„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правила за постапување по приговори за разрешување на спорови

27.06.2023

Врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 9 и член 37 став (8) од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 236/22), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 12 јуни 2023 година, донесе
П Р А В И Л А
ЗА ПОСТАПУВАЊЕ ПО ПРИГОВОРИ И ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА СПОРОВИ
 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет
Член 1
Со овие правила се уредува постапката, износот и начинот на покривање на трошоците во постапките по приговори и за разрешување на спорови.
Приговори и спорови
Член 2
(1) Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (во натамошниот текст: Регулаторната комисија за енергетика ), одлучува по приговорите поднесени од:
1) корисниците на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија, природен гас, сурова нафта и нафтени деривати и топлинска енергија:
- против актите на соодветните оператори со кои се одбива пристапот или приклучувањето на соодветниот систем, а во однос на топлинската енергија и против актите на соодветниот оператор со кои се одбива барање за исклучување, како и против актите со кои се утврдува износот на надоместокот и другите услови за приклучувањето, а во однос на топлинската енергија и против актите со кои се утврдува износот на надоместокот и другите услови за исклучувањето,
- поради штети настанати поради ограничување или прекин на испораката на електрична енергија, природен гас, сурова нафта и нафтени деривати и топлинска енергија, од и во системите за пренос или дистрибуција на електрична енергија или природен гас, сурова нафта и нафтени деривати,
2) потрошувачите против снабдувачите кои имаат обврска за обезбедување на јавна или универзална услуга, како и против снабдувачите во краен случај во врска со:
- квалитетот на услугата во снабдувањето,
- ограничувањето или оневозможувањето на правото за промена на снабдувач,
- пресметката на потрошената енергија и износот на сметката,
3) вршителите на енергетските дејности и потрошувачите против поединечен акт на операторот на соодветниот пазар на енергија со кој се одбива барањето за упис во соодветниот регистар или се одлучува за правата и обврските коишто произлегуваат од учеството на соодветниот пазар.