„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Програма за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2023 година

19.10.2023

Врз основа на член 49 став (3) од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/10, 135/11, 55/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 17 октомври 2023 година, донесе
П Р О Г Р А М А
ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОГРАМСКИТЕ АКТИВНОСТИ НА ЗДРУЖЕНИЈАТА И ФОНДАЦИИТЕ ЗА 2023 ГОДИНА
 
1. Со оваа програма се утврдува намената на средствата обезбедени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во рамките на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,
Раздел-040.10–Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, Потпрограма 11–Промоција на меѓуетнички односи, ставка 463–Трансфери до невладини организации, наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, во вкупен износ од 20.000.000,00 денари.
2. Средствата од точка 1 од оваа програма, ќе се користат за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, преку грантови во износ од 600.000,00 денари за програми (проекти), за следниве:
А) приоритетни цели:
1. Еднаквост и недискриминација во сите области на општественото живеење;
2. Подобрување на социјалната кохезија и меѓуетничка толеранција;
3. Обезбедување и промоција на вредностите на Охридскиот рамковен договор (етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на заедниците);
4. Обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на граѓаните;
5. Успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија;
6. Владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност;
7. Квалитетно образование достапно за сите, согласно побарувачката на пазарот на трудот;
8. Модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти и
9. Заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени.
Б) специфични цели:
- Унапредување на меѓуетничката толеранција и елиминирање на сите видови на дискриминација (расизам, сексизам, дискриминација поради бременост, раѓање или родителство, верска, возрасна дискриминација, дискриминација поради попреченост или болест, трансродова-ЛГБТ дискриминација);
- Промоција на мултиетничкиот карактер на општеството, градење доверба и успешен соживот на припадниците на заедниците на централно и локално ниво;
- Спроведувањето на начелата кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор;
- Унапредување на соодветната и правична застапеност на припадниците на заедниците, при вработувањата во администрацијата во сите централни и локални јавни органи и подобрување на меѓучовечките односи меѓу сите вработени;
- Олеснување на спроведувањето на правото на употреба на јазици и азбуки на припадниците на заедниците;
- Промовирање и заштита на културното наследство на припадниците на заедниците;
- Унапредување на меѓуетничката соработка во областа на културата, спортот и образованието;
- Промоција и унапредување на почитувањето на идентитетот на припадниците на заедниците;
- Заштита од дискриминација и инклузија на лицата со посебни потреби во образованието;
- Вклучување на родовата перспектива и прифаќање на различностите во креирањето на политиките во образованието;
- Поддршка во сузбивањето на говорот на омраза во јавната сфера и медиумското известување;
- Поддршка на иновациите во земјоделството (истражувањето, трансферот на напредна технологија, дигитализација), промовирање на вработување, социјална вклученост и развој на руралните средини со поттикнување на младите и жените во руралните средини за развој на претприемачки вештини и сопствени агро самоодржливи бизниси;
- Унапредување на социјалната сигурност, животниот стандард на граѓаните кои се наоѓаат во социјален ризик и обезбедување на правата за заштита на децата;
- Промовирање и едукација за социјално претприемништво и социјални претпријатија, воспоставување на систем за финансиски стимулации за развој на иницијативи за социјално претприемништво од страна на граѓанските организации;
- Унапредување на околината во која функционира и се развива граѓанското општество, кое придонесува во демократското управување и воспоставување на структурен дијалог со граѓанското општество;
- Јакнење на владеење на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите;
- Развивање на систем на правда кој ефикасно ги штити човековите слободи, права и заеднички систем на вредности;
- Одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, реформи во насока на владеење на правото и изградба на независни институции;
- Развој на образованието во функција на создавање на личности кои ќе ги почитуваат , негуваат граѓанските права, толеранцијата, различностите, воспитување на духот на мултикултурализмот и интеркултурализмот и оспособување за потребите на пазарот на трудот;
Ефективно, ефикасно и инклузивно креирање политики, стручна, професионална и департизирана администрација и одговорно, отчетно и транспарентно работење на институциите;
- Подобрување на локалните јавни услуги, зголемување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на локално ниво, подобрување на функционалноста на комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво;
- Унапредување на политиките, правната рамка за животна средина и климатска акција, заштита на животната средина од загадување, заштита на природата и одржливо користење на природните ресурси, намалување на климатските промени, вложување во зелена економија и креирање на зелени работни места.
3. Распределувањето на средствата од точка 1 од оваа програма, ќе се спроведе согласно добрата практика за обезбедување финансиска поддршка од Владата на Република Северна Македонија, утврдена со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/07) и Одлуката за критериумите и начинот на распределба и користење на средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.210/22).
4. За реализација на оваа програма се грижи Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
5. Здруженијата и фондациите на кои ќе им бидат доделени средства од оваа програма, по завршувањето на своите програмски активности ќе достават извештај за користењето на средствата до Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, најдоцна до 30 јуни 2024 година.
6. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе достави извештај за реализација на оваа програма до Владата на Република Северна Македонија со финансиски показатели и образложение на постигнатите резултати, до 31 декември 2024 година.
7. Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 41-10860/3                Прв заменик на претседателот
17 октомври 2023 година   на Владата на Република
Скопје                                        Северна Македонија,
                                                       д-р Artan Grubi, с.р