„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.164 од 01.08.2023 г.Правилник за вршење надзор

04.08.2023

Врз основа на членот 208-a став (9) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 236/22), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 27 јули 2023 година, донесе
П Р А В И Л Н И К ЗА ВРШЕЊЕ НА НАДЗОР
 
I Општи одредби
Член 1
Со овој правилник се уредуваат подготовката и спроведувањето на надзорот кој го врши Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: РКЕ), во однос на исполнувањето на одделни обврски од страна на вршителите на енергетски дејности утврдени во Законот за енергетика*.
Член 2
Надзорот го вршат вработени во стручната служба, определени со актот за систематизација на работните места на РКЕ, а по потреба и други вработени во стручната служба определени со решение на Претседателот на РКЕ (во натамошниот текст: овластени лица).
Член 3
РКЕ врши надзор над:
1) работењето на вршителите на регулирани енергетски дејности како и на вршителите на енергетски дејности на кои што им е наметната обврска за обезбедување на универзална односно јавна услуга, во согласност со Законот за енергетика*,
2) спроведувањето на одредбите од Законот за енергетика* што се однесуваат на обврските за сопственичко раздвојување на операторите на системите и пристапот на трета страна и приклучувањето на корисниците на соодветните системи,
3) спроведувањето на одредбите од Законот за енергетика* што се однесуваат на обезбедување на интегритет и транспарентност, односно забраната за тргување засновано на внатрешни информации и забраната за манипулација на пазар и/или обид за манипулација на пазарите на енергетски производи на големо, и
4) работењето на носителите на лиценци во однос на исполнување на нивните обврски утврдени во издадените лиценци.
II Видови на надзор
Член 4
(1) Надзорот се врши како редовен и вонреден надзор.
(2) Редовниот надзор се врши согласно со годишниот план за вршење на надзор којшто го донесува РКЕ најдоцна до 31 декември во тековната година за наредната година, кој содржи назив на субјектот на надзор и опфатот на надзорот.
(3) Вонредниот надзор се врши по иницијатива доставена од страна на државен орган, единица на локална самоуправа, учесник на соодветен пазар на енергија или друго правно или физичко лице, а се спроведува најдоцна 30 работни дена од приемот на иницијатива за надзор доставена во архивата или на службената електронска адреса на РКЕ.
(4) Вонредниот надзор се врши и по информации што ги добила РКЕ, непосредно или по допрен глас, или информации и анализи изготвени од стручните служби на РКЕ, а се спроведува најдоцна 15 работни дена од денот на донесувањето на решението за вршење на вонреден надзор.
Член 5
(1) Иницијативата за надзор од член 4, став (3) на овој правилник треба да содржи: назив и седиште на правното лице односно, законски застапник или полномошник доколку го има, односно име и презиме и адреса на живеење на подносителот физичко лице, назначување на лицето кај кое се бара вршење на надзор (во понатамошниот текст: субјект на надзорот) и краток опис на причината поради која се поднесува иницијативата поткрепена со соодветни докази.
(2) РКЕ нема да постапи по анонимна иницијатива за надзор, освен ако од содржината на иницијативата не произлегува повреда на обврската за обезбедување на јавна односно универзална услуга или нарушување на интегритетот и транспарентност на пазарите на енергија на големо утврдена со закон.
(3) Членовите на РКЕ и вработените во стручната служба обезбедуваат доверливост на иницијативата и податоците содржани во иницијативата.
III Спроведување на надзорот
Член 6
(1) За вршење на надзорот Претседателот на РКЕ донесува решение во коешто се определува причината за вршење на надзорот, субјектот на надзорот, овластените лица коишто ќе ја сочинуваат комисијата за вршење на надзорот, како и времетраењето и опфатот на надзорот.
(2) РКЕ најмалку еден ден пред почетокот на вршењето на надзорот го доставува решението од ставот (1) на овој член до субјектот на надзорот, освен ако со решението е утврдено дека со доставувањето би се намалила ефикасноста на надзорот.
(3) Надзорот ги вклучува следните последователни активности: подготовка, спроведување и документирање на надзорот.
