„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗA УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ

31.05.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ
ЗA УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот зa урбанистичко планирање, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 26 мај 2023 година.
 
Бр. 08-2954/1                        Претседател на Република
26 мај 2023 година                Северна Македонија,
Скопје                                       Стево Пендаровски, с.р.
                       Претседател
           на Собранието на Република
                 Северна Македонија,
                    м-р Talat Xhaferi, с.р.
З А К О Н
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ
ЗA УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ
Член 1
Во Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20) во членот 2 по точката 7 се додава нова точка 7-а, која гласи:
„7-а. Градби од стратешки интерес се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен интерес кои се реализират како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон;“.
Член 2
Во член 42 во ставот (1) зборовите: „од членот 58 став (6)“ се заменуваат со зборовите: „од членот 58 ставови (6) и (8)“.
Ставот (4) се менува и гласи: „Органот надлежен за постапката за донесување на урбанистичките планови и урбанистичките проекти од ставот (1) на овој член, во фазата на подготвување на планската односно проектната програма за урбанистичкиот план, односно урбанистичкиот проект што треба да се изработува, поднесува барање за добивање услови за планирање на просторот до Агенцијата за планирање на просторот. За ист плански опфат за кој веќе биле издадени услови за планирање на просторот, доколку донесувачот ги измени целите и наменската употреба на земјиштето во планската, односно проектната програма за урбанистичките планови, односно урбанистичките проекти од ставот (1) на овој член во однос на претходната, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање издава потврда за важноста на издадените услови за планирање на просторот додека е во сила Просторниот план врз основа на кој се издадени истите.“.
Ставот (5) се менува и гласи:
„По исклучок од ставот (1) на овој член, услови за планирање на просторот не се издаваат кога во сила е истиот Просторен план на Република Северна Македонија според кој претходно се издадени услови за планирање на просторот за истиот плански опфат.“.
Член 3
Во член 58 по ставот (7) се додава нов став (8), кој гласи:
„(8) По исклучок од ставот (1) на овој член, урбанистички проект може да се изработува и за градби од стратешки интерес.“.
Член 4
По членот 63 се додава нов наслов и нов член 63-а, кои гласат:
„4-а. Урбанистички проект за градби од стратешки интерес Член 63-а
 (1) Со Урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес се уредува проектниот опфат за изградба на државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и за други градби од јавен интерес, како и за нивните пропратни содржини (поставување привремени локации, градби за вршење подготвителни работи со кои се организира градилиштето за изградба на градбата од стратешки интерес, јами, наоѓалишта и отпадни области имајќи ги предвид достапните проектни, геотехнички, археолошки информации, информациите за животната средина, социјалните и комуналните информации и стандардите за проектирање), а проектниот опфат за изградба на државните патишта е и патен коридор со првични проценети граници за експропријација во кој ќе се врши изградбата на државните патишта со пропратните содржини.
 (2) Границите на проектниот опфат на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, може да бидат утврдени со еден урбанистички проект за градби од стратешки интерес или во фази со повеќе урбанистички проекти за градби од стратешки интерес.
 (3) Урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член се содржи од следнава документација:
- решение за услови за планирање на просторот согласно со ставот (6) на овој член,
- геодетски елаборат за ажурирана геодетска подлога, заверен од надлежен орган согласно со закон,
- податоци и информации прибавени согласно со ставот (5) на овој член,
- збирен графички прилог со нанесен проектен опфат и постојна инфраструктура од доставените податоци и информации од алинејата 3 од овој став,
- геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени-нумерички податоци, со кој се определени катастарските податоци со точни мери и граници на земјиштето во границите на проектниот опфат во кој ќе се врши изградбата на градбите од ставот (1) на овој член и
- мислење од Агенцијата за катастар на недвижности по однос на извршено споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план.
 (4) Постапката за донесување на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член се спроведува во писмена форма, согласно со одредбите на овој член, а примерок од урбанистичкиот проект се доставува и во дигитална форма (.dwg и .pdf) до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.
