1. Простории за обработка на канабис, и тоа:
- просторија за сушење на канабис каде што може да се врши сушење на канабисот со вентилација и температура кои обезбедуваат намалување на влагата на растенијата и
- просторија за кастрење и класирање на канабисот.
2. Магацин за влезни суровини и материјали;
3. Магацин за финален производ (сеф), што е со регулиран пристап на овластени лица и има само една и тоа блиндирана врата, без прозорци, со камера поставена внатре;
4. Магацин за отпад што е со регулиран пристап на овластени лица;
5. Магацин за алати и опрема;
6. Канцеларии;
7. Соблекувални;
8. Чајна кујна со трпезарија;
9. Санитарни јазли и
10. Простории за физичко обезбедување и видео надзор.
Член 5
За одгледување на канабис во затворен простор без природна светлина треба да има опрема и алати за одгледување на растенијата, светилки што обезбедуваат вештачка светлина, подлога за растење, систем за вентилација и систем за наводнување.
За одгледување на канабис во делумно затворен простор треба да има опрема и алати за одгледување на растенијата во оранжерии/ пластеници, дополнително осветлување и затемнување, почва/ подлога за растење, систем за вентилација и систем за наводнување.
Отворениот простор за одгледување на канабис кој е атмосферски заштитен, треба да има конструкција за поставување на транспарентна фолија или мрежа и опрема и алати за одгледување на растенијата на отворено, почва/подлога за растење и систем за наводнување.
За одгледување на канабис треба да се обезбеди:
- опрема за сушење за намалување на влагата кај канабисот,
- опрема за кастрење и класирање,
- електронска вага (редовно да се калибрира),
- опрема за транспорт и складирање (палети, колички и сталажи).
Опремата и алатите треба да бидат погодни за употреба и редовно да се одржуваат и чистат.
Член 6
За одгледување на канабис треба да има вработено лица на неопределно полно работно време согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.
Член 7
Пристап до просторот за одгледување на канабис имаат само лицата кои се овластени од страна на одговорното лице кај правното лице.
Пристап до магацинот со финален производ имаат само одговорното лице на правното лице, фармацевтот и агрономот.
Член 8
Вработените лица, кои се вклучени во одгледувањето на канабисот, треба да одржуваат лична хигиена и да носат заштитна облека и ракавици.
Вработените лица кои се заболени од заразни заболувања кои се пренесуваат преку храна или се носители на овие заболувања, вработените лица со отворени рани, воспаленија и инфекции на кожата немаат пристап во областите каде што би можеле да дојдат во контакт со канабисот.
Член 9
Просторот на кој се одгледува канабис, заедно со дополнителниот простор треба да е целосно ограден со ограда висока најмалку четири метри, со бринов елемент пред оградата со пречник од најмалку 45 см кон надвор, во котури во три реда (хоризонтално или вертикално поставени) и најмалку еден ред на бодликава жица над оградата.
Оградата се поставува на одалеченост од најмалку два метра од објектот, односно просторот на кој се одгледува канабисот.
Влезот во оградениот простор треба да биде само низ едно место на оградата, низ капија со пристап за возила, лица и стоки. Капијата треба да биде висока најмалку четири метри и да се отвара само по потреба.
Влезот во просторот треба да биде контролиран од страна на лицата задолжени за обезбедување на просторот. За секое влегување и излегување од просторот, од страна на лицата задолжени за обезбедување се води евиденција за влез и излез на лица, возила и стоки.
Над целиот простор за одгледување на канабисот се врши 24 часовен видео надзор, кој го опфаќа целокупниот надворешен и внатрешен простор и предупредување за поставените автоматски технички уреди за снимање и видеонадзор. Просторијата за видео надзор треба да има опрема за надзор и снимање. Снимените материјали се чуваат најмалку една година.
Над целиот простор се врши 24 часовно физичко обезбедување од страна на лица кои се вработени или од страна на регистрирано правно лице за обезбедување на лица и имот. Просторот треба да биде организиран на начин што ќе овозможи лесен пристап на физичкото обезбедување до сите делови од објектот.
Финалниот производ, сув цвет од канабис и/или биомаса, се чува во магацинот за финален производ, сеф, со блиндирана врата и ограничен пристап, спакуван во соодветна амбалажа и во завршна картонска кутија со сигурносна лента.
Член 10
Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се објави по добивање согласност од Владата на Република Северна Македонија.
Бр. 19-8646/1
20 октомври 2023 година Министер за здравство,
Скопје Dr. Fatmir Mexiti,с.р