Член 7
Подготовката на надзорот започнува со донесувањето на решението на РКЕ за спроведување на надзор а се врши пред посетата на субјектот на надзорот и опфаќа:
1) изготвување на листа за проверка на усогласеноста со Законот за енергетика* и правилата и прописите донесени врз основа на тој закон, кои се применливи за определениот опфат на надзорот,
2) проверка на достапните извори на информации кои се однесуваат на субјектот на надзор, како што се: досие на субјектот на надзор кое го води РКЕ со сите претходни записници од спроведени надзори и изречени мерки, иницијативи за вршење на надзор над субјектот на надзор поднесени до RKE, информации во врска со издадените лиценци, како и достапни информации од инспекциски служби и органи на централната и локалната власт, вклучувајќи ги Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија и Централниот регистар на Република Северна Македонија, како и други достапни информации,
3) доставување на писмено известување за вршење на надзор, во кое ќе бидат наведени датумот, времето и местото на вршење на надзорот, како и информации за опфатот на надзорот, придружено со листата за проверка, освен ако со решението за надзор е утврдено дека со доставувањето би се намалила ефикасноста на надзорот и
4) подготовка на ресурсите и средствата потребни за вршење на надзорот.
Член 8
(1) Спроведувањето на надзорот започнува со пристигнување на овластените лица во деловните простории на субјектот на надзорот, при што овластените лица се легитимираат, го презентираат решението за вршење надзор на одговорното лице, односно лицето овластено од субјектот на надзорот или друго лице присутно на надзорот.
(2) Спроведувањето на надзорот опфаќа повеќе активности, вклучувајќи:
1) состанок со одговорното лице односно лицето овластено од субјектот на надзорот,
2) интервјуирање на вработените кај субјектот на надзорот, доколку истото е потребно,
3) пристап и увид во просториите, постројките, производните капацитети, енергетските производи на пазарот на големо, преглед на деловните книги, електронските медиуми или носачи на податоци, останатиот документарен материјал релевантен за предметот на надзорот, преглед на средствата и опремата за вршење на дејноста за која е издадена лиценца или друг акт, издаден од РКЕ со кој се утврдуваат права и обврски за субјектот на надзорот,
4) прибирање на податоци и информации за предметот на надзор.
(3) При спроведувањето на надзорот, овластеното лице ги проверува сите прашања од листата за проверка на усогласеноста со Законот за енергетика* и правилата и прописите донесени врз основа на тој закони, кои се применливи за определениот опфат на надзорот.
(4) Во функција на спроведување на надзорот, овластеното лице може да побара да му се стави на располагање одреден простор во рамките на деловните простории на субјектот на надзорот, за да може соодветно да ги спроведе активностите од став (3) на овој член, а со тоа да го минимизира попречувањето на редовните деловни активности на субјектот на надзорот.
(5) На состанокот од став (2) точка 1) на овој член, овластеното лице ги претставува правниот основ, предметот, опфатот, времетраењето и постапката на вршење на надзорот и ги презентира правата и обврските на субјектот на надзор.
(6) Субјектот на надзор е должен на овластените лица да им овозможи непречено вршење на надзорот, а особено да подготви и да стави на увид точни и целосни податоци, извештаи, исправи, материјали или други документи кои се неопходни за извршување на надзорот, да даде усни информации во форма на изјави или одговори, да овозможи пристап до просториите, постројките, енергетските производи, документите или кое било друго средство во врска со предметот на надзорот.
(7) За извршениот надзор се изготвува записник кој го потпишуваат овластените лица и одговорното лице, односно лицето овластено од субјектот на надзорот на кое му се предава еден примерок од записникот.
(8) Одговорното лице, односно лицето овластено од субјектот на надзорот може да даде коментари и забелешки на записникот кои се внесуваат во записникот, а доколку одбие да го потпише записникот, овластените лица ги наведуваат причините за непотпишување на записникот од страна на одговорното лице, односно лицето овластено од субјектот на надзорот.
(9) Доколку на овластените лица им се потребни дополнителни податоци и информации, во записникот ќе се наведе рокот и начинот на нивно доставување до овластените лица при РКЕ.
(10) Доколку субјектот на надзор не постапи согласно ставот (6) на овој член, овластените лица ќе го наведат истото во записникот.
