„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ПРАВИЛНИК ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПОМОШНИ ИЛИ ПРИДРУЖНИ ДЕЈНОСТИ НА ОСНОВНАТА ДЕЈНОСТ НА РАБОТОДАВАЧОТ И ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА РАБОТНИ МЕСТА ВО ДЕЈНОСТИ КОИ ИМААТ КАРАКТЕР НА ПОМОШНИ И ПРИДРУЖНИ РАБОТИ НА ОСНОВНАТА ДЕЈНОСТ НА РАБОТОДАВАЧОТ („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 299 ОД 29.12.2021 ГОДИНА)

25.01.2022

 Врз основа на член 134 став (8) од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16 и 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19, 267/20, 151/21 и 288/21), министерот за труд и социјална политика донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПОМОШНИ ИЛИ ПРИДРУЖНИ ДЕЈНОСТИ НА ОСНОВНАТА ДЕЈНОСТ НА РАБОТОДАВАЧОТ И ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА РАБОТНИ МЕСТА ВО ДЕЈНОСТИ КОИ ИМААТ КАРАКТЕР НА ПОМОШНИ И ПРИДРУЖНИ РАБОТИ НА ОСНОВНАТА ДЕЈНОСТ НА РАБОТОДАВАЧОТ
Член 1
Со овој правилник се определуваат дејностите кои имаат карактер на помошни или придружни дејности за непречено функционирање на основната дејност која ја врши работодавачот и истите се извршуваат согласно однапред склучен договор за деловно-техничка соработка помеѓу работодавачите, како и работните места кои имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.
Член 2
Помошни и придружни дејности, во смисла на овој правилник, се оние дејности со кои врз основа на договор за деловно-техничка соработка се опслужува работењето на работодавачот, кај кој работниот процес не може да се прекине и има потреба од континуитет во работата.
Член 3
Работни места кои имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот, во смисла на овој правилник, се оние работни места без чие континуирано одвивање на работите може да дојде до прекин или нарушување на техничко-технолошкиот процес и/или може да има влијание врз квалитетот и безбедноста на производот, односно може да предизвика дополнителен ангажман на човечки и материјални ресурси или трошоци за повторно враќање во потребниот оптимален режим на работа на работниот процес во целина.
Член 4
При определување на работните места од членот 3 на овој правилник, се зема во предвид следното:
- работните места да не се составен дел од главниот работен процес преку кој се остварува основната дејност на работодавачот и да се неопходни за непречено одвивање на главниот работен процес во останатите денови од неделата и со кои би се избегнале значителни штети врз безбедноста и здравјето на луѓето или животната средина (обезбедување на имотот и средствата за работа, одржување и следење на состојбата на средствата за работа и сл.),
- работните места да се засебни во рамките на главниот работен процес, а без чие непречено функционирање не би можел да се одвива главниот работен процес во останатите денови од неделата, доколку со прекин на работите на тие работни места значително би се влијаело врз квалитетот на крајниот производ, односно во остварувањето на главниот работен процес (термичка обработка и складирање на репроматеријали и суровини, континуитет во дел од производствен процес за делумна обработка и припрема на процесот за останатите денови од неделата и сл.) и
- работните места да се придружни работи во работниот процес, да се дел од главниот работен процес и/или да се реализираат со користење на информациско-комуникациски технологии, од чие непречено одвивање зависи непрекинатото обезбедување на услуги од страна на работодавачот, во рамки на неговата основна дејност (надзор и одржување на ИТ системи преку кои се реализираат финансиски трансакции, обезбедување на грижа за корисници и сл.).
Работните места од ставот 1 на овој член, се утврдени во актот за систематизација на работните места и во изјавата за безбедност и здравје при работа со проценката на ризик за секое работно место кај работодавачот.
За работните места опфатени со ставот 1 на овој член, работодавачот определува само неопходен број на работници за реализација на работите кои не треба да се прекинат и ја образложува причината за неопходноста од нивното ангажирање при доставување на известувањето за вршење на работа во недела до Државниот инспекторат за труд, а работодавачот известувањето го доставува најдоцна пет дена од денот на склучувањето на договорот за деловно-техничка соработка.
Член 5
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.