 (5) Изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член доставува барање со проектниот опфат за добивање податоци и информации до субјектите од членот 47 став (1) од овој закон. Субјектите до кои е доставено барање со проектниот опфат се должни да ги достават сите податоци и информации со кои располагаат до изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член во рок од седум работни дена од денот на приемот на барањето, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам или во печатена форма.
 (6) За издавање услови за планирање на просторот, органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, во име и за сметка на изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, по претходно доставено барање со проектен опфат од истиот, во рок од три работни дена од денот на приемот на барањето до Агенцијата за планирање на просторот, доставува барање во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Агенцијата за планирање на просторот е должна во рок од три работни дена од денот на приемот на барањето за издавање на услови за планирање на просторот, по службена должност, без надоместок, да изработи елаборат за услови за планирање на просторот и да достави барање за издавање решение за услови за планирање на просторот до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање. Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање е должен во рок од два работни дена од денот на приемот на барањето да донесe решение за услови за планирање на просторот.
(7) Доколку субјектите од членот 47 став (1) од овој закон не ги достават податоците и информациите со кои располагаат во рокот од ставот (5) на овој член, ќе се смета дека не располагаат со бараните податоци и информации, при што евентуалните идни штети настанати поради недоставувањето на податоците и информациите ќе бидат на товар на субјектите коишто не ги доставиле потребните податоци и информации, односно не одговориле на барањето.
 (8) Изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, преку информацискиот систем е-урбанизам го доставува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес до Агенцијата за катастар на недвижности и истата е должна да даде мислење по однос на извршено споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план во рок од пет работни дена од денот на приемот на проектот.
 (9) Изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, по добиените информации и податоци со приложен записник од доставени и недоставени податоци и информации и мислење од Агенцијата за катастар на недвижности по однос на извршено споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план, проектот го доставува до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.
 (10) Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во рок од десет работни дена од денот на приемот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член утврдува дали проектот е комплетен и доколку истиот не е комплетен, доставува известување до изработувачот на проектот за комплетирање на истиот најдоцна во рок од 30 дена.
 (11) Доколку по истекот на рокот од ставот (10) на овој член изработувачот на проектот не достави комплетиран урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот го известува дека постапката за донесување на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член не може да продолжи согласно со одредбите од овој закон.
 (12) Комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот го доставува до Владата на Република Северна Македонија, најдоцна во рок од пет работни дена од денот на приемот на комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес.
 (13) Владата на Република Северна Македонија по доставената документација и комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес од ставот  (12) на овој член, донесува одлука со која го одобрува или не го одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес, во зависност од прибавените податоци и информации од субјектите од членот 47 став
 (1) од овој закон и мислењето од Агенцијата за катастар на недвижности по однос на извршено споредувањење на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план.
 (14) Во рок од три работни дена по донесувањето а одлуката со која се одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес од ставот (13) на овој член, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот го доставува одобрениот урбанистички проект за градби од стратешки интерес до Агенцијата за катастар на недвижности, за да изврши дигитално преклопување на проектот во рок од пет работни дена од денот на приемот на проектот.
(15) Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност врши прибележување во катастарот на недвижности дека е во тек градба од стратешки интерес, врз основа на одлуката со која се одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес од ставот (13) на овој член, одобрениот урбанистички проект за градби од стратешки интерес и Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени - нумерички податоци.
 (16) Изменувањето и дополнувањето на урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес се спроведува во истата постапка како и постапката за донесување урбанистички проект за градби од стратешки интерес предвидена во овој член.“.
Член 5
Во член 90 во ставот (1) по зборовите: „мислења за изготвување на плановите во согласност со членот 47 од овој закон“ се додаваат зборовите: „,како и на урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес од членот 63-а од овој закон“.
Член 6
Започнатите постапки за одобрување на урбанистичките проекти до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите од законот по кој се започнати.
Член 7
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.