Врз основа на член 14 став (1) од Законот за енергетика(*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 14 јануари 2022 година, донесе
УРЕДБА ЗА КРИТЕРИУМИТЕ И УСЛОВИТЕ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА КРИЗНА СОСТОЈБА ВО СЛУЧАИ НА ВРЕМЕНСКИ И ПРИРОДНИ НЕПОГОДИ, ХАВАРИИ И НАРУШУВАЊА НА ПАЗАР НА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА, НАЧИНОТ НА СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА ВО КРИЗНА СОСТОЈБА, МЕРКИТЕ ШТО СЕ ПРЕЗЕМААТ ВО СЛУЧАЈ НА КРИЗНА СОСТОЈБА, КАКО И ПРАВАТА И ОБВРСКИТЕ НА НОСИТЕЛИТЕ НА ЛИЦЕНЦИ ЗА ВРШЕЊЕ НА ДЕЈНОСТИ НА ПАЗАРОТ НА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА
I. Општа одредба
Член 1
Со оваа уредба се утврдуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарот на топлинска енергија, начинот на снабдување со топлинска енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на дејности на пазарот на топлинска енергија согласно со Законот за управување со кризи.
II. Критериуми и услови за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија
Член 2
Критериуми врз основа на кои се прогласува кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија (во понатамошниот текст: кризна состојба) се:
- состојбата на производствените и дистрибутивните капацитети на системот за топлинска енергија во Република Северна Македонија;
- расположливите количини на топлинска енергија од домашно производство во однос на планираните потреби од топлинска енергија и прогнозите на потрошувачка на топлинска енергија и
- нарушување на пазарите на енергија.
Услови за прогласување на кризна состојба
Член 3
Услови за прогласување на кризна состојба се:
- целосно или делумно нефункционирање на дистрибутивниот систем на топлинска енергија предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии;
- траен испад на производствени капацитети за топлинска енергија поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на топлинска енергија и/или неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на топлинска енергија;
- недостиг на топлинска енергија и
- непредвиден значителен пораст на цената на енергенсите за производство на топлинска енергија за одреден временски период.
Комисија за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија
Член 4
(1) Постојаното следење, анализирање и проценување на состојбата на пазарот на топлинска енергија во Република Северна Македонија врши Комисија за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија (во понатамошниот текст: Комисија) формирана од министерот надлежен за работите од областа на енергетиката (во понатамошниот текст: министерот), составена од осум члена и тоа по еден претставник од редот на високи раководни функции во: Министерството надлежено за работите од областа на енергетиката (во понатамошниот текст: Министерството), Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: РКЕ), еден преставник од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и пет претставници од носителите на лиценци на пазарот на топлинска енергија.
(2) Мандатот на членовите на Комисијата изнесува четири години.
(3) Со работата на Комисијата раководи претседател кој од редот на членовите на Комисијата од ставот (1) на овој член се назначува од страна на министерот.
(4) Комисијата донесува Деловник за својата работа.
(5) Комисијата ја свикува претседателот на Комисијата, а се свикува и по барање на најмалку еден член на Комисијата.
(6) Комисијата особено ги врши следниве работи:
1) врз основа на доставените анализи од член 5 став (1) од оваа уредба, врши проценка на состојбите со снабдувањето со топлинска енергија во Република Северна Македонија;
2) изготвува и доставува до министерот информација во којашто е содржана проценката на ризик од настанување на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија;
3) ја следи состојбата со погонската подготвеност на системите за производство и дистрибуција на топлинска енергија и му предлага на министерот преземање на мерки за обезбедување на сигурноста во снабдувањето со топлинска енергија;
4) ја следи состојбата на пазарот на топлинска енергија во Република Северна Македонија и во соработка со носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности на пазарот на топлинска енергија и му предлага на министерот преземање на мерки за ублажување на нарушувањата на пазарот на топлинска енергија и
5) ги разгледува плановите за постапување во кризна состојба изготвени од операторите на дистрибутивните системи кои се доставуваат до Министерството за нивно одобрување согласно Законот за енергетика (*).
Проценка на ризик за настанување на кризна состојба
Член 5
(1) Проценката на ризик за настанување на кризна состојба се изготвува од страна на Комисијата врз основа на анализите подготвени од операторите на дистрибутивните системи за топлинска енергија, во соработка со останатите учесници на пазарот на топлинска енергија, за:
1) настанување на целосно или делумно нефункционирање на дистрибутивниот систем на топлинска енергија предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии,
2) настанување на траен испад на производствени капацитети за топлинска енергија поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на топлинска енергија,
3) можност за користење на алтернативно гориво за производство на топлинска енергија,
4) недостиг на топлинска енергија и
5) состојба на пазарот на топлинска енергија.
(2) Проценката за настанување на целосно или делумно нефункционирање на дистрибутивниот систем од став (1) точка 1) на овој член се прави врз основа на анализите и информациите добиени од операторите на дистрибутивните системи на топлинска енергија.
