„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА (*)

31.01.2023

Со членот 1 од Предлог законот се дополнува член 2 од постојниот Закон со кој се уредени општи одредби кои се однесуваат на полето на примена на законот, како и примената на други закони. Така со овој член се дополнува дека на финансиските друштва ќе се применуваат одредбите од Законот за стечај, доколку со законот за финансиски друштва поинаку не е уредено, како и дека на договорите за потрошувачки кредит се применуваат одредбите од Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. 

Со членот 2 од Предлог законот се воведуваат осум нови дефиниции. Воведувањето на нови дефиниции е заради потребата од дефинирање на нови изрази кои главно произлегуваат од уредувањето на активноста на факторинг.
Со членот 3 од Предлог законот се менува член 4 од постојниот закон кој се однесува на активностите кои ги врши финансиското друштво, се врши усогласување со Законот за платежни услуги и платни системи, односно се брише финансиската активност „издавање и администрирање на кредитни картички”. Ова од причина што оваа активност ќе можат да ја вршат само платежни институции основани согласно Законот за платежни услуги и платни системи. 
Со членот 4 се менува членот 5 од постојниот закон кој се однесува на активности кои не смее да ги врши финансиското друштво. Така со измената се забранува трговско друштво кое поседува дозвола или лиценца издадена согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри да биде кредитен посредник на финансиско друштво. Целта на оваа измена е во насока на заштита на граѓаните непосредно да користат кредити дадени од самите приредувачи на игри на среќа во улога на кредитни посредници заради обложување. 
Со членот 5 се уредува дека само финансиско друштво може во својот назив да ги користи зборовите „финансиско друштво“ и „факторинг“. 
Со членот 6 од Предлогот се менува член 7 од постојниот закон, односно се врши зголемување на основната главнина за основање на финансиско друштво од 6.000.000 денари на 30.000.000 денари. Целта на оваа измена е да се зајакнат критериумите при основање на финансиско друштво во делот на регулаторните барања и стандарди кои треба да ги исполнуваат финансиските друштва, имајќи предвид дека се работи за финансиски инситуции кои вршат финансиски активности. Дополнително се забранува основната главнина и нејзините натамошни зголемувања да потекнуваат од заеми и кредити. Ова е од причина што при основање на финансиските друштва се цени економско финансиската состојба на основачот, па оттука и изворите на средства е потребно да бидат главно сопствени, а не да потекнуваат од заеми и кредити. 
Со членот 7 од Предлогот се дополнува член 8 од пoстојниот закон во делот на условите кои треба да ги исполнуваат лицата кои имаат намера да основаат финансиско друштво, однoсно еден од критериумите е истите да поседуваат репутација. Целта на оваа измена е дополнително зајакнување на критериумите кои треба да исполнуваат лицата кои имаат намера да основаат финансиско друштво. Со дел од членовите 7, 11, 12, 15, 16, 23 и 24, како и со членовите 9, 10, 13 и 14 се врши усогласување на законот за финансиски друштва со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги (процесот на дигитализација). 
Со членот 8 од Предлог законот се доуредува член 9 од постојниот закон кој се однесува на членовите на орган на управување на финансиското друштво. Согласно постојното законско решение член на орган на управување на финансиско друштво може да биде лице кое не е член на орган на управување на банка, филијала на странска банка или штедилница. Со измената се врши дополнување дека член на орган на управување на финансиско друштво не може да биде лице кое е член на орган на управување на друго финансиско друштво и на давател на финански лизинг. Имајќи ја предвид сериозноста и значајноста на управувањето со финансиските друштва како институции, со измена се зајакнуваат регулаторните барања во делот на органите на управување, односно се уредува дека членот на органот на управување мора да има постојан работен однос во друштвото, а со тоа се ограничува едно лице да може да биде управител на повеќе финансиски друштва во исто време. Дополнително, се уредува дека член на орган на управување на финансиско друштво не може да биде лице кое не поседува репутација со што може да биде загрозено сигурното и стабилното работење на финансиското друштво. 
