ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Врз основа на член 30 став 1 алинеја 1 од Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/04, 128/06, 63/07, 88/08, 159/08, 20/09, 99/09, 105/09, 115/10, 158/10, 36/11, 53/11, 148/13, 164/13, 97/15, 129/15, 53/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 77/21, 215/21 и 295/21), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 9 март 2022 година, донесе
ОДЛУКА
ЗА ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ТРГОВИЈАТА НА ОДДЕЛНИ СТОКИ
Член 1
Со оваа одлука се определува највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата за следните стоки:
- леб бел и полубел (цел и сечен на парчиња);
- сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло);
- брашно од пченица– тип 400;
- шеќер бел конзумен;
- трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%;
- свежо месо;
- сувомеснати производи - салама (посебна и паризер од свинско, пилешко и говедско), виршли (пилешки, свински, јунешки) и колбаси (пилешки, свински и говедски) со додатоци во нив;
- сирење бело кравјо и сирење бело мешано кравјо и овчо;
- урда кравја;
- македонски ориз бел;
- јајца од кокошка и
- шпагети и макарони од мека и дурум пченица.
Највисоката трговска маржа за стоките од ставот 1 на овој член за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 4% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно во вкупен износ до 3% на продажната цена пресметана во трговијата на мало.
Производителите кои ги произведуваат стоките од ставот 1 на овој член се опфатени во трговскиот ланец на трговијата на големо.
Во продажната цена на трговијата на големо и трговијата на мало се вклучени сите производствени и оперативни трошоци кои јасно ќе бидат искажани при формирањето на продажната цена за стоките наведени во став 1 на овој член.
Стоките утврдени во ставот 1 алинеите 1, 2 и 3 на овој член ќе се продаваат во трговијата на мало по набавнa цена, без трговска (профитна) маржа.
Член 2
За стоките од член 1 став 1 од оваа одлука не се пресметува и одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици (примарни и секундарни позиции).
Заради усогласување со ставот 1 на овој член, се склучуваат анекси кон склучените годишни договори за продажба во трговскиот ланец помеѓу добавувачите (трговците на големо) и купувачите (трговците на мало), или се склучуваат нови договори.
Член 3
Највисоката трговска (профитна) маржа на стоките од член 1 од оваа одлука ќе се применува до 31 мај 2022 година.
Член 4
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 41/22).
Член 5
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-2139/1 Заменик на претседателот
9 март 2022 година на Владата на Република Северна Македонија
Скопје Фатмир Битиќи, с.р.