„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.199 од 25.09.2023 г. Закон за данок на солидарност

26.09.2023

У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОК ЗА СОЛИДАРНОСТ (*)
 
Се прогласува Законот за данок за солидарност (*), што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 19 септември 2023 година.
Бр. 08-4604/1                            Претседател на Република
19 септември 2023 година           Северна Македонија,
Скопје                                              Стево Пендаровски, с.р.
                                  Претседател
                    на Собранието на Република
                       Северна Македонија,
                        м-р Talat Xhaferi, с.р.
 
З А К О Н ЗА ДАНОК ЗА СОЛИДАРНОСТ(*)
 
Член 1
Со овој закон се уредува оданочувањето со данокот за солидарност, обврзникот за плаќање на данокот за солидарност, даночната основа за пресметување на данокот за солидарност, стапката по која се пресметува данокот за солидарност, роковите за плаќање на данокот за солидарност, како и други прашања кои се од значење за утврдување и плаќање на данокот за солидарност.
Член 2
(1) Данокот за солидарност е еднократна јавна давачка за 2023 година и е приход на Буџетот на Република Северна Македонија.
(2) Данокот за солидарност се утврдува и плаќа во услови на непредвидливи и неповолни економски околности во Република Северна Македонија согласно со одредбите од овој закон и се заснова на принципите на правичност, еднаквост и пропорционалност, според кои секој е должен да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности.
Член 3
(1) Со данокот за солидарност се обезбедуваат финансиски средства кои ќе се користат за финансирање на Потпрограмата П 1 - Мерки за справување со Covid-19 кризата и други антикризни мерки, во раздел 040.01
- Влада на Република Северна Македонија.
(2) Средствата од ставот (1) на овој член ќе се користат согласно со членот 22 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година.
Член 4
(1) Обврзник на данокот за солидарност е обврзникот на данокот на добивка согласно со Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.
(2) При утврдување на висината на приходот од ставот (1) на овој член, се исклучуваат приходите во стечајна постапка остварени од продажба на имот за намирување на доверителите.
Член 5
По исклучок на членот 4 од овој закон, обврзник за данокот за солидарност не е обврзникот кој:
а) започнал со вршење на дејност во текот на 2022 година, освен во случај кога започнувањето со вршење на дејност е резултат на статусна промена;
б) има искажано нула износ на даночна основа по намалување во даночниот биланс за оданочување на добивка во сите периоди во кои вршел дејност од членот 6 ставови (3) и (4) од овој закон;
в) престанал со вршење на дејност согласно со Законот за трговските друштва, без да изврши статусна промена и поднесува последен даночен биланс за оданочување на добивка за даночниот период од 2022 година.
Член 6
(1) Даночната основа за данокот за солидарност се пресметува на начин што од износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година (АОП 49), се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврдена во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди од ставот (3) на овој член зголемен за 20%.
(2) Доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди од ставот
(4) на овој член зголемен за 20%.
(3) Претходни периоди од ставот (1) на овој член се периодите од 2018, 2019 и 2021 година.
(4) Претходни периоди од ставот (2) на овој член се периодите од 2017, 2018 и 2019 година.
(5) Во случај на статусна промена, при утврдување на даночната основа за пресметување на данокот за солидарност од ставот (1), односно ставот (2) на овој член, просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди од ставот (3), односно ставот (4) на овој член се зголемува за 30%.
____________________________________________________________________________________
 (*) Со овој закон се врши усогласување со Регулативата (ЕУ) 2022/1854 на Советот од 6 октомври 2022 година за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата (CELEX бр. 32022R1854).
 