(3) Проценка за настанување на траен испад на производствени капацитети од став (1) точка 2) на овој член се прави врз основа на анализите и информациите од производителите на топлинска енергија.
(4) Проценка на можноста за користење на алтернативно гориво за производство на топлинска енергија од став (1) точка 3) на овој член се прави врз основа на анализите и информациите од производителите на топлинска енергија.
(5) Проценката за недостиг на топлинска енергија од став (1) точка 4) на овој член се прави врз основа на податоците добиени од операторите на дистрибутивните системи.
(6) Проценката за состојбите на пазарот на топлинска енергија од став (1) точка 5) на овој член се прави врз основа на доставените анализи и информации од учесниците на пазарот на топлинска енергија.
Член 6
(1) Ако е исполнет некој од условите за прогласување на кризна состојба од член 3 од оваа уредба и врз основа на проценките од член 5 од оваа уредба министерот оцени дека е потребно Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата), во согласност со Законот за управување со кризи, да донесе одлука за прогласување на кризна состојба, доставува предлог до Управувачкиот комитет формиран во согласност со Законот за управување со кризи.
(2) Ако Управувачкиот комитет врз основа на предлогот од став (1) на овој член утврди дека постојат услови за прогласување на кризна состојба го усвојува предлогот и го доставува до Владата.
(3) Владата на итна и вонредна седница го разгледува предлогот на Управувачкиот комитет и донесува одлука за прогласување на кризна состојба.
(4) По прогласување на кризна состојба Комисијата постојано ја следи состојбата и доколку пред истекот на рокот за кој е програлсена кризна состојба, состојбата на пазарот на топлинска енергија значително се подобри, Комисијата може да предложи превземените мерки од оваа уредба, да се сведат на минимум се до завршувањето на кризната состојба.
(5) По прогласување на кризна состојба Комисијата при следење на состојбата доколку оцени дека не постојат причини истата да продолжи, доставува писмен предлог со образложение до министерот.
(6) Министерот го доставува предлогот од став (5) на овој член до Управувачкиот комитет од став (1) на овој член кој врз основа на предлогот ќе и укаже на Владата на потребата од донесување на одлука за престанување на важење на одлуката за прогласување на кризна состојба.
III. Мерки што се преземаат во случај на кризна состојба
Член 7
(1) Заради создавање услови за снабдување со топлинска енергија во услови на кризна состојба, во зависност од проценките од член 5 од оваа уредба, може да се преземаат следните мерки:
1) мерки утврдени во плановите од член 4 став (6) точка 5) од оваа уредба,
2) склучување на договори за уредување на меѓусебните односи помеѓу вршителите на енергетските дејности на пазарите на енергија заради обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија,
3) ограничување на потрошувачка на топлинска енергија во согласност со член 9 од оваа уредба и
4) обезбедување на дополнителни количини на топлинска енергија.
(2) Финансиските средства потребни за реализација на мерките од став (1) се обезбедуваат од сопствени извори на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности и / или од Буџетот на Република Северна Македонија во согласност со закон.
IV. Права и обврски на носителите на лиценци за вршење на одредена енергетска дејност
Член 8
(1) Мерките за ограничување на потрошувачката на топлинска енергија при недостиг на топлинска енергија ги координираат операторите на дистрибутивните системи на топлинска енергија.
(2) Пред да започнат со спроведувањето на плановите од член 4 став (6) точка 5) од оваа уредба, операторите на дистрибутивните системи, како и производителите и снабдувачите со топлинска енергија:
1) меѓусебно соработуваат и разменуваат информации потребни за спроведување на мерките,
2) ги искористуваат сите можности кои ги имаат на располагање за обезбедување на недостигот на топлинска енергија,
3) ги известуваат потрошувачите преку средствата за јавно информирање за примената на мерките утврдени со оваа уредба, како и за предвиденото времетраење на применетите мерки, а кога тоа е можно и во пократок временски рок.
(3) Операторите на дистрибутивните системи за топлинска енергија ја следат примената на мерките од овој член и доставуваат дневни извештаи до Комисијата.
V. Начин на снабдување со топлинска енергија во услови на кризна состојба
Член 9
(1) Во зависност од настанувањето на условите поради кои е прогласена кризната состојба утврдени врз основа на извршените проценки од член 5 од оваа уредба, како и обемот на недостигот на топлинска енергија, се применуваат следните степени на ограничување на потрошувачката на топлинска енергија:
I Степен: намалување на времето на испорака на топлинска енергија на потрошувачите за два часа дневно;
II Степен: намалување на испорачаната топлинска енергија на деловни објекти и органи на државната и локалната власт за 30% во однос на потребната топлинска енергија;
(2) Операторите на дистрибутивните системи за топлинска енергија прават проценка на недостатоците на топлинска енергија и даваат предлог до Комисијата за утврдување на степенот на ограничување на потрошувачката на топлинска енергија.
VI. Завршна одредба
Член 10
Овaа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-351/1 Прв заменик на претседателот
14 јануари 2022 година на Владата на Република Северна Mакедонија,
Скопје д-р Artan Grubi, с.р.