Член 9
Субјектот на надзор, односно од него овластеното лице, има право:
1) да предлага и да поднесува докази кои се од значење за утврдување на фактичката состојба, во текот на постапката за вршење на надзорот;
2) да одбие да го потпише записникот ако не се согласува со фактите кои се наведени во записникот, или доколку му е оневозможено правото да даде забелешка на истиот;
3) да даде забелешка со образложение, на записникот за извршен надзор, во однос на:
- законитоста на постапката на надзор,
- однесувањето на овластените лица кои го вршат надзорот и
- точноста на утврдената фактичка состојба;
4) да биде запознаен со правата и обврските кои ги има при спроведувањето на надзорот.
Член 10
Во извештајот за извршениот надзор, кој комисијата која го спровела надзорот, го доставува до членовите на РКЕ во рок од 60 дена по завршување на надзорот, вклучително и во случаите од член 8 став (10) од овој правилник, се содржани наоди и препораки во однос на потребата за преземање на мерки од страна на РКЕ согласно со Законот за енергетика*.
Член 11
(1) Документирањето на надзорот претставува последна фаза од надзорот и опфаќа комплетирање на печатената и електронска евиденција, односно евидентирање во евиденцијата за надзор, чување на целокупната документација која произлегува од постапката за спроведување на надзорот, комплетирање на досието на субјектот на надзорот и известување на соодветните инспекциски служби.
(2) Документирањето, секогаш кога тоа е можно, се врши во електронска форма, при што за секој субјект на надзор се формира посебно досие, во кое секој поединечен надзор е посебно одвоен. Доколку документите содржат доверливи информации, деловни тајни или лични податоци, соодветно ќе се применуваат прописите за нивна заштита.
(3) Документацијата од ставот (1) на овој член се подредува во досието за субјектот на надзорот и ги содржи документите прибрани или создадени при вршење на надзорот.
(4) РКЕ и овластените лица кои го вршат надзорот, се должни сите информации добиени при вршењето на надзорот, поврзани со вршењето на дејноста од страна на субјектот на надзорот, сите податоци добиени од документите, извештаите, материјалите или другите исправи приложени на увид или прибавените на друг начин од страна на органот на надзор при вршење на надзорот, а особено информациите кои се деловна тајна, личните податоци на вработени или други лица овластени од субјектот на надзор, како и класифицираните информации, да не ги откриваат или пренесуваат на трети неовластени лица или неовластено да ги користат, обработуваат, преработуваат или менуваат.
Член 12
(1) РКЕ го врши надзорот над учесниците на пазарите на енергија на големо со енергетски производи утврдени во Законот за енергетика* преку преземање на истражување кое опфаќа испитувања и проверување на дејствијата на учесниците на тие пазари, коишто претставуваат или би можеле да претставуваат недозволени дејствија од член 25-а од Законот за енергетика* и со коишто се нарушуваат интегритетот и транспарентноста на пазарите на енергија на големо.
(2) При вршењето на надзорот над учесниците на пазарите на енергија на големо со енергетски производи од членот 25-а од Законот за енергетика*, соодветно се применуваат одредбите од овој правилник при што овластените лица имаат право и на:
1) пристап до податоците и документите кои се однесуваат на трансакции и налози за тргување со енергетски производи на пазарот на големо,
2) да побараат податоци, информации и документи кои се потребни за вршење на надзорот на пазарите на големо,
3) да прибават писмени изјави од учесникот на пазарот на големо и/или од лицата вработени кај него кои се однесуваат на трансакции и давање на налози за тргување со енергетски производи на пазарот на големо.
(3) Ако РКЕ оцени дека е потребно може да изврши дополнителни истражувања во соработка со операторот на организираниот пазар и лица кои професионално посредуваат во договарање трансакции со енергетски производи на пазарот на големо.
(4) Надзорот од овој член го вршат вработените во стручната служба во организационата единица надлежна за следење на пазарите не енергија на големо.
Член 13
Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2024 година.
                                                                                                         Регулаторна комисија за
                                                                                                      енергетика и водни услуги на
Бр. 01-1638/1                                                                            Република Северна Македонија
27 јули 2023 година                                                                                 Претседател,
Скопје
                                                                                                             Марко Бислимоски, с.р