„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Закон за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем

01.12.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СИСТЕМ
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 27 ноември 2023 година.
 
Бр. 08-6169/1                               Претседател на Република
27 ноември 2023 година             Северна Македонија,
Скопје                                             Стево Пендаровски, с.р.
 
Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
 
З А К О Н
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СИСТЕМ
 
Член 1
Во Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија“ број 48/10, 23/11, 80/12, 155/12, 163/13, 42/14, 130/14, 152/15, 31/16, 178/16 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 302/20), во член 5 ставот (6) се менува и гласи:
„Во бизнис-планот од ставот (4) на овој член треба да има развоен дел на бизнис-планот за период од пет години.“.
Ставот (7) се менува и гласи:
„Бизнис-планот од ставот (4) на овој член превозникот го изготвува според видот на превозот.“.
Ставот (8) се менува и гласи:
„На бизнис-планот од ставот (4) на овој член на превозникот, согласност дава Владата на Република
Северна Македонија, а истиот претходно се доставува на увид до Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.“.
Член 2
Во членот 6 став (1) по алинејата 4 се додава нова алинеја 5, која гласи:
„- изработува петгодишен план за одржување на железничката инфраструктура,“.
Член 3
Во член 7 ставот (2) се менува и гласи:
„Во бизнис-планот од ставот (1) на овој член треба да има развоен дел на бизнис-планот за период од пет години.“.
Ставот (3) се менува и гласи:
„Бизнис-планот од ставот (1) на овој член, управителот на инфраструктура го изготвува според видот на потребата за изградба, реконструкција, ремонт, одржување, заштита на железничката инфраструктура и организирање и регулирање на железничкиот сообраќај.“.
Ставот (4) се менува и гласи:
„На бизнис-планот од ставот (1) на овој член на управителот на инфраструктурата согласност дава Владата на Република Северна Македонија, а истиот претходно се доставува на увид до Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.“.
Член 4
Во член 15 став (6) по точката на крајот на реченицата се додава нова реченица, која гласи:
„Доколку подносителот на барањето зборува на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија, дозволата се издава и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија.“.
Член 5
Во член 21 став (9) по точката на крајот на реченицата се додава нова реченица, која гласи:
„Доколку подносителот на барањето зборува на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија, дозволата се издава и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија.“.
Член 6
Во член 22 став (2) по точката на крајот на реченицата се додава нова реченица, која гласи:
„Доколку подносителот на барањето зборува на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија, дозволата се издава и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија.“.
Член 7
Членот 26 се менува и гласи:
„(1) Изградбата, реконструкцијата, ремонтот и одржувањето на постојаната или на нова железничка инфраструктура се утврдуваат со Национална програма за развој на железничка инфраструктура, која се донесува за период од пет години (во натамошниот текст: Националната програма).
(2) Националната програма од ставот (1) на овој член ја донесува Владата на Република Северна Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура по донесување на фискалната стратегија на Република Северна Македонија, најдоцна до 31 октомври во тековната година.
(3) Со Националната програма се утврдуваат активностите, динамиката на реализација, како и висината и изворите на финансиските средства за изградба, реконструкција, ремонт и одржување на железничката инфраструктура.
(4) За реализација на Националната програма за секоја измината година органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура доставува Извештај до Владата на Република Северна Македонија, во кој особено треба да се даде преглед на степенот на реализација на активностите, средствата, можни импликации од камати за непотрошени средства, доколку се финансираат по пат на заеми од меѓународни финансиски институции, ризикот од неискористување грантови, доколку истите се веќе обезбедени и наменети за финансирање на изградба, реконструкција, ремонт и одржување на железничката инфраструктура.
(5) Врз основа на Националната програма, управителот на инфраструктура изготвува Годишна програма за финансирање на железничката инфраструктура, која мора да биде временски усогласена со роковите за изработка и донесување на Буџетот на Република Северна Македонија. На утврдувањето на висината на буџетското финансирање на Годишната програма, соодветно се применуваат прописите кои се однесуваат на изготвувањето на годишниот Буџет на Република Северна Македонија.
(6) На Годишната програма од ставот (5) на овој член согласност дава Владата на Република Северна Македонија на предлог на управителот на инфраструктура во соработка со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура.
(7) За реализација на Годишната програма од ставот (5) на овој член, управителот на инфраструктура, преку органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, доставува извештај за информирање до Владата на Република Северна Македонија во првиот квартал од тековната година за претходната година.“.
Член 8
Во член 69 ставот (4) се менува и гласи:
„Управителот на инфраструктура, за стимулацијата од ставот (3) на овој член, склучува договор за период од пет години со Владата на Република Северна Македонија претставувана од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, кој дава можност за финансирање согласно со средствата обезбедени во Годишната програма од членот 26 став (5) од овој закон.“.
Ставот (6) се брише.
Член 9
Членот 118 се менува и гласи:
„(1) Средствата за финансирање на изградба на нова железничка инфраструктура се обезбедуваат од:
1) средства од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година;
2) кредити и заеми и
3) други извори.
(2) Средствата за финансирање на постојната железничка инфраструктура се обезбедуваат од:
1) надоместок за користење железничка инфраструктура;
2) средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година;
3) буџетите на единиците на локалната самоуправа за финансирање услуги од јавен интерес во железничката инфраструктура;
4) закупнина на движни и недвижни ствари;
5) продажба на неупотребливи движни ствари;
6) дел од вложување на домашни и на странски лица и
7) средства од други извори.
(3) Намената и начинот на користење на буџетските средства од ставовите (1) и (2) на овој член се утврдуваат со Годишната програма од членот 26 став (5) од овој закон.
