Цел на предлог регулативата:
Предлог на Законот е подготвен со јасни и прецизни законски норми, без простор за толкување на законските решенија, со што се постигнува целта при имплементацијата на законот во практиката.
Со донесување на Предлог на законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи) кои се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Со Предлог на Законот се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност. За таа цел, Комисијата за заштита на конкуренцијата е должна статутот и другите општи акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог законот во рок од 6 месеци од денот на негово влегување во сила.
Со Предлог на Законот се води сметка за доказна постапка и прекршочна постапка, утврдена висина на глоба на сторен прекршок и решенијата кои ги донесува за одлучување по прекршок.
Комисијата за заштита на конкуренцијата за прв пат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на Европската унија во постапките за идентификување нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување на нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување на нефер трговски практики кои имаат прекугранична димензија.
Горенаведените цели на Предлог на Законот се очекува да бидат постигнати, најрано во рок од една година, од денот на отпочнување со примена на овој Закон, со исклучок на одредбите за можноста Комисијата за заштита на конкуренцијата да доставува годишен извештај во Европската комисија за резултатите од своето работење и правото на оператори кои се основани само во ЕУ да ги применуваат одредбите од овој предлог на Закон. Исклучокот ќе важи до пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ.
Имајки го предвид наведеното, со Предлог на Законот се очекува да се елиминира неоправдан и непропорционален трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг; или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Најбитно е, поголемо приближување и воедначување на трговската легислатива во Република Северна Македонија со легислативата на земјите членки на Европската унија. Република Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан кој ја транспонира оваа директива со цел да воспостави фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери.