„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.208 од 04.10.2023 г. Упатство за доставување податоци и информации за платежната статистика

05.10.2023

Врз основа на член 48 став 1 точка 3 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14, 153/15, 6/16 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21) и точка 12 став 1 од Одлуката за содржината, начинот, формата и роковите за доставување на податоците и информациите за платежната статистика („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 12/23), гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија донесе
У П А Т С Т В О
ЗА ДОСТАВУВАЊЕ ПОДАТОЦИ И ИНФОРМАЦИИ ЗА ПЛАТЕЖНАТА СТАТИСТИКА
 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
1. Со ова упатство се дефинираат видот и описот на податоците и информациите за платежната статистика и начинот на нивното доставување до Народната банка на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Народната банка).
2. Oдделни изрази употребени во ова упатство го имаат следново значење:
- „Активни плаќачи“ се корисниците на платежни услуги кои во текот на календарската година за којашто се известува иницирале најмалку една платежна трансакција преку интернет и/или решение за мобилно плаќање.
- „Активни пристапувачи“ се корисниците на платежни услуги кои во текот на календарската година за којашто се известува најмaлку еднаш направиле увид во состојбата или промените на сметката преку интернет и/или решение за мобилно плаќање.
- „Активни трговци“ се трговците преку чие место на продажба во текот на календарската година за којашто се известува е извршена најмалку една платежна трансакција.
- „АТМ со функција на кредитен трансфер“ (англ.: ATM with a credit transfer function) е АТМ (банкомат) којшто им овозможува на овластените корисници да извршат кредитен трансфер со користење на платен инструмент заснован на картичка или друго средство.
- „АТМ со функција на внесување готовина“ е АТМ (банкомат) којшто им овозможува на овластените корисници да внесат готовина на нивната сметка, со употреба на платен инструмент заснован на картичка или друго средство.
- „АТМ со функција на повлекување готовина“ (англ.: ATM with a cash withdrawal function) е АТМ (банкомат) коj им овозможува на овластените корисници да повлечат готовина од нивната сметка, со употреба на платен инструмент заснован на картичка или другo средство.
- „Бесконтактнo плаќање“ (англ.: Contactless payment) е платежна трансакција извршена со картичка или друго средство каде што плаќачот и трговецот (и/или нивната опрема) се наоѓаат физички на исто место и комуникацијата помеѓу преносниот уред и местото на продажба (ПОС) се одвива преку бесконтактна технологија.
- „Број на клиенти“ (англ.: Number of clients) е бројот на корисници на платежни услуги на кои им се нудат услуги од страна на давателите на услуги за давање информации за сметки односно давателите на услуги за иницирање плаќања.
- „Број на платежни сметки до кои пристапиле давателите на услуги за давање информации за платежна сметка “ (англ.: Number of accounts accessed by AISPs) е бројот на различни сметки до кои имаат пристапено давателите на услуги за давање информации во извештајниот период.
- „Број на трговци“ е бројот на трговци коишто прифаќаат картички на терминалските уреди на физичките места на продажба и бројот на трговци кои прифаќаат плаќања на место на продажба за е-трговија. Известувачите треба да доставуваат податоци за матичниот број на трговците на годишна основа.
- „Вкупен број на картички (независно од бројот на функциите на картичката)“ (англ.: Total number of cards (irrespective of the number of functions on the card)) е вкупниот број на картички во оптек. Картичките може да имаат една или повеќе од следните функции: готовинска функција, дебитна функција, кредитна функција, функција одложено задолжување на сметката или функција на електронски пари.