ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Врз основа на член 5 од Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08, 156/10, 59/12, 187/13, 41/14 и 83/18), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 19 април 2022 година, донесе
ПРОГРАМА
ЗА ПРОМОЦИЈА И ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТ ЗА 2022 ГОДИНА
Член 1
Oваа програма е наменета за промоција и поддршка на туризмот вo Република Северна Македонија за 2022 година.
Потребните средства за реализација на оваа програма се предвидени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година и изнесуваат 57.255.800,00 денари од кои 14.763.800,00 на сметка 637, 40.500.000,00 денари на сметка 631, 1.992.000,00 денари на сметка 787 и истите се планирани во Буџетот на раздел 10003 - Агенција за промоција и поддршка на туризмот, категорија 42 - стоки и услуги, 46 - субвенции и трансфери и 48 - капитални расходи.
Член 2
Средствата од член 1 став 2 од оваа програма се наменети за промотивни активности, маркетинг и меѓународна соработка и активности за поддршка на туризмот, и тоа:
а) За промотивни активности, маркетинг и меѓународна соработка се наменети вкупно 10.363.800,00 денари, и тоа за:
1. Учество на меѓународни, регионални и локални туристички саеми во Истанбул, Мадрид, Белград, Римини, Лондон, Варшава, Измир, Дубаи Експо 2020, Скопје и други, како и учество и организација на мeѓународни, регионални и локални инвестициски и други семинари, конференции, самити и форуми од областа на туризмот во странство и во Република Северна Мaкедонија, согласно потребите и барањата од туристичкото стопанство и Владата на Република Северна Македонија,
се наменуваат 3.863.800,00 денари.
2. Организирање на промотивни кампањи кои ќе се водат во земји кои се примарен пазар, и тоа Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Косово, Полска, Турција, како и во земји кои се секундарен пазар и тоа Словенија, Италија, Украина, Грција, Шпанија, Русија, но и во Република Северна Македонија и други. Промотивните кампањи ќе содржат:
- Билборди, подвижни и неподвижни реклами, (Outdoor кампањи)
- Реклами во печатени медиуми,
- Електронска промоција,
- Промовирање преку блогери и
- Промовирање преку влогери
се наменуваат 3.250.000,00 денари.
3. Редизајн, репрограмирање, хостинг, поддршка и одржување на македонскиот официјален туристички портал веб страната www.northmacedonia-timeless.com, како и хостинг поддршка и одржување на веб страната www.tourismmacedonia.gov.mk,
се наменуваат 300.000,00 денари.
4. Организација на информативни патувања во Република Северна Македонија за блогери, влогери, инфлуенсери, туроператори, медиуми, новинари и други, чија цел е запознавање со туристичките потенцијали на нашата земја и промоција на туристичките дестинации и производи со цел постигнување на одредено ниво на препознатливост и конкурентност на македонскиот туристички производ,
се наменуваат 300.000,00 денари.
5. Печатење на промотивен материјал (брошури, водичи, флаери, мапи, визит картички и слично),
се наменуваат 500.000,00 денари.
6. Дизајн и изработка на ситен промотивен материјал (пенкала, чаши, USB, беџови, тефтери и друго) за промотивни туристички цели со цел промоција на Република Северна Македонија како туристичка дестинација, се наменуваат 300.000,00 денари.
7. Брендирање на Република Северна Македонија како туристичка дестинација и креирање на целосен визуелен идентитет, вклучително туристичко лого и туристички слоган. Креирање на бренд идентитет на државата ќе значи унифицирање на целокупната туристичка понуда преку изработка на книга за туристичко брендирање (brand book) која ќе биде имплементирана во сите пори на државата,
се наменуваат 500.000,00 денари.
8. Продукција, дизајн и изработка на електронско издание на туристичка брошура со печатена подготовка на фото брошура. Фото брошурата ќе биде една од главните промотивни алатки на Република Северна Македонија на социјалните медиуми, односно под одреден специфичен и карактеристичен хаштаг кој ќе биде активен на Инстаграм со користење на хаштаг #SafeLikeHome, #домасиедома, #alliNMacedonia, #domasiedoma, #askundsinështëpi. Тематските фотографии ќе прикажуваат различни перспективи на нашата земја, природни убавини, културни и традиционални настани и манифестации, луѓе, историја и се она што и дава оргинален и безвремен карактер на Република Северна Македонија. Целта на ова издание е промовирање на различни дестинации и активности во нашата земја со посета од домашните туристи,
се наменуваат 50.000,00 денари.
9. Продукција, дизајн и изработка на електронско издание на туристичка брошура со печатена подготовка, за националните паркови, заштитените подрачја и активните форми на туризам, како и продукција на видео материјал за националните паркови, заштитените подрачја и активните форми на туризам во Република Северна Македонија како туристичка дестинација,
се наменуваат 500.000,00 денари.
