МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМИЈА
Врз основа на член 64 став (8) од Законот за минерални суровини („Службен весник на Репубика Македонија“ бр. 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19), министерот за економија, донесе
ПРАВИЛНИК
ЗА ВИДОТ, СОДРЖИНАТА И НАЧИНОТ НА ИЗГОТВУВАЊЕ И ЧУВАЊЕ НА РУДАРСКИТЕ ПЛАНОВИ
Член 1
Со овој правилник се пропишува видот, содржината и начинот на изготвување и чување на рударските планови.
Член 2
Концесионерите кои вршат детални геолошки истражувања и експлотација на минерални суровини, во зависност од начинот на вршењето на експлоатацијата, треба да ги изработуваат и да ги чуваат следните видови на рударски планови:
- ситуационен план за подземена експлотација;
- ситуационен план за површинска експлотација;
- план за изведени рударски работи во јамата;
- откопен план во јамата;
- план на енергетската мрежа;
- план за проветрување во јамата;
- план на површинскиот коп;
- хидролошки план на рудник и
- план за тектоника на рудникот.
Член 3
Картирање и внесување на пооделни објекти во оригиналните рударски планови треба да се врши врз основа на претходно пресметани и внесени координати во мерачките книги.
Доколку за мерење на површинскиот терен се користи терестичка фотограметрија, аерофотограметрија или пак електронски дистомати, објектите можат да се внесуваат и директно на оригиналните планови по графички пат.
Јамски работи за кои не постојат веродостојни податоци од претходни извршени мерења, се пренесуваат на оригиналните планови со испрекинати линии и не се бојат во полна ширина.
Оригиналните рударски планови се чуваат во службена просторија, во орман за заштита од пожар.
Рударските планови се изработуваат рачно или со програми за компјутерска графика и се користат рударските ознаки според стандардите МКС Б.A3.011 до МКС Б.A3.024 и геолошките ознаки според стандардите МКС Б.A4.051 до МКС B.A4.058, стандардите МКС Б.A4.070 и МКС Б.A4.080.
Член 4
За изработка на рударските планови се користи соодветен тип на хартија, која е соодветна на пропишаната мерка и видот на планот.
Мерката која се употребува при изработка на поединечните планови зависи од точноста на внесување, прегледноста на внесените податоци, големината на соодветниот објект или терен и нивото кое се бара за тој документ.
Изработката на рударските планови се врши во мерките 1:500; 1:1.000; 1:2.500; 1:5.000; 1:10.000; 1:25.000 или 1:50.000.
При изработка на профили и скици за локација на уреди и постројки, места на несреќни случаи, може да се употребат мерките 1:250; 1:200; 1:100; 1:50; 1:25 или 1:10.
Член 5
План или нацрт (ситуациона карта) на експлотационото поле се изработува на топографска основа во мерка која обезбедува доволна точност за одредување на границите на полето и добивање податоци за анализа на самото место. Планот треба да биде изработен и во дигитална форма со специфични координати, пресечни точки и изохипси.
Член 6
Ситуациониот план за подземна и површинска експлоатација на минерални суровини се изработува на топографска основа во мерките 1:250, 1:500, 1:1000 или 1:5000.
По исклучок од став 1 на овој член, а по барање на државниот рударски инспектор, согласно членот 103 од Законот за минерални суровини, може да се изработи прегледен ситуационен план во мерка до 1:25.000, во случај кога се работи за рудник со поголема распространетост или рудник со повеќе јамски простории.
Ситуациониот план од став 1 на овој член се изработува и во дигитална форма и се репродуцира на бела хартија со густина >100g/m2.
Член 7
Ситуациониот план за подземна експлотација на минерални суровини треба да ги содржи следните податоци:
1) Главни податоци од топографскиот план во соодветна мерка, главните полигонски и нивелмански мрежи, како и сите постојни точки на мерење на површината со нивните коти, а по можност и изохипси со еквидистанца до најмногу 10 m, со впишан азимут;
2) Јамски отвори и јамски сообраќајници на сите нивоа, како што се откопите, ходниците, окна, затворени јамски отвори, стари работи и др.;
3) Гранична линија на продуктивниот пласт, истражни работи, дупчотини изработени од површина;
4) Граници на експлотационото поле, истражни простори и соседни рудници, како и граници на општини и реони;
5) Управни и погонски згради и магaцини за гориво, експлозиви и останати материјали;
6) Населби, поважни поединечни куќи, индустриски објекти, јаловишта и сл.;
7) Собракајници на површината (железнички пруги, главни патишта, локални патишта, патеки, жичари и др.);
8) Далноводи, кабли, електрични централи и трафостаници;
9) Извори на вода, проточни води, водоводи, пумпни станици, и канализации и
10) Површински копови, пештери и останати рељефни карактеристики кои имаат отвори на површината.
