ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Врз основа на член 28 став (8) и член 58 став (1) од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15, 37/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/20), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 8 март 2022 година, донесе
ОДЛУКА
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА ПРЕВЕНТИВНИ ПРЕПОРАКИ, ВРЕМЕНИ МЕРКИ, НАРЕДНИ МЕРКИ, НАМЕНСКИ ПРОТОКОЛИ, ПЛАНОВИ И АЛГОРИТМИ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ЗАРАЗНАТА БОЛЕСТ COVID-19 ПРЕДИЗВИКАНА ОД ВИРУСОТ SARSCoV-2, СЛУЧАИТЕ И ВРЕМЕНСКИОТ ПЕРИОД НА НИВНА ПРИМЕНА
Член 1
Во Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 263/20, 269/20, 275/20, 287/20, 292/20, 298/20, 304/20, 306/20, 317/20, 13/21, 45/21, 53/21, 55/21, 58/21, 64/21, 65/21, 75/21, 87/21, 94/21, 100/21, 106/21, 109/21, 113/21, 116/21, 119/21, 126/21, 133/21, 139/21, 141/21, 146/21, 153/21, 162/21, 176/21, 187/21, 193/21, 199/21, 204/21, 220/21, 234/21 и 237/21, 242/21, 261/21 и 291/21), во член 13, точка 2., став 4 во алинејата 3 и став 5 во алинејата 2 бројот „45“ се заменува со бројот „180“.
Точката 9. се брише.
Точките 10. и 11. стануваат точки 9. и 10..
Во точката 12. која станува точка 11., став 1 во алинејата 2 бројот „45“ се заменува со бројот „180“.
Ставот 3 се брише.
Во точката 13., која станува точка 12., во ставот 2 по зборовите „посетители/гости/лица“ запирката се заменува со точка, а зборовите до крајот на реченицата се бришат.
Точката 14. станува точка 13.
Во точката 15, која станува точка 14.во ставот 1, зборовите „влез/излез на/од“ се заменуваат со зборовите „влез на“.
Во алинејата 2 бројот „45“ се заменува со бројот „180“.
Во алинеите 3 и 4 зборовите „влез/излез на/од“ се заменуваат со зборовите „влез на“.
Во ставот 5 по зборовите „од оваа точка се“ се додаваат зборовите „државјаните на Република Украина,“.
Член 2
Прилогот број 65. и Прилогот број 72. се заменуваат со нов Прилог број 65. и Прилог број 72. кои се дадени во прилог и се составен дел на оваа одлука.
Член 3
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-2085/1 Претседател на Владата
8 март 2022 година на Република Северна Македонија,
Скопје д-р Димитар Ковачевски, с.р.
Прилог број 72
Протокол за одржување настани со медиумско присуство во услови на пандемија предизвикана од коронавирус
Овој протокол го уредува медиумското присуство на јавни настани, односно обврските кои организаторот треба да ги преземе за да обезбеди безбедна и непречена работа на медиумските работници, а воедно и на сите присутни.
Содржи два дела, општи генерални насоки кои се однесуваат на сите јавни настани на кои организаторот предвидува медиумско присуство, и посебен дел кој се однесува на настани кои се во организација на владини институции, односно на истите има присуство на претставници на Владата на Република Северна Македонија.
Општи генерални насоки кои се однесуваат на сите јавни настани на кои организаторот предвидува медиумско присуство:
1. Настаните за кои е предвидено медиумско присуство е препорачано да се одржуваат на отворен простор, доколку временските и просторните услови го дозволуваат тоа, според следните мерки:
- се обезбедува озвучување со шахти за звук, за да се избегне преземање на звук од микрофоните на медиумските работници со цел да се заштитат присутните од групирање;
- се обезбедуваат два засебни микрофони, едниот се поставува пред говорникот, додека вториот е за медиумските работници кои поставуваат прашања;
- микрофоните се дезинфицираат пред и после завршувањето на настанот односно при промена на говорник. Дезинфекцијата се врши преку чистење со ткаенина и изопропил алкохол, или спреј пумпица со изопропил алхолол која се прска на соодветна далечина која нема да предизвика проблем со електрониката. Доколку има лице задолжено за управување со микрофонот, задолжително мора да носат заштитни ракавици. Во спротивно, дезинфекцијата се врши после секој физички допир од страна на било кое лице.
- помеѓу присутните се обезбедува најголемо возможно растојание (најмалку метар и половина) и истовремено помеѓу новинарите и снимателите, но и истовремено помеѓу новинарите, снимателите и говорниците се уредува просторот на начин на кој нема групирање и не се нарушува соодветното растојание;
- доколку не постојат технички услови за озвучување, микрофоните на новинарите се поставуваат на едно место (постоље, говорница, маса) раздвоени физички од медиумските работници, со задолжено лице да ги дезинфицира пред и после говорењето на говорникот;
- доколку настанот е теренски, и се одржува во услови кои не дозволуваат ниеден од горенаведените услови, се запазуваат основните мерки: задолжително носење на заштитни маски и обезбедување на растојанието кое условите го дозволуваат (најмалку метар и половина), како и преземање на микрофоните на медиумски работници од едно лице кое е назначено за таа улога и нивно поставување на платформа од страна на истото лице со цел да се обезбеди растојание и да се попречи групирање;
- секогаш кога тоа е возможно, се обезбедуваат столчиња за новинарите, за поефективно да се одржува соодветното растојание.
