„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА (*) (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.99 ОД 21.4.2022 ГОДИНА)

26.04.2022

 Со овој закон се уредуваат планирањето и спроведувањето на инспекцискиот надзор во животната средина, начелата, организацијата, правата и обврските на инспекторите, актите за инспекциски надзор во животната средина, воспоставувањето на информацискиот систем за инспекциски надзор во животната средина, како и остварувањето соработка во инспекцискиот надзор во областа на животната средина.

Заради воспоставување високо ниво на заштита на животната средина, основна цел на овој закон е воспоставување ефикасен систем на инспекциски надзор во животната средина на територијата на Република Северна Македонија преку:
  • координирано вршење инспекциски надзор во животната средина на централно и на локално ниво над субјектите на инспекцискиот надзор во животната средина, согласно со прописите за животната средина,
  • проценување на влијанието коешто субјектите на надзорот го имаат врз животната средина и соодветно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина врз основа на проценетиот ризик врз животната средина,
  • откривање на изворот и обемот на загадување на животната средина и
  • преземање мерки за спречување, намалување или отстранување на загадувањето.
Причини поради која се пристапи кон донесување на нов закон е потребата од:
  • планирање на инспекцискиот надзор во животната средина за целата територија на државата, односно истото ќе се врши согласно критериумите за процена на ризикот кои субјектите на надзорот го имаат врз животната средина на централно и локално ниво;
  • воспоставување на систем на инспекциски надзор во животната средина кој ќе ги следи долгорочните стратешки цели и приоритети предвидени во стратешките документи од областа на животната средина;
  • долгорочнa стратегија за зајакнување на административните капацитети за спроведување на инспекциски надзор во областа на животната средина кој ќе биде во насока на исполнување на стратешките цели во областа на животната средина. На овој начин се овозможува надминување на проблемот на постојаноста на кадарот, како и негова обученост за спроведување на инспекциски надзор во областа на животната средина е особено истакнат на локално ниво каде овластените инспектори покрај обврските од областа на животната средина вршат и други работи кои не се во делокруг на инспекциски надзор во областа на животната средина;
  • зголемување на соработката и координација во планирањето и спроведувањето на инспекцискиот надзор на централно и локално ниво и
  • дефинирање   и   доуредување   на   надзорот   над   единиците   на   локална самоуправа во спроведувањето на обврските кои произлегуваат од овој закон.