Со членот 11 се доуредуваат случаите во кои Министерството за финансии го одбива барањето за основање на финансиско друштво. 
Со членот 12 се доуредува членот 13 од постојниот закон, односно содржината на решението за издавање на дозвола за основање и работа на финансиско друштво со додавање на износот на основната главнина на финансиското друштво. Со членот 15 се менува постојниот член 17, односно во случај на барање на согласност за проширување на обемот на финансиски активности, финансиското друштво е должно да достави и интерни процедури за вршење на финансиските активности што планира да ги врши. Истовремено, при промена на сопственичката структура, новиот содружник, односно содружници, не можат да бидат лица кои не поседуваат репутација со што може да биде загрозено сигурното и стабилното работење на финансиското друштво. Измените во членот 17 се од технички карактер. Со членот 18 се врши техничко усогласување, односно се уредува дека под кредити нема да се подразбираат издадените кредитни картички, имајќи во предвид дека финансиското друштво нема да смее да издава кредитни картички. Со членот 19 од предлогот на закон се додаваат шест нови членови 19-а, 19-б, 19-в, 19-г, 19-д и 19-ѓ. Со членот 19-а се уредуваат детално надоместоците кои може да ги наплатува финансиското друштво при одобрување на потрошувачки кредити. Согласно досегашната пракса финансиските друштва имаа ограничување само во делот на стапката на вкупни трошоци кои му се познати на клиентот при склучување на договорот, но не постои ограничување во делот на трошоците кои не влегуваат во стапката на вкупни трошици. Така, во пракса друштвата на корисниците на кредит им нудат дополнителни услуги за кои им наплатуваат надоместоци и провизии. Со цел заштита на корисниците на кредити од вакви високи провизии и надоместоци, со измената се предлага да се воведе ограничување на трошоците за потрошувачки кредити кои ги наплатуваат финансиските друштва кои не влегуваат во пресметката на стапката на вкупни трошоци. Дополнително, се воведува обврска друштвото јавно да го објави тарифникот со надоместоците кои ги наплатува на својата интернет страница, а доколку финансиското друштво нема интернет страница тарфиникот да го истакне на видливо место во своите работни простории. Со членовите 19-б, 19-в, 19-г, 19-д и 19-ѓ подетално се уредува финансиска активност факторинг. Согласно постојното законско решение финансиските друштва и до сега имаа можност да ја вршат оваа активност, при што главно на договорите за факторинг се применуваше Законот за облигации во кој детално не е уредена оваа активност. Со измената се врши подетално уредување на оваа активност во делот на видовите на факторинг кои може да ги вршат друштвата и во делот на формата и содржината на договорот за факторинг. Со членот 20 се воведува обврска финансиското друштво да воспостави систем за управување со кредитниот ризик со цел соодветна проценка, следење и управување со изложеноста на кредитното портфолио. Со член 21 од Предлог законот се доуредува членот 22 од постојниот закон кој се однесува на надзорот над финансиските друштва. Во насока на зајакнување на надзорот со предложените измени се уредува дека начинот на вршење на надзорот детално ќе бидат пропишани со Правилник донесен од страна на министерот за финансии. Измената во членот 22 е од технички карактер. Со членот 23 се додаваат нови одредби за одземање на дозволата во членот 24 од постојниот закон согласно новите предвидени обврски во предлогот на закон. Измената во членот 25 е од технички карактер. Со членот 26 со кој се додаваат два нови члена 25-а и 25-б се уредува стечајната постапка над факторот и стечајната постапка над доверителот. 
Со членовите 27 и 28 се додаваат нови глоби за финансиското друштво согласно новите предвидени обврски од предлогот на закон. Измената во членот 29 е од технички карактер. Со членовите 30, 31, 32, 33, 34, 35, 36 и 37 се уредуваат преодните и завршните одредби од овој закон.
Целосниот текст на материјалот е достапен тука.