„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

О Д Л У К А ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МАКРОПРУДЕНТНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА КРЕДИТНАТА ПОБАРУВАЧКА ОД ФИЗИЧКИТЕ ЛИЦА

09.05.2023

Врз основа на член 47 став 1 точка 6 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14, 153/15, 6/16 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21) и член 16 став 1 точка 6 и член 17 став 3 од Законот за финансиска стабилност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 173/22), Советот на Народната банка на Република Северна Македонија
О Д Л У К А
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МАКРОПРУДЕНТНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА КРЕДИТНАТА ПОБАРУВАЧКА ОД ФИЗИЧКИТЕ ЛИЦА
1. Во Одлуката за макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 2/23), во точката 1, по зборот: „банките“ се додаваат зборовите: „и макропрудентните мерки поврзани со тие инструменти“.
2. Во точката 2 потточка 2.5, по зборовите: „дополнителен износ на кредит“ се додаваат зборовите: „и доколку се скратува рокот на достасување при што се зголемува вкупната месечна обврска“.
Потточката 2.7 се менува и гласи: „Под „станбен кредит“ се подразбира кредитната изложеност кон физичко лице којашто е наменета за купување / изградба на станбен објект. Како станбен кредит се смета и кредитната изложеност кон физичко лице којашто е наменета за затворање станбен кредит кај банката или кај друга банка.“
Во потточката 2.9, зборовите: „точката 4“ се заменуваат со зборовите: „точката 14-г“.
3. Во точката 6 став 2, зборовите: „вкупните обврски“ се заменуваат со зборовите: „вкупните месечни обврски“.
По ставот 2 се додава нов став 3, којшто гласи: „При утврдувањето на вкупните месечни обврски од точката 5 на оваа одлука, банката може да не го земе предвид делот од кредитната изложеност што е обезбеден со паричен депозит којшто ги исполнува условите за првокласен инструмент за обезбедување во согласност со регулативата на Народната банка на Република Северна Македонија за методологијата за управување со кредитниот ризик.“
Ставот 3 станува став 4.
Во ставот 3 којшто станува став 4, по зборовите: „начинот на“ се додаваат зборовите: „примена на одредбите од ставовите 1 и 3 на оваа точка, како и начинот на“, а зборовите: „вкупните обврски“ се заменуваат со зборовите: „вкупните месечни обврски“.
4. Во точката 7, по ставот 2 се додава нов став 3 којшто гласи:
„Банката може да ги намали вкупните приходи од ставот 1 на оваа точка за износот на значајни и долготрајни задршки од плата (на пример, решение за извршување алиментација и сл.).“
Ставот 3 станува став 4 и тој се менува и гласи:
„Банката е должна во своите интерни акти да ги определи:
- начинот на утврдување на вкупните месечни приходи од ставот 1, ставот 2 алинеја 1 и ставот 3 на оваа точка,
- приходите по други основи од ставот 2 алинеја 2 на оваа точка коишто ќе ги вклучи во утврдувањето на вкупните месечни приходи, случаите кога ги зема предвид овие приходи, како и начинот на утврдување на износот на овие приходи, имајќи ја предвид нивната редовност и одржливост. Износот од приходите по други основи којшто се вклучува во утврдувањето на вкупните месечни приходи на физичкото лице не може да биде повисок од 80% од приходите по други основи.“
5. Во точката 8 став 1 зборовите: „соодветно да ги земе предвид и“ се бришат.
Во алинејата 1, пред зборовите: „вкупните месечни обврски“ се додаваат зборовите: „соодветно да ги земе предвид и“.
Алинејата 2 се менува и гласи:
„- пропорционално да ги земе предвид и вкупните месечни обврски на физичкото лице кое е кокредитобарател за друга кредитна изложеност во банката или во станатите банки и штедилници.“
6. Во точката 10 став 3, зборовите: „со првокласен инструмент“ се заменуваат со зборовите: „со паричен депозит којшто ги исполнува условите за првокласен инструмент“.
7. Во точката 12 став 1, зборот: „замената“ се заменува со зборовите: „промената / замената“.
По ставот 1 се додава нов став 2 којшто гласи:
„Банката е должна во своите интерни акти да го определи начинот на утврдување на показателот ЛТВ.“
8. Во точката 13, ставовите 2 и 3 се менуваат и гласат:
„При утврдувањето на износот на вкупната кредитна изложеност на сите банки и штедилници кон физичкото лице и на вкупните обврски на тоа лице кон другите финансиски институции од ставот 1 на оваа точка соодветно се применуваат одредбите од точките 6 и 8 на оваа одлука, при што се зема предвид вкупната кредитна изложеност врз основа на кредитните картички и дозволените пречекорувања.
При утврдувањето на износот на вкупните приходи од ставот 1 од оваа точка, соодветно се применуваат одредбите од точките 7 и 8 на оваа одлука.“
По ставот 3 се додава нов став 4 којшто гласи:
„Банката е должна во своите интерни акти да го определи начинот на утврдување на показателот ТДТИ.“
9. По точката 14 се додава нова глава којашто гласи:
„IV-a МАКРОПРУДЕНТНИ МЕРКИ ЗА ПОКАЗАТЕЛИТЕ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА КРЕДИТНАТА
ПОБАРУВАЧКА
14-а. Показателот ДСТИ не смее да надмине:
- 55%, доколку банката одобрува кредитна изложеност во денари;
- 50%, доколку банката одобрува кредитна изложеност во странска валута или во денари со девизна клаузула.
14-б. Вкупниот рок на достасување на станбениот кредит не смее да надмине 30 години.
Вкупниот рок на достасување на кредитната изложеност од точката 10 став 2 алинеја 2 на оваа одлука не смее да надмине 20 години.
14-в. Показателот ЛТВ не смее да надмине 85%.
14-г. Банката може да одобри кредитни изложености кај кои показателите ДСТИ и ЛТВ ги надминуваат ограничувањата од точката 14-а, односно од точката 14-в на оваа одлука и / или кај кои вкупниот рок на достасување го надминува рокот од точката 14-б на оваа одлука, при што износот на кредитните изложености одобрени со исклучок во однос на барем едно од овие ограничувања во тековниот квартал не смее да надмине 10% од вкупниот просечен квартален износ на кредитните изложености на банката одобрени на физичките лица утврден за последните 12 месеци.“
10. Во точката 17 се додава нов став 2 којшто гласи:
„По исклучок на ставот 1 на оваа точка, ограничувањата од главата IV-a на оваа одлука не се применуваат при одобрување кредитна изложеност во согласност со законската регулатива за субвенционирање станбен кредит, ниту на кредитна изложеност на физичко лице којашто има третман на реструктурирана кредитна изложеност, во согласност со регулативата на Народната банка на Република Северна Македонија за методологијата за управување со кредитниот ризик.“
11. Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе почне да се применува од 1 јули 2023 година.
Бр. 02-15923/5
28 април 2023 година
                                               Гувернер и претседавач на Советот на
                                 Народната банка на Република Северна Македонија,
                                                     д-р Анита Ангеловска-Бежоска, с.р