Врз основа на член 11 став (2) од Законот за општа безбедност на производите (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/20), министерот за економија донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА НАЧИНОТ ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ, КАКО И НАЧИНОТ, КРИТЕРИУМИТЕ И МЕТОДИТЕ ЗА ПРОЦЕНКАТА НА РИЗИКОТ ОД СТРАНА НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ И ДИСТРИБУТЕРИТЕ И ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ОБРАЗЕЦОТ ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕТО ЗА ОПАСНИ ПРОИЗВОДИ ПЛАСИРАНИ НА ПАЗАРОТ ОД СТРАНА НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ И ДИСТРИБУТЕРИТЕ(*)
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот за известување, како и начинот, критериумите и методите за проценката на ризикот од страна на производителите и дистрибутерите и формата и содржината на образецот за известувањето за опасни производи пласирани на пазарот од страна на производителите и дистрибутерите.
Член 2
Известувањето се врши во случај на ризик кој произлегува од производот кој се користи или за кој има интерес од страна на потрошувачите, вклучувајќи и користени производи набавени со цел вршење на услуга, како и производи за кои со посебни прописи се утврдени барањата за нивна безбедност, доколку тие прописи не содржат постапки за известување за опасни производи.
Член 3
(1) Известувањето за опасни производи пласирани на пазарот од страна на производителите и дистрибутерите (во натамошниот текст: известување) се доставува на образец во А4 формат на хартија во бела боја.
(2) Формата и содржината на образецот за известувањето од ставот (1) на овој член се дадени во Прилог 1, кој е составен дел на овој правилник.
Член 4
(1) Известувањето се доставува до Министерството за економија-Државен пазарен инспекторат (во натамошниот текст: Државен пазарен инспекторат) преку системот за брза размена на информации, архивата на Државниот пазарен инспекторат или во форма на електронски документ преку квалификувана електронска препорачана достава на електронската адреса до Државниот пазарен инспекторат, согласно прописите од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на дознавањето за постоење на ризикот.
(2) Во случај кога известувањето се однесува на производи или група на производи кои претставуваат опасност, а се утврдени со посебни прописи со кои се утврдени барањата за нивна безбедност и со посебни прописи за хемиски супстанци, производителите и дистрибутерите, треба да достават известување до надлежните органи за надзор на пазарот кои го спроведуваат инспекцискиот надзор на истите прописи, преку системот за брза размена на информации, за производите кои претставуваат ризик.
_____________________________________________________________________________________
*Со овој правилник се врши усогласување со Директивата 2001/95/EЗ на Европскиот парламент и на Советот од 3 декември 2001 година за општа безбедност на производите (CELEX бр. 32001L0095).
Член 5
(1) Производителите и дистрибутерите не треба да го одложуваат известувањето и во случај да не им се достапни дел од податоците.
(2) Податоците од деловите 1, 2, 3, 4 и 5 од образецот од Прилогот 1 од овој правилник, производителите и дистрибутерите треба да ги достават во рокот од член 4 став (1) од овој правилник, а податоците од делот 6 од образецот од Прилогот 1 од овој правилник најдоцна во рок од пет дена од денот на дознавањето за постоењето на ризикот.
(3) Доколку користењето на производот претставува сериозен ризик, производителите и дистрибутерите треба податоците од делот 6 од образецот од Прилогот 1 од овој правилник да ги достават веднаш, односно најдоцна во рокот од член 4 став (1) од овој правилник.
(4) Во итни случаи, како и кога производителите и дистрибутерите преземаат соодветни корективни односно превентивни мерки како мерки за поврат или повлекување на производ, за преземањето на истите веднаш ги известуваат Државниот пазарен инспекторат и надлежните органи за надзор на пазарот и преку системот за брза размена на информации, за производите кои претставуваат ризик или квалификувана електронска препорачана достава на електронската адреса до Државниот пазарен инспекторат.
Член 6
(1) Производителот кој прв го известува Државниот пазарен инспекторат дека производот е опасен, треба веднаш да достави и копија од известувањето до дистрибутерите на тој производ.
