МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМИЈА
Врз основа на член 63 став (7) од Законот за минерални суровини („Службен весник на Репубика Македонија“ бр. 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19), министерот за економија донесе
ПРАВИЛНИК
ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА КНИГАТА ЗА ВОДЕЊЕ ТЕХНИЧКИ НАДЗОР, КАКО И НАЧИНОТ НА ВРШЕЊЕ НА ТЕХНИЧКИОТ НАДЗОР
Член 1
Со овој правилник се пропишува формата и содржината на книгата за водење технички надзор, како и начинот на вршење на техничкиот надзор при изведување на рударските работи, како и при преработката на минералните суровини.
Член 2
Книгата за водење технички надзор (во понатамошниот текст: Книгата) се води во хартиена и електронска форма, при што кога се води во хартиена форма книгата е во вид на тврдо коричена книга со димензии 210 x 297 мм на евиденциски листови кои се меѓусебно поврзани и нумерирани.
Книгата е со зелени корици и на првата страна има испишан текст со букви во црна боја: „Книга за водење технички надзор“.
Член 3
Евиденцискиот лист од Книгата од членот 2 на овој правилник содржи податоци за:
1. Концесионерот (назив на субјектот, број на договорот за концесија, бројот на дозволата по која се врши изведување на рударските работи);
2. Изведувачот на рударските работи;
3. Рударската работа - предмет на изведување и технички надзор;
4. Дата на вршење на техничкиот надзор;
5. Овластено лице за вршење на техничкиот надзор;
6. Присутни одговорни лица од страна на концесонерот/изведувачот на рударските работи;
7. Констатирани неправилности при техничкиот надзор;
8. Инструкции и упатства за понатамошно постапување и
9. Забелешки.
Формата и содржината на Книгата е дадена во Прилог кој е составен дел на овој правилник.
Член 4
Техничкиот надзор се врши на начин што се прави увид на лице место на извршените рударски работи и рударските работи кои се во тек на изведување, проектната документација, увид во исполнувањето на техничките нормативи, спроведувањето на упатствата за работа за применетиот технолошки процес, превземените мерки за безбедност и здравје при работа, исполнувањето на обврските од Законот за минерални суровини и Законот за безбедност и здравје при работа, како и останатите подзаконски акти со кои се регулираат условите за користење на рударско-техничката опрема и друго.
Техничкиот надзор се врши по потреба, но најмалку еднаш месечно, во присуство на одговорното лице од страна на концесионерот и изведувачот на рударските работи. Се пополнува Евиденцискиот лист од страна на лицето назначено за технички надзор и истиот се потпишува од страна на лицето назначено за техничкиот надзор и одговорното лице од страна на концесионерот и изведувачот на рударските работи.
Член 5
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 24-1021/1
25 февруари 2022 година Министер за економија,
Скопје Kreshnik Bekteshi, с.р.