„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.41 ОД 24.2.2022 ГОДИНА)

25.02.2022

 Член 1

Во Законот за минимална плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 11/12, 30/14, 180/14, 81/15, 129/15, 132/17 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 124/19 и 239/19), во член 4 во ставот (1) алинеите 1 и 2 се менуваат и гласат:
„- 50% од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и
- 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.“.
Алинејата 3 се брише.
По ставот (1) се додаваат три нови ставови (2), (3) и (4), кои гласат:
„(2) Висината на минималната плата, утврдена согласно со ставот (1) на овој член, не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
(3) Просечниот износ на исплатената месечна нетоплата за работник кој работи помалку од полното работно време се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот.
(4) Во просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник, не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа.“.
Во ставот (2) кој станува став (5) зборовите: „во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со платата за месец април во тековната година“ се заменуваат со зборовите: „во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за месец март во тековната година“.
Член 2
Во главата II-а ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ИСПЛАТА НА МИНИМАЛНА ПЛАТА И КОНТРОЛА ВО ОСТВАРУВАЊЕТО И КОРИСТЕЊЕТО НА ФИНАНСИСКАТА ПОМОШ, членовите 4-а, 4-б, 4-в, 4-г,
4-д, 4-ѓ и 4-е се менуваат и гласат:
„Член 4-а
(1) На работодавачот кој ги исполнува условите од членот 4-б од овој закон, ќе му се обезбеди финансиска помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата (во натамошниот текст:
финансиската помош) од Буџетот на Република Северна Македонија, за периодот март 2022 година-декември 2022 година, во износ од 1.197,00 денари.
(2) Финансиската помош од ставот (1) на овој член, се обезбедува на работодавачите за работниците на кои основната плата ќе се исплати до нивото на бруто плата во износ од 26.422,00 ден.
Член 4-б
(1) Финансиската помош од членот 4-а од овој закон, се обезбедува на работодавачот доколку ги исполнува следниве услови:
- работодавачот да не е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или данок на личен доход за вработеното лице од членот 4-а став (1) од овој закон,
- работодавачот да има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење, согласно со членовите 477, 477-а, 552-а и 552-б од Законот за трговските друштва,
- работодавачот да ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската помош.
(2) Финансиската помош од членот 4-а од овој закон, се остварува по исплатата на платата за месецот за кој се обезбедува финансиската помош.
Член 4-в
(1) Работодавачот во месечната пресметка за интегрирана наплата што ја поднесува до Управата за јавни приходи, согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, ги означува вработените лица од членот 4-а од овој закон, за кои бара обезбедување на финансиска помош.
(2) Заради вршење на исплата на финансиската помош, Управата за јавни приходи обработените податоци од ставот (1) на овој член, ги доставува до Министерството за труд и социјална политика, во рок од 30 дена по истекот на месецот за кој се бара исплата на финансиска помош.
(3) Финансиската помош од членот 4-а од овој закон, се исплатува преку Министерството за труд и социјална политика.
Член 4-г
(1) Начинот на обезбедување на финансиската помош од членот 4-а од овој закон го пропишува министерот за труд и социјална политика, во согласност со министерот за финансии.
Член 4-д
(1) Работодавачот кој ќе добие финансиска помош, согласно со одредбите од овој закон, е должен да го задржи на работа работникот за кој добива финансиска помош најмалку една година по завршување на периодот на добивање на финансиската помош.
(2) Работодавачот кој нема да го исполни условот од ставот (1) на овој член, е должен да ги врати средствата во износ на добиената финансиска помош согласно со овој закон, во рок од 30 дена од денот на одјавувањето на работникот за кој добивал финансиска помош, освен во случај на остварување на право на пензија, престанок на работниот однос по вина или волја на работникот или смрт на работникот.
Член 4-ѓ
Управата за јавни приходи врши контрола во остварувањето и користењето на финансиската помош од членот 4-а од овој закон.
Член 4-е
Финансиска помош согласно со одредбите од овој закон не може да оствари:
- обврзник кој користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за работници, согласно со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 239/19) и обврзник кој користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за работници, за периодот додека ја користи мерката.“
Член 3
Висината на минималната плата во бруто износ за исплата на плата за месец март 2022 година, заклучно со исплатата на платата за месец февруари 2023 година, ќе биде во износ утврден во членот 2 од овој закон, со кој се менува членот 4-а став (2).
Член 4
Одредбите од членот 1 од овој закон, со кои се менуваат одредбите од членот 4 став (1) алинеите 1 и 2 и се брише алинејата 3, ќе се применуваат при утврдување на минималната бруто плата за месец март 2023 година, врз основа на висината на минималната плата ут-
врдена во членот 2 од овој закон, со кој се менува членот 4-а став (2).
Член 5
Постапките започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 11/12, 30/14, 180/14, 81/15, 129/15, 132/17 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 124/19 и 239/19), ќе завршат согласно со одредите од Законот за минимална плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 11/12, 30/14, 180/14, 81/15, 129/15, 132/17 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 124/19 и 239/19).
Член 6
Подзаконскиот акт предвиден со овој закон, ќе се донесе во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 7
Се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Северна Македонија да утврди пречистен текст на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија.
Член 8
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.