2. Доколку временските и просторни услови не дозволуваат настани со медиумско присуство на отворен простор, истите да се одржуваат преку дигитални алатки за вклучување во живо
- организаторот е должен да спроведе техничка проверка половина час пред одржувањето на настанот за да обезбеди функционална врска за медиумските работници.
3. Доколку не постојат технички услови за одржување на настани со медиумско присуство преку дигитални алатки за вклучување на новинарите во живо, истите се одржуваат во затворен простор со запазување на следните мерки:
- се препорачува на медиумските работници да преземат видео материјал од една камера за да се преполови бројот на присутни во просторијата;
- сите присутни задолжително и постојано носат заштитни маски;
- просторијата да располага со големина која обезбедува растојание од метар и половина помеѓу медиумските работници;
- просторијата да се проветрува и дезинфицира после секој настан;
- просторијата да се проветрува за времетраење на настанот. Настани во простории во кои нема услови да се проветруваат или соодветен начин на вентилација на воздухот нема да се одржуваат;
- се обезбедува озвучување со шахти за звук, за да се избегне преземање на звук од микрофоните на медиумските работници со цел да се заштитат присутните од групирање;
- се обезбедуваат два засебни микрофони, едниот се поставува пред говорникот, додека вториот е за медиумските работници кои поставуваат прашања;
- микрофоните се дезинфицираат пред и после завршувањето на настанот односно помеѓу два говорници. Дезинфекцијата се врши преку чистење со ткаенина и изопропил алкохол, или спреј пумпица со изопропил алхолол која се прска на соодветна далечина која нема да предизвика проблем со електрониката. Доколку има лице задолжено за управување со микрофонот, задолжително мора да носи заштитни ракавици. Во спротивно, дезинфекцијата се врши после секој физички допир од страна на кое било лице;
- помеѓу присутните се обезбедува растојание од најмалку метар и половина, додека помеѓу новинарите и снимателите се уредува просторот на начин на кој нема групирање и не се нарушува соодветното растојание;
- доколку не постојат технички услови за озвучување, микрофоните на новинарите се поставуваат на едно место (постоље, говорница, маса) раздвоени физички од медиумските работници, со задолжено лице да ги дезинфицира пред и после говорењето на говорникот;
- секогаш кога тоа е возможно, се обезбедуваат столчиња за новинарите, за поефективно да се одржува соодветното растојание;
- за настаните за медиумските работници кои се организираат во затворен простор, препораката е да не траат подолго од триесет (30) минути, при што доколку настанот предвидува новинарски прашања, најмалку половина од времето да биде предвидено за нив.
4. Во самата најава до медиуми, се наведуваат сите услови во кои се одржува настанот како и соодветно време на пристигнување кое овозможува медиумските работници да поминат соодветни проверки и мерки за заштита од коронавирус без доцнење на почетокот на настанот.
5. За сите видови на настани, организаторот е должен да обезбеди лична заштитна опрема односно заштитни маски и дезинфициенс, со задолжителна нивна употреба пред влез на настанот.
6. За сите видови на настани, организаторот задолжително обезбедува лице кое мери телесна температура. Според препораки на Комисијата за заразни болести, секое лице кое има над 37,2 се остава на почек. После 5-10 минути се врши повторно мерење. Доколку и по втор пат телесната температура на медиумскиот работник е над 37,2, обезбедувањето оневозможува влез на настанот.
7. За сите видови на настани со медиумско присуство без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, и на отворен и на затворен простор, задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:
- сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози вакцина против заразната болест КОВИД-19 или
- сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Дополнително, на сите настани опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 присутни лица, задолжително e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак на настаните со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.
Посебен дел кој се однесува на настани кои се во организација на владини институции, односно на истите има присуство на претставници на Владата на Република Северна Македонија:
8. На снимателите и фоторепортерите им се препорачува да преземат видео-материјал и фотографии од организаторот на настанот, а со цел да се намали бројот на присутни и да се заштитат присутните од групирање на поголема група на луѓе на ограничен простор;
- доколку физичките и просторните услови не дозволуваат целосно запазување на мерките за заштита, на новинарите и снимателите им се овозможува пренос на настанот во живо;
- доколку не постојат технички услови за пренос на настанот во живо, на новинарите и снимателите им се овозможуваат опции кои ќе го намалат бројот на физичко присуство и изложеност, и тоа:
а) Можност новинарите (сите, или оние кои ќе изберат) да ги постават прашањата преку портпарол или лице задолжено за односи со јавност, кои најпрецизно и буквално ќе ги постават прашањата до говорниците во име на новинарите;
б) Во исклучителни ситуации кога условите не дозволуваат да се организира настан во живо или преку дигитални алатки, новинарите имаат можност да ги постават прашањата по електронски пат преку портпарол или лице задолжено за односи со јавност, кои најпрецизно и буквално ќе ги постават прашањата до говорниците во име на новинарите.
в) Доколку во исклучителна ситуација, нема можност за обезбедување на снимка или пренос во живо, прашањата поставени по електронски пат, добиваат одговор на писмено од официјална е-пошта на институцијата која го организира настанот. Одговорот на писмено кон медиумот треба да се испрати во најбрз можен рок после завршување на настанот, во текот на истиот ден. Исклучок од овој рок се одговорите за кои е потребен подолг процес на собирање податоци од повеќе институции, за што медиумот треба да биде веднаш известен, а одговорот треба да се испрати во рок од три дена вклучувајќи го и денот кога е поставено прашањето.