10. Продукција, дизајн и изработка на електронско издание на туристичка брошура со печатена подготовка за Топ 20 туристички атракции во Република Северна Македонија, како и продукција на видео материјал за Топ 20 туристички атракции во Република Северна Македонија како туристичка дестинација,
се наменуваат 500.000,00 денари.
11. Дигитални номади - Продукција, дизајн и изработка на електронско издание на туристичка брошура за дигитални номади, изработена со кратки описни текстови и фотографии од места и локации кои овозможуваат комбинација на работа и одмор (workation) за дигиталните номади, како и продукција, дизајн и изработка на 10 (десет) кратки видеа од 10-15 секунди за 10 локации идеални за непречена работа и одмор (workation) и истите ќе бидат промовирани преку социјалните медиуми на Агенцијата за прмоција и поддршка на туризмот,
се наменуваат 300.000,00 денари.
б) За активности за поддршка на туризмот се наменети вкупно 2.400.000,00 денари, и тоа за:
1. Проектот за изработка на материјали и означување на „туристички излетнички места“, кој ќе содржи изработка на маси, клупи, летниковци, корпи за отпад како и податоци, информации, слики и текст за неколку локалитети, кои се многу значајни во излетничка смисла за туризмот во државата. Ќе се соберат информации за локалитетите и ќе биде поставена туристичка сигнализација во соработка со општините и приватниот сектор,
се наменуваат 300.000,00 денари.
2. Проект „Поставување на туристички информативни знаци“. Со овој проект се означуваат туристички патокази и знаци, така наречени кафени ознаки, неколку туристички атракции на потезите на главните коридори 10 и 8, но и на потегот на новиот автопат Скопје - Штип, како и на новиот експресен пат Штип - Радовиш до Струмица, со цел поголема информираност на потенцијалните домашни и странски патници по овие патни правци,
се наменуваат 800.000,00 денари.
3. Проект „Изработка на туристичка карта“. Потребата од изработка на нова детална и содржајна туристичка карта со постоечки и потенцијални туристички локации и вредности, наменета за странската и домашната јавност и тоа на неколку светски јазици, со цел збогатување на туристичката понуда и зголемување на промоцијата на државата,
се наменуваат 600.000,00 денари.
4. Проект „Тумба Маџари“. Со реализација на проектот одбележување на ,,Археолошкиот локалитет ТУМБА МАЏАРИ” своевидно ќе се придонесе до забрзан развој на културниот туризам, за кој потенцијалите во државата се навистина значајни. Ќе се надмине проблемот со необележаноста на овој значаен археолошки локалитет од светски рамки и ќе се зголеми посетеноста на странските и домашни туристи кој ќе имаат можност да посетат еден значаен локалитет кој го опишува животот на луѓето пред 8.000 години,
се наменуваат 200.000,00 денари.
5. Проектот „Заштита на постоечките и обнова на старите занаети во функција на туризмот“. Проектот предвидува иницирање на креирање на чаршиски атрактивен простор каде се сконцентрирани занаетчии. Изработка на QR кодови и дигитална промоција на туристичката локација преку воведување на софтверски апликации за дигитални платформи,
се наменуваат 50.000,00 денари.
6. Формирање на авто кампови и нивна промоција - зголемување на туристичката понуда, развој на автокамперскиот туризам, нивна промоција и привлекување на странски и домашен капитал за формирање на автокампови,
се наменуваат 300.000,00 денари.
7. Формирање, развој, оградување и означување на туристички развојни зони,
се наменуваат 100.000,00 денари.
8. Аплицирање на европски фондови, фондови од донаторски организации, национални програми и друг,
се наменуваат 50.000,00 денари.
Член 3
За субвенционирање на странски организиран туристички промет се наменети вкупно 42.500.000,00 денари, дел од буџетска сметка 637 во износ од 2.000.000,00 денари, а остатокот на средствата во висина од 40.500.000,00 денари се обезбедуваат од сметка 631 од игри на среќа.
Член 4
Средствата во висина од 1.992.000,00 денари од сметка 787, се наменуваат за организирање на презентации и средби со странски туроператори и денови на македонскиот туризам во странство, како и организација на презентации и настани во Република Северена Македонија.
Член 5
За реализирањето на оваа програма ќе се грижи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Член 6
Распределбата на средствата од оваа програма, согласно дефинираните активности и проекти од оваа програма, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја врши според критериумите за рамномерен регионален развој.
Член 7
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за реализираните активности ќе достави извештај до Владата на Република Северна Македонија, како и за постигнатите резултати со образложение за евентуални отстапувања од планираните активности заклучно со 30 јуни 2023 година.
Член 8
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-1438/1 Заменик на претседателот
19 април 2022 година на Владата на Република Северна Македонија,
Скопје Фатмир Битиќи, с.р.