(6) Во случај даночниот обврзник да вршел дејност во претходен период од ставот (3), односно ставот (4) на овој член пократко од 12 месеци, пресметката на даночната основа по намалување за тој период ќе се врши на годишно ниво, на начин што износот на даночната основа по намалување се дели со бројот на месеците во кои даночниот обврзник вршел дејност и се множи со бројот 12.
(7) Даночната основа од ставот (1), односно ставот (2) на овој член се утврдува без оглед дали даночниот обврзник има даночна обврска за данок на добивка во даночниот биланс за оданочување на добивка за 2022 година или во претходните периоди од ставот (3), односно ставот (4) на овој член.
(8) Обврзникот не е должен да пресметува данок за солидарност кога износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година е еднаков на нула.
(9) Просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди од ставот (1), односно ставот (2) на овој член се пресметува како збир од износот на даночните основи по намалување за претходните периоди од ставот (3), односно ставот (4) на овој член, поделен со бројот на периоди во кои даночниот обврзник вршел дејност.
(10) По исклучок на ставот (9) на овој член, кога износот на даночната основа по намалување утврден во некој од даночните биланси за оданочување на добивката во претходните периоди од ставот (3), односно ставот (4) на овој член е еднаков на нула, како и бројот на периоди за кои е утврден таков износ, нема да се земат во предвид при пресметувањето на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди од ставот (1), односно ставот (2) на овој член.
(11) Во случај на статусна промена – присоединување, кога даночниот обврзник (друштво што се присоединува) се присоединува кон друг даночен обврзник (друштво што презема), при утврдувањето на даночна основа од ставот (1), односно ставот (2) на овој член за друштвото што презема, при пресметка на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди од ставот (3), односно ставот (4) на овој член се зема во предвид и даночната основа по намалување од друштвото што се присоединува.
(12) Во случај на статусна промена – спојување, кога два или повеќе даночни обврзници се спојуваат и основаат ново друштво, при утврдувањето на даночната основа од ставот (1), односно ставот (2) на овој член за новото друштво, при пресметка на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди од ставот (3), односно ставот (4) на овој член се зема во предвид и даночната основа по намалување од друштвата што се спојуваат.
(13) Во случај на статусна промена – поделба, при утврдувањето на даночната основа од ставот (1), односно ставот (2) на овој член, при пресметка на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди од ставот (3), односно ставот (4) на овој член се зема во предвид и даночната основа по намалување на друштвата кај кои е настаната статусната промена - поделба, сразмерно на пренесениот имот и обврски.
(14) Во случај кога даночниот обврзник започнал со вршење на дејност во текот на 2020 или 2021 година, освен во случај кога започнувањето со вршење на дејност е резултат на статусна промена, како и во случај кога даночната основа по намалување само за 2021 година е износ повисок од нула, даночната основа се пресметува согласно со ставот (1) на овој член.
Член 7
Стапката на данокот за солидарност изнесува 30%.
Член 8
(1) Даночниот обврзник е должен да ја утврди даночната основа согласно со членот 6 став (1), односно став (2) од овој закон, a во случај на статусни промени согласно со членот 6 став (5) од овој закон врз основа на образецот „ДБ-ДС - Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“.
(2) Образецот од ставот (1) на овој член го поднесуваат сите даночни обврзници од членот 4 став (1) од овој закон до Управата за јавни приходи најдоцна до 25 септември 2023 година.
(3) Формата и содржината на образецот од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.
Член 9
Управата за јавни приходи врши контрола на начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот за солидарност.
Член 10
На постапките за утврдувањето и наплатата на данокот за солидарност, жалбената постапка и застарување на даночниот долг ќе се применуваат одредбите од
Законот за даночна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
Член 11
(1) Глоба во износ од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (среден трговец) и од 3.000 до 10.000 евра во денарскапротиввредност ќе му се изрече на даночен обврзник - правно лице (голем трговец) за прекршок, ако не поднесе до Управата за јавни приходи соодветен образец за пресметување на данокот на солидарност во рокот утврден во членот 8 став (2) од овој закон и/или не го плати данокот за солидарност во рокот утврден во членот 14 од овој закон.
(2) Глоба во износ од 150 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (среден трговец) и од 200 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (голем трговец) ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член.
Член 12
(1) Глоба во износ од 3.600 до 12.000 евра во денарска противвредност за даночен обврзник правно лице (среден трговец) и од 6.000 до 20.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (голем трговец) ќе му се изрече за прекршок доколку при утврдување на висината на приходот од членот 4 став (1) од овој закон, даночната основа по намалување за 2022 година, односно просечниот износ на даночната основа по намалување за периодот од 2021 и 2022 година или даночната основа по намалување од претходните периоди од членот 6 став (3), односно став (4) од овој закон, наведе неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помал износ на данок за солидарност.
(2) Глоба во износ од 300 до 1.000 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (среден трговец) и од 400 до 1.000 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (голем трговец) ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член.
Член 13
За прекршоците од членовите 11 и 12 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува надлежен суд.
Член 14
Даночниот обврзник е должен да го плати данокот за солидарност најдоцна во рок од 30 дена од истекот на рокот утврден во членот 8 став (2) од овој закон.
Член 15
Подзаконскиот акт чие донесување е утврдено во овој закон ќе се донесе најдоцна во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 16
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.