 (4) За буџетските средства од ставот (1) точка 1) и ставот (2) точка 2) на овој член, управителот на инфраструктурата склучува договор за период од пет години со Владата на Република Северна Македонија претставувана од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура.“.
Член 10
Членот 119 се менува и гласи:
„(1) За утврдување вршење јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници, Владата на Република Северна Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, донесува одлука согласно со следниве критериуми:
- достапност на друг вид на сообраќај,
-утврдената политика на цената на билети за патнички железнички превоз и
- вложувања во сигурност на железничкиот сообраќај.
(2) Градоначалниците на општините, односно градоначалникот на Град Скопје можат да утврдат вршење јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници, на подрачјето на општините, односно Градот Скопје, за што го известуваат органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура.
(3) Услугите од јавен интерес во железничкиот превоз на патници не се однесуваат на услуги кои се вршат од историски интерес или туристичка вредност.”.
Член 11
По членот 119 се додава нова глава 2, која гласи:
„2. Финансирање на дејноста јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници“.
Член 12
Членот 120 се менува и гласи:
„(1) Средствата за вршење на дејноста јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници превозникот ги обезбедува од:
- продажба на билети,
- средства од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година,
- буџетите на единиците на локалната самоуправа за финансирање јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници,
- закупнина на движни и недвижни ствари,
- продажба на неупотребливи движни ствари и
- средства од други извори.
(2) Намената и начинот на користење на буџетските средства од ставот (1) алинеи 2 и 3 на овој член се утврдуваат со Годишна програма за финансирање на јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници.
(3) На Годишната програма од ставот (2) согласност дава Владата на Република Северна Македонија, на предлог на превозникот во соработка со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура.
(4) За користење на буџетските средства од ставот
(1) алинеи 2 и 3 на овој член, превозникот склучува договор за вршење јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници за период од пет години со Владата на Република Северна Македонија, претставувана од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура или со градоначалниците на општините, односно градоначалникот на Град Скопје.
(5) Со договорот од ставот (3) на овој член се утврдуваат:
- обврските за вршење на јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници на договорните страни,
- критериумите врз основа на кои се пресметува висината на надоместокот за јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници и
- начинот на распределба на расходите поврзани со давање услуги.
(6) Критериумите од ставот (4) алинеја 2 на овој член се одредуваат така што висината на надоместокот за вршење на јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници не може да го надмине износот потребен за покривање на финансискиот ефект од настанатите расходи и реализираните приходи при исполнување на обврските за вршење јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници, кога се зема предвид приходот од истите, кој останува кај превозникот.
(7) Начинот на распредба на расходите од ставот (4) алинеја 3 на овој член ги вклучува особено расходите за персонал кај превозникот кој е вклучен во вршењето на железничкиот превоз на патници, енергија, надоместок за користење на железничката инфраструктура, одржување и поправка на возните средства кои вршат железнички превоз на патници и фиксни расходи.
(8) За реализација на Годишната програма од ставот (2) на овој член, превозникот, преку органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, доставува извештај за информирање до Владата на Република Северна Македонија во првиот квартал од тековната година, за претходната година.“.
Член 13
Членот 120-a се брише.
Член 14
Членот 121 се менува и гласи:
„(1) Превозникот кој има склучено договор за вршење јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници со Владата на Република Северна Македонија или со градоначалниците на општините, односно со градоначалникот на Град Скопје и планира да ги прекине дел или сите услуги, за истото треба да побара согласност од Владата на Република Северна Македонија или од градоначалниците на општините, односно од градоначалникот на Град Скопје.
(2) Одлуката за давање согласност за престанок на дел или на сите услуги донесена од Владата на Република Северна Македонија се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а одлуката за давање согласност за престанок на дел или на сите услуги донесена од градоначалниците на општините, односно од градоначалникот на Град Скопје, се објавува во службеното гласило на Општината, односно на Град Скопје.
(3) По добиената согласност од ставот (1) на овој член, превозникот е должен да го извести управителот на железничката инфраструктура за прекинот на давањето јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници, односно за измената на возниот ред и, по 15 дена од известувањето, да ја прекине услугата.
(4) Превозникот кој нема склучено договор за вршење јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници со Владата на Република Северна Македонија или со градоначалниците на општините, односно со градоначалникот на Град Скопје, а планира да ги прекине дел или сите услуги, е должен да го извести управителот на железничката инфраструктура за измена на возниот ред. Управителот на инфраструктурата е должен во рок од три работни дена да изврши измена на возниот ред и да ја објави во најмалку два дневни весника кои се издаваат во Република Северна Македонија, од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и да го истакне на видно место во станичните објекти и на веб-страницата.
По истекот на седум дена од објавувањето во дневните весници, услугата престанува.
(5) Управителот на инфраструк-турата за случаите од ставовите (3) и (4) на овој член постапува согласно со членот 93 став (5) од овој закон.“ .
Член 15
Низ целиот текст на законот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“.
Член 16
Одредбата од членот 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот на железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија“ број 80/12), престанува да важи со денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 17
Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 18
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.