(2) Во случајот од став (1) на овој член, дистрибутерите треба веднаш да достават копија од известувањето до сите трговци на мало на кои им го испорачале тој производ.
(3) Дистрибутерот кој прв го известува Државниот пазарен инспекторат дека производот е опасен, треба веднаш да достави и копија од известувањето до производителот и до сите трговци на мало на кои им го испорачал тој производ.
(4) Производителот кој ќе прими копија од известувањето од дистрибутер, треба до Државниот пазарен инспекторат да ги достави сите податоци со кои располага, а кои се однесуваат на опасниот производ, а особено список на останатите дистрибутери, на кои им го дал/предал тој производ заради утврдување на следливоста на производот.
Член 7
(1) Доколку на надлежните органи за надзор на пазарот или органите за надзор на пазарот чија надлежност е уредена со посебни прописи не им се доставени сите потребни податоци за опасниот производ, истите можат да побараат дополнителни информации за опасниот производ од производителите и дистрибутерите, како и да наложат преземање на дополнителни мерки или активности.
(2) Врз основа на податоците од известувањето, Државниот пазарен инспекторат и органите за надзор на пазарот од ставот (1) на овој член можат од производителите и дистрибутерите да побараат следење на пазарот или информирање на јавноста за производот, во зависност од природата на ризикот и од мерките кои се преземаат.
(3) Производителот и/или дистрибутерот, на барање на Државниот пазарен инспекторат и органите за надзор на пазарот од ставот (1) на овој член, треба да обезбедат на увид и/или да достават:
1) документација за производот, сертификати за тестови и друга соодветна документација која овозможува проценка на ризикот за производот и
2) бесплатни примероци од производи за тестирање, особено производи кои предизвикале штета.
Член 8
(1) За проценка на сериозноста на ризикот, производителите и дистрибутерите ги земаат во предвид следните критериуми:
1) значењето на ризикот кој може да произлезе како резултат, во зависност од сериозноста и веројатноста на можните штети по здравјето или безбедноста кои може да настанат;
2) веројатноста за вообичаена и реална штета по здравјето или безбедноста за просечен потрошувач кој е изложен на соодветна употреба на производот, како и веројатноста од појава на недостаток кај производот;
3) можноста од штета од опасниот производ кон други производи на пазарот или кон поголем број на потрошувачи, особено заради утврдување на видот на активност која е потребно да се преземе за спречување на нејзиното настанување;
4) дали ризикот е очигледен и неопходен за функционирањето на производот, како и дали производителот презел соодветна грижа со цел да предупреди за ризикот, особено ако опасноста не е очигледна;
5) возраста на потрошувачот (деца и стари лица), како и тоа дали производот има соодветно предупредување и безбедносни клаузули кога опасноста е очигледна.
(2) Заради прибирање на податоци за процена на ризикот кој производот може да го претставува, производителите и дистрибутерите можат да ги користат следните методи:
- известувања и други информации за несреќи поврзани со производите;
- приговори од потрошувачи кои се однесуваат на сигурност на производот;
- побарувања од осигурителните компании (осигурување) поврзани со штетите кои се предизвикани од опасни производи;
- неисполнување на безбедносните барања кои производителот ги утврдил при спроведувањето на постапката за контрола на квалитет;
- други податоци поврзани со неисполнување на безбедносните барања, прибавени од надлежните органи за надзор на пазарот, организации за заштита на потрошувачи или други правни и физички лица кои пласираат и/или пласирале производ на пазар и
- информации за научни достигнувања поврзани со безбедноста на производот.
(3) При процената на ризикот, согласно ставот (2) на овој член односно при пополнувањето на известувањето од член 3 од овој правилник, производителите и дистрибутерите ги користат насоките за процена и вреднување на ризикот за производи кои претставуваат опасност за потрошувачите, дадени во Прилог 2, кој е составен дел на овој правилник.
Член 9
Со денот на влeгувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за известување за опасни производи пуштени на пазарот од страна на производителите и дистрибутерите („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/07).
Член 10
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 25-3392/4
12 октомври 2023 година Министер за економија,
Скопје Крешник Бектеши, с.р.