Ситуациониот план на рудникот треба да се дополни при промена на состојбата на површината или во јамата.
Член 8
Ситуациониот план за површинска експлотација на минерални суровини, покрај податоците утврдени во член 13 во овој правилник, треба да содржи и:
1) Граници на наоѓалиштето на минералната суровина и граници на откопување на етажите во корисна суровина и јаловина;
2) Транспортни патишта на копот, железнички пруги, усеци, канали, бункери и сл.;
3) Јаловишта и
4) Извршени истражни работи, истражни дупчотини и подземни рударски работи, доколку ги има.
Член 9
Планот за изведени рударски работи во јамата се изработува во мерките 1:500; 1:1.000 или 1:2.500.
Планот од став 1 на овој член треба да содржи податоци за:
1) Јамски простории и тоа: окна, поткопи, ходници, прекопи, нископи или ускопи, слепи окна, магацини за експлозивни материјали, пумпни станици и трафостаници, комори за компресори, вентилатори, транспортни уреди, јамски работилници, како и сите сигурносни столбови заради обезбедување на јамските или површинските објекти, затворени јамски простори и стари работи;
2) Енергетска мрежа на јамата (водови на електрична енергија и компримиран воздух), водоводна мрежа и јамски постројки;
3) Активни работилишта на отворање, припремање и откопување и собраќајници (свозници, жичари, сипки и сл.);
4) Откопани површини означени по година на откопување и начин на заполнување (рачно, механичко, пневматско, хидраулично и сл.);
5) Градби и уреди од траен карактер кои служат за одвод на вода и/или плин, заштита од пожар или експлозии;
6) Ознаки за карактеристиките на наоѓалиштето (протегање, пад, профил), сите неправилности и зарушувања, сите јамски и површински дупчотини;
7) Места на појава на метан и на поголеми појави на води;
8) Трајно стабилизирани точки од надворешно мерење, како и останати точки чии кординати и висини се заведени во главната мерачка книга;
9) Јасно обележани места во јамата и на површината според кои би можело да се предизвика опасност на продор на вода, плин, пожар, зарушувања и сл. како и сите надворешни објекти кои би можеле да бидат загрозени со јамските работи, а кои треба да бидат зачувани;
10) Означени граници до кои може да се врши откопување, заради сигурност при работата или заштита на пооделни објекти и
11) Граници на соседни рудници и нивни гранични јамски работи.
Доколку јамските работи се изведуваат во повеќе хоризонти или слоеви или доколку има доволна прегледност, треба да се врши изработка и на посебни планови по хоризонти или слоеви.
Во планот од став 1 на овој член се внесуваат сите јамски работи изведени во одредениот дел на јамата, како и сите јамски простори означени во општиот план во јамата (за проветрување) опремување, премини и сл.), а кои се во функција на изведување на работи на соодветниот хоризонт, етажа или пласт.
Планот за изведени рударски работи во јамата треба да се дополнува еднаш месечно.
По исклучок од ставот 5 на овој член, планот од став 1 на овој член се дополнува и во случај кога се отвора ново работилиште при пробивање на некои поранешни или стари работи, како и по завршување или напуштање на некој рудник.
При дополнувањето на планот посебно внимание треба да се посвети при приближувањето до некои затворени откопи, стари работи, гранични и сигурносни столбови, раседни и други деформитети во работната средина, опасни зони или пак, во случај кога рударските работи се изведуваат во близина на друго јамско работилиште или друга површинска рударска работа.
Член 10
Откопен план во јамата е задолжителен план за рудници кај кои експлотацијата на минералните суровини се врши со откопување во повеќе етажи или хоризонти кои се наоѓаат едни над други.
