„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.199 од 25.09.2023 г. Закон за адвокатурата

26.09.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА АДВОКАТУРАТА (*)
 
Се прогласува Законот адвокатурата (*), што Собранието на Република Северна Македонија го
донесе на седницата одржана на 19 септември 2023 година.
Бр. 08-4609/1                                    Претседател на Република
19 септември 2023 година                  Северна Македонија,
Скопје                                                      Стево Пендаровски, с.р.
                                 Претседател
                      на Собранието на Република
                            Северна Македонија,
                           м-р Talat Xhaferi, с.р.
З А К О Н ЗА АДВОКАТУРАТА (*)
 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Co овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност, утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.
Член 2
(1) Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош, согласно со овој и друг закон.
(2) Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.
(3) При остварувањето на адвокатската дејност, адвокатот се раководи исклучиво од интересите на странката кои ги заштитува на најдобар начин со законски средства.