Врз основа на членот 24 став (1) точка 1) алинеја 4 и членот 25 став (3) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19, 236/22), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 27 април 2023 година, донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА НАЧИНОТ И ПОСТАПКАТА ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ПАЗАРИТЕ НА ЕНЕРГИЈА (* )
I Општи одредби
Член 1
Цели на Правилникот
(1) Со овој Правилник се пропишува начинот и постапката за следење и вршење надзор над функционирањето на пазарите на енергија, како и начинот на евидентирање на учесниците на пазарите на енергија на големо, определување на лицата на кои им е забрането тргување засновано на внатрешни информации и исклучоците, начинот на објавување внатрешни информации, видот, содржината, формата, начинот и периодите на доставување и/или објавување на извештаите и податоците во Република Северна Македонија преку следење на активности на операторите на преносните и дистрибутивните системи, активностите на сите останати носители на лиценци за вршење на енергетски дејности и учесниците на пазарите на енергија на големо со енергетски производи.
(2) Следењето и вршењето надзор над функционирањето на пазарите на енергија го врши Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: РКЕ). (3) Целта на следењето и вршењето надзор над функционирањето на пазарите на енергија e да се обезбеди и/или овозможи: 1) зголемување на ефикасноста, конкурентноста и транспарентноста на пазарите на енергија, 2) откривање на неправилностите, нарушување на конкуренцијата и нелојалната конкуренција на пазарот, 3) проценка на исполнувањето на обврските за обезбедување на сигурност во снабдувањето од страна на вршителите на регулирани енергетски дејности, 4) откривање на активности на пазарите на енергија спротивни на законите, другите прописи и обврските утврдени во лиценците за вршење на енергетските дејности и 5) откривање и спречување на тргување со енергетски производи на пазарот на големо засновано на внатрешни информации и манипулација на пазарите на големо со енергетски производи, вклучително и обид за манипулација на пазарите на големо со енергетски производи.