Цели на Предлог на Закон за образование на возрасните: Министерството за образование и наука во соработка со Центарот за образование на возрасните, при подготовките за утврдување на приоритети во образованието на возрасните, ги разгледуваше сите активности - реализирани и тековни. Во предвид се земени постигнатите резултати преку проектите финансирани од Европската унија, како и проектите
кои се реализираат со поддршка на Швајцарија и Германија. Еден од поважните приоритети за следниот период, коj ќе биде во наш фокус, а воедно и заеднички интерес e воспоставувањето на систем за валидација на неформалното и информалното учење. Системот за валидација на неформалното и информалното учење ќе овозможи стекнување на квалификации на лицата без или со низок степен на квалификации, а преку тоа би се очекувало нивна поголема вклученост во пазарот на труд, со крајна цел намалување на стапката на невработеност во земјата. Од друга страна, според препораката на Советот на Европска Унија за валидацијата на неформалното и информалното учење, од 20 декември 2012 година, земјите членки и останатите земји учеснички до 2018 година е потребно да воспостават мерки за валидација, со што ќе им се овозможи на поединците да се стекнат со квалификации или делови од квалификации врз основа на валидирано знаење, вештини и компетенции. Како земја кандидат за членство во ЕУ, државата ги следи препораките на Советот на ЕУ. Покрај тоа, искуството од изминатите десетина години покажа дека е потребно унапредување на системот на верификација на посебните програми за образование на возрасните (програми за неформално образование). Со новиот закон ќе се унапреди квалитетот на неформалното образование на возрасните, а на Центарот за образование на возрасните ќе му се овозможи да изготвува посебни програми за образование на возрасните. Новиот Закон за образование на возрасните воедно е усогласен и со Законот за националната рамка на квалификации.