Откопниот план во јамата ги содржи следните податоци:
1) Податоци од општиот план на јамата кои се однесуваат на соодветна етажа, хоризонт или пласт, сите детали од извршените рударски работи, како и површинските и јамските дупчотини со нивни почетни и завршни коти;
2) Јамски сообраќајници на соодветната етажа, хоризонт или пласт и надвор од нив, а кои се во непосредна врска со работите на истата етажа, хоризонт или пласт и служат за извоз на минералната суровина, проветрување, одводнување или за било која друга цел;
3) Ознаки со карактеристики на наоѓалиштето (протегање, пад и профил), измерени и снимени битни карактеристики на секои 100 метри должина, а во одредени случаи и почесто и пофреквентно;
4) Активни работилишта на отворање, припремање и откопување во тоа подрачје на јамата, со нивно име и ознаки;
5) Начин (тип) на заполнување на откопаниот простор и година на заполнување доколку заполнувањето е вршено дополнително, како и некои стари работи за кои не постојат сигурни податоци во книгата за рударски мерења;
6) Граници на откопното поле и граници до кои не треба да се оди со откопување, површини под оган и вода, постојни проектирани сигурносни столбови заради обезбедување на јамските или површинските објекти;
7) Раседи и раседни линии, останати деформитети и опасни подрачја со нивни граници, ознаки и опис на места со појава на метан, продор на вода, горски удари, со нивна евентуална количина (интензитет) и датум на појава;
8) Граници и количини на истражени количини на корисна минерална суровина изразено во тони, а дефинирани по категории на истраженост, при што планот треба да се ажурира и дополнува на секои три месеци;
9) Планирање на јамски работи и количини на корисна минерална суровина кои ќе се отворат или подготват, како и површини со количини кои ќе се откопуваат и
10) Насоки за проветрување со ознаки за свежа, освежена и излезна ветрена струја.
Откопниот план во јамата треба да се дополнува на крајот на секој месец.
Член 11
Во рудниците каде што се врши подземна експлотација и во рудниците каде што се врши површинска експлотација на минерални суровини, а каде има разгранета енергетска мрежа и комплексна електро-механизација се изработува план на енергетската мрежа.
Планот на енергетската мрежа се изработува во мерка не поголема од 1:5000 во хартиена и во електронска форма.
Во планот на енергетската мрежа на рудникот треба да бидат содржани следните податоци:
1) Отвори на јама и отворени јамски простори со сите сообраќајници во рудници каде што се врши подземна експлотација на минерални суровини;
2) Етажи, јаловина, сообраќајници за транспорт на материјал, машини и луѓе, како и рударските работи, објекти и уреди кои служат за рекултивирање на откопаните простори и површини;
3) Трансформатори и трафостаници, разводни уреди за електрична енергија, водови (кабли) за висок и низок напон, локалитети на пооделни електрични постројки, телефонски линии и сл.;
4) Компресорските станици, резервоари за компримиран воздух, цевоводи, разводни вентили и др. како и местата на самите потрошувачи (багери, дупчалки, дробилки и др.) и
5) Карактеристики на техничките елементи и капацитети (сила) на пооделни уреди и инсталации од точките 2 и 3 на овој став.
Дополнувањето на планот на енергетската мрежа треба да се врши секогаш кога настанува промена во однос на уредите и инсталациите од став 4 на овој член.
Член 12
Планот за проветрување во јамата се изработува во мерка не поголема од 1:2500 и ги содржи следните податоци:
1) Отвори на јамата и отворените јамски простории, затворени јамски простори, стари јамски работи, ѕидови и останати градби со кои се затворени јамските простори или старите јамски работи;
2) Местата кои се наоѓаат под оган или во состојба на загревање;
3) Раседите и деформираните зони, преломи, полнатини и се што би можело да биде опасно при појава на пожар, плин или загуба на воздушна струја;
4) Активни работилишта во јамата и сообраќајници наменети за извоз или премини за луѓе, простории во кои постојано се задржуваат луѓе (машински комори, пумпни станици и сл.);
5) Магацините за експлозивните материјали и запаливи средства, помошните работни простории, гардероби, санитарни јазли и сл.;
6) Цефките, вратите, преградите, завесите, ѕидовите и останатите елементи кои служат за ветрење, регулирање или разведрување на ветрената воздушна струја како и објекти уреди и апарати за одбрана од појава на пожар, експлозија, продор на плин или вода и сл.;
7) Станиците за мерење на количините на воздух и нивните пресеци (m2), температура на свежиот воздух, брзината на ветрената воздушна струја низ станицата (m/s), количина на воздух (m3/min) и сл.;
8) Бројот на луѓе и машини со мотори на дизел погон, посебно за секое работно место и за поединечната станица за мерње на воздух, како и вкупно за секое ветрено оделение;
9) Патиштата (просториите) преку кои е дозволено движење на луѓе и патишта за итно напуштање на јамата;
10) Местата на сместување, видови и капацитет на вентилатори кои служат за проветрување на јамата, а се наоѓаат во јамата или на површината;
11) Електричните уреди и инсталации, разводни плочи, водови (кабли) и сл. и
12) Местата на појава на метан, измерена количина во m3/s и датум на мерењето.
Планот за проветрување во јамата се дополнува најмалку еднаш месечно.
Член 13
Планот на површинскиот коп се изработува во размер не поголем од 1:2500 и ги содржи следните податоци:
1) Конфигурацијата на теренот со изохипси и главни коти;
2) Хидрографијата на теренот, со сите сливни површини и протоци на вода и системи за површинско и подземно одводнување;
3) Извршените истражни работи и дупчотини, раседи и други деформитети во карпите;
4) Етажите во минералната суровина и јаловина, границите на наоѓалиштето за протегање на минералната суровина, граници на откопување со вцртани граници на завршните косини и на одлагалиштата;
5) Транспортно - извозните патишта, пруги, сипки, бункери, депонии и др.;
6) Подземните јамски простории, собраќајници и стари работи;
7) Управните и погонските згради, трафостаници и електроводоводи, водови на компримиран воздух, водоводи и компресорски станици и
8) Откопаните површини кои се рекултивирани или подготвени за рекултивација.
Во планот на површинскиот коп се изработуваат подолжни и надолжни профили за сите етажи на просторите на протегање на минералната суровина (руда) и јаловината опфатена со површинската експлотација, како и на просторите опфатени со јаловишта и други деградирани површини и објекти.
Планот на површинскиот коп се дополнува на крајот од секој месец.
Член 14
Хидролошкиот план на рудник каде што се врши подземна експлотација на минерални суровини се изработува на топографска основа во мерка не поголема од 1:5000.
Хидролошкиот план на рудникот каде се врши подземна експлотација на минерални суровини ги содржи следните податоци:
1) Главни податоци за топографскиот план, доколку го има, постојани точки од тригонометриската мрежа на рудникот и државната триангулација, главни полигонски и нивелмански мрежи со нивните коти и со изохипси до 10 m еквидистанца;
2) Извори, потоци, реки, мочуришта, бари, граници на езера, насипи, брани, мостови и останати поважни водени објекти, како и граници на максимален водостој;
3) Граници на пооделни сливни подрачја или површини, со ознака на површината во km2 и максимален проток на вода во m3/s;
4) Канали, водособирници, пумпни станици и инсталации со нивни капацитети;
5) Поважни раседи и раседни зони, пукнатини, пештери, понори, како и се друго што би можело да има влијание за режимот на јамските и површинските води и загрозување на сигурноста при работа;
6) Јамски отвори, отворени јамски простории, а посебно оние кои служат за директно (гравитациско одводнување или низ кои тече слободно јамска вода, како и подлабоки истражни работи и дупчотини;
7) Затворени јамски простории и стари работи ако низ нив поминува јамска вода или би можела во истите да се насобира и потенцијално ги загрозува околоните простории и објекти во јамите;
8) Ѕидови, водени врати, баражи и останати градби изработени со цел за одбрана од продори на вода, како и места на кои се поставени манометри за мерење на притисок на водата и места со филтри за цедење или испитување и
9) Постојани и периодични појави на вода во јамата, со ознаки за локалитетот, притисокот, протокот и нивниот состав (мил, кал, песок и сл.) места на кои водата се губи или делумно се губи, како и датум на појава на поголеми количини на водени протоци или обилни подземни водени продори.
Дополнувањето на Хидролошкиот план на рудникот се врши на крајот од секој месец.
Член 15
Планот за тектоника на рудникот се изработува во мерка не поголема од 1:2500 и ги содржи следните податоци:
1) Отворените јамски простории, со постојаните и утврдените главни точки на мерење;
2) Петрографијата, стратиграфијата и хидрологијата на рудникот;
3) Извршените истражни работи и дупчотини во јамите и на површина;
4) Детално разработената тектоника (раседи, раседни зони, синклинали и антиклинали и други типови на набори и др.) и
5) Контурите на наоѓалиштето.
Дополнувањето на планот од став 1 на овој член се врши по вршењето на дополнителни истражни работи или по отворање на нови откопи.
Член 16
Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за видот, содржината и начинот на изготвување и чување на рударски планови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 128/07).
Член 17
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 24-1015/1
25 февруари 2022 година Министер за економија,
Скопје Kreshnik